С.Македонија ќе испрати опрема, но не и војници во Украина
1 март 2022Северна Македонија ќе донира воена опрема, но нема да испрати војници во Украина. „Одлука за испраќање на наши војници во Украина нема и нема да има“, вели министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
Земјата како членка на НАТО ќе испрати помош во воена опрема. Досега, земјава се приклучи кон санкциите кои беа изречени од страна на ЕУ и одобри помош во воена опрема и вооружување согласно побарување од украинските власти. Станува збор за класифицирани податоци, но министерката уверува дека со донацијата нема да се намалат капацитетите на македонската армија.
„Листата што беше испратена е практично испратена до сите сојузници и е многу голема, содржи многу ставки од различен профил. Она на што ние можевме да излеземе во пресрет, излеговме апсолутно“, вели министерката за одбрана.
Петровска, одговарајќи на новинарско прашање на одбележување на Денот на баталјонот на специјалните сили на Армијата, рече дека во моментов нема најава за пристигнување бегалци од Украина во Северна Македонија. Сепак, заедно со Владата се разгледуваат капацитети кои би можеле да се стават во функција.
„Рутата не се движи кон нас, но како членка на НАТО ќе понудиме капацитети согласно нашите можности“, рече Петровска.