1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северодоњецк: Живот во сенката на војната

Роман Гончаренко / Н. Домазетовиќ3 октомври 2016

Границите на сепаратистичките региони во источна Украина беа повлечени пред две години. Во овие подрачја живеат многу етнички Руси. Каков е животот денес на оние кои се наоѓаат на киевската страна?

https://p.dw.com/p/1K0Pz
Фотографија: Reuters//Ukrainian Presidential Press Service/M. Palinchak

Иако војната се одвива 200 километри подалеку, таа ве „допира“ веднаш штом ќе го напуштите градот Харков во источна Украина. Преполн со дупки, автопатот М-03 веќе станал воен пат. На патот можат да се видат воени камиони кои пренесуваат топови и конвои од товарни камиони кои се движат на исток. Дел од билбордите покрај патот покажуваат реклами за украинската армија, а другиот дел - реклами за евтин автобуски превоз до Москва. Додека стигнете до градот Славјанск, а и претходно, последиците од војната стануваат видливи: остатоците од бомбардираниот мост се застрашувачки спомен на борбите кои тука сѐ уште се водат.

Пред точно две години, на почетокот на септември, Украина го потпиша првиот договор за прекин на огнот со проруските сепаратисти во Доњецк и Луганск. Истиот траеше неколку недели, но фронтот кој се отвори потоа остана ист. Линијата на фронтот поминува низ области населени со голема популација на етнички Руси, повеќе од третина. Каков е животот денес за луѓето кои живеат на киевската страна од фронтот?

Ukraine Slowjansk Gesprengte Brücke
Мостот во Славјанск е разнесен во 2014 годинаФотографија: DW/R. Goncharenko

Недовербата кон Киев

Со цел да дознаеме, патуваме во Северодоњецк, индустриски град со околу 130.000 жители кој во септември 2014 година стана привремен главен град на регионот Луганск кој е контролиран од Киев. Градот бил основан во 1950 година, кога Советскиот сојуз одлучил тоа место да го претвори во седиште на хемиската индустрија. Хоризонтот над градот е исполнет со оџаците на фабриката „АЗОТ“. Тоа е најголемата фабрика во Северодоњецк. Пред војната во неа главно се произведуваше земјоделско ѓубриво. Сега не се користи.

Во поновата украинска историја, Северодонњецк е познат како упориште на сепаратистите. За време на прозападната „Портокалова револуција“ на крајот од 2004 година, проруските политичари од истокот и југот на земјата одржаа конгрес во овој град и се заканија дека ќе се отцепат од Киев. Десет години подоцна градот е дел од т.н. „Граѓанска република Луганск“. Локалните сепаратисти ја избегнаа украинската армија и немаше поголеми борби.

Оттогаш, во градот се веат сино-жолти украински знамиња, но располижението меѓу луѓето не е толку јасно. Се чини дека многу од нив не ѝ веруваат на новата влада или се чувствуваат како Киев да ги игнорира. Ова станува очигледно во приватните разговори, кои се водат неофицијално. Една повозрасна жена, која во Северодоњецк дошла од Сибир во време на Советскиот сојуз, со гнев во својот глас објаснува како украинските војници ги впериле пушките кон неа во 2014 година. Таа мисли дека Киев, а не Москва е виновникот за конфликтот.

Еден локален политичар претпоставува дека многу луѓе во регионот се чувствуваат исто. Повеќе од половина од жителите се проруски настроени, вели тој. „Опозицискиот блок“ победи на многу избори. Оваа политичка сила се создаде по дезинтеграцијата на проруската Партија на регионите.

Ukraine Chemiewerk AZOT in Sewerodonezk
Фабриката „АЗОТ“ сега не се користиФотографија: DW/R. Goncharenko

Речиси половина од училиштата се руски

Дали Русите во Украина се под закана како што постојано се слуша од Москва? Дали насилно се „украинизираат“? Се чини дека се случува обратното. Впрочем, на украинскиот јазик му треба заштита. На улиците на Северодоњецк речиси постојано се слуша руски. Од 21 училиште, 8 изведуваат настава само на руски јазик. Едно од овие училишта е Училиштето број 18. „Имаше сугестии дека треба да имаме предмети на украински јазик“, вели директорката на училиштето Наталија Фоменко. „Но таквата иницијатива не помина, бидејќи немаше доволно интерес од родителите. Добивме помеѓу 3 и 5 апликации“.

Но, директорот на училиштето ни кажува за инцидент кога проукраински невладини организации сакале да вршат неформални проверки во училиштето. „Некој им кажал дека сум сепаратист“, изјави таа. „Две жени дојдоа да зборуваат со учениците од 11 одделение. Бев доста вознемирена, бидејќи меѓу нив имаше млади луѓе кои избегале од Доњецк и Луганск, и тие имаат почувствителни ставови околу целата ситуација“, вели Фоменко. Сепак, сѐ поминало без проблеми, на крајот дури и се забалагодариле за „одличната просветна работа“.

Ukraine Musikfachschule in Sewerodonezk
Оља Булекова (л.) и Наталија ФоменкоФотографија: DW/R. Goncharenko

Музичкото училиште - прибежиште од војната

Рускиот јазик и култура можат да се искусат во познатото училиште во Северодоњецк кое го носи името на познатиот советски композитор Сергеј Прокофјев.

Мнозинството од учителите работат на руски јазик, особено кога се работи за предмети од областа на музиката. „Единствен инструмент кој се изучува на украински јазик е бандурата (украински жичен инструмент, н.з.)“, вели заменик директорот, Натала Јурченко. Од 160 студенти, само една девојка зборува украински јазик и во секојдневниот живот. „Тешко е да се каже која култура ни е поблиска“, вели Оља Булекова, која предава историја и филозофија на украински јазик.

Кога разговорот се сврте кон Русија и војната во источна Украина, двете учителки станаа внимателни. Дали Русија е агресор? „Тешко е да се верува во тоа“, вели Јурченко. Булекова додава дека музичкото училиште е „аполитичен остров“ кој ѝ одолеа на војната. „Кога ќе дојдете тука, можете длабоко да земете воздух и едноставно да се исклучите. Додека однадвор се слушаа громогласните топови, ние внатре одржувавме државен испит“, се присетува учителката и се смее.

Има и придобивки за градот кој живее во сенка на војната. Музичкото училиште во Северодоњецк никогаш претходно не одржало толку многу концерти за локалното население колку што одржале во последните две години, вели Булекова. Билетите секогаш се распродадени.