1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вакцини во ЕУ ќе има на претек

Барбара Везел
26 февруари 2021

Водечките менаџери од фармацевтската индустрија во Европскиот парламент признаа проблеми при масовната продукција на вакцини. Но, по надминувањето на почетните тешкотии, ветените количини сепак ќе бидат испорачани.

https://p.dw.com/p/3pxg7
Deutschland Biontech startet Impfstoffproduktion in Marburg
Фотографија: BioNTech SE 2020/dpa/picture alliance

„Фармацевтските претпријатија мора да ги почитуваат склучените договори“, предупреди претседателот на надлежната комисија во Европскиот парламент на почетокот од сослушувањето на шесте менаџери, поканети да ја образложат дистрибуцијата на вакцини против коронавирус или плановите кои се однесуваат на ЕУ. „Сега почнува борбата за масовна продукција“, истакна Паскал Канфин. Зашто, откако во рекордно време беа развиени неколку вакцини, Европската комисија и земјите членки на ЕУ се жалаат на намалени лиферувани количества.

Како парче сапун

Гневот на европратениците во прв ред беше насочен кон Паскал Сориот од АстраЗенека, чија најава до партнерите од ЕУ дека во првата половина од 2021 година веројатно ќе испорача само половина од договорените количини, предизвика револт. „Жалиме за малите резултати во нашите европски производни погони“, рече Сориот, истовремено ветувајќи дека дефицитите ќе бидат избалансирани со пратки од другите погони надвор од Европа. 

Во Европарламентот менаџерот меѓутоа се концентрираше на опишување на проблемите кои ги носи процесот- во една година од научен развој на една вакцина да се премине на масовно производство. „Вообичаено, тоа е процес долг неколку години, но предизвиците се од преоден карактер“, вети тој.

Како германски фирми профитираат од корона-вакцинацијата

Сориот и неговите колеги клучот го гледаат во заедничката соработка – споедлување на знаењето со нови партнери и барање дополнителни производни капацитети: „Урсула фон дер Лајен треба да ни верува, мобилизираме сѐ можно и ги зголемуваме капацитетите во ЕУ“, рече Сориот. Но, на упорното прашање на еден пратеник – зошто АстраЗенека на почетокот на производството речиси исклучиво испорачуваше вакцини само во Велика Британија, иако истовремено имаше склучен договор со ЕУ, менаџерот не даде јасен одговор.

Повеќе на темата:

ЕУ- самит: Вакцинирањето е најголем приоритет

Кога ќе има вакцина против мутираниот коронавирус? 

АстраЗенека – непопуларната вакцина

Што можат, а што не можат да направат вакцините против Ковид-19

Тој постојано зборуваше за тешкотиите на масовна продукција – обезбедување апарати и наоѓање стручен персонал. На крајот вети: „Најголем дел од дозите произведени во ЕУ, ќе останат во ЕУ“. Сориот не навлезе во тоа дали во ЕУ, согласно потпишаниот договор, ќе се лиферуваат и вакцини произведени во британските погони. „Вие сте како парче сапун“, му префрли на менаџерот пратеничката Силвиа Модиг, чувство кое очигледно го делеа многу нејзини колеги европратеници.

Производство со забрзување од нула на сто

Пологични звучеа излагањата на Стефан Бенсел од Модерна: „Бевме фирма со 800 вработени, пред една година на пазарот воопшто немавме вакцина“, ги објасни тој проблемите на претпријатието. Вакцината на Модерна, исто како и таа на Бионтек/Фајзер е базирана на нова технологија, тн. мРНК, која во телото предизвикува имунолошка реакција.

Вакцината се произведува по налог кај интернационалниот производител на вакцини, фирмата Лонза во Швајцарија, производот се финишира во шпанско претпријатие и крајно се полни во ампули во Белгија и оттаму се лиферува. Бенсел кажа јасно – Модерна е всушност новајлија на пазарот, кој долги години вршел само научни испитувања.

Во меѓувреме американската фирма нарасна на 1300 вработени, од кои само мал дел се инженери кои го обучуваат кадарот во Лонза, само за тоа биле потребни два до три месеци.

И Модерна најави намалени испораки до 25 %, ветувајќи исто така дека тие ќе се зголемат штом процесите влезат во колосек. Добрата вест од Модерна беше што вакцината е ефикасна и против британскиот сој на коронавирусот. Кај инфекциите со јужноафриканската варијанта, количеството на антитела по вакцинацијата навистина се намалува, но сепак е доволно да спречи хоспитализација или тежок тек на болеста.

Доставени првите вакцини од програмата Ковакс

В лето стигнуваат нови вакцини

Менаџментот од Џонсон и Џонсон, чија вакцина тукушто доби одобрение од американсата агенција за лекови ФДА, уште чека на дозвола за ЕУ, која се очекува на средината на март. Фирмата располага со специјализирани производни погони и планира производство од една милијарда дози годишно, истакна научниот раководител Пол Стофелс. Вакцината користи за вектор нормален вирус на настинка, значи за транспорно средство за имунолошка информација. Вакцината е помалку ефикасна од оние на мРНК принцип, но предноста е што нуди преку 80% заштита по само една доза и може да се чува во обични фрижидери.

Натамошен производител е и Кјуревак, на европска дозвола се надева на почетокот на јуни. И оваа е мРНК вакцина, а менџментот очекува тесно грло да биде масовната продукција. „Постои енормна побарувачка за неопходната опрема“, а Кјуревак работи со 15 партнери во ЕУ за како краен исход да може да произведе една милијарда дози годшно, истакна менаџерот Ханс-Вернер Хас.

Клучната порака до граѓаните во Европа, кои во бројни земји моментно очајно чекаат на вакцина, гласи: во следните месеци пристигнуваат на пазарот нови вакцини кои ќе ги отстранат тесните грла. ЕУ има порачано преку две милијарди дози вакцини од различни производители, што е повеќе од доволно за сите Европејци. Меѓутоа, се чини дека масовната вакцинација вистински ќе земе замав дури летото.