1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Седумдесет години од НОБ

11 октомври 2011

Република Македонија денеска (11.10) одбележува 70 години од почетокот на антифашистичкото востание и народноослободителната војна.

https://p.dw.com/p/12puD
Фотографија: picture-alliance/ dpa

На 11 октомври 1941 година борците од Првиот прилепски партизански одред го означија почетокот на организираното востание на македонскиот народ против бугарскиот, италијанскиот и германскиот окупатор за ослободување на земјата. Следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.

Чествувања во Прилеп

Одбележувањето на 11 Октомври започна синоќа во Прилеп, кога свечено беа отворени вратите на реновираниот меморијален музеј 11 Октомври, со импровизиран напад на градот, како потсетување на историските настани во предвечерјето на 11 Октомври кога прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев” ја нападнал тогашната бугарска полициска станица.

Elizabeta Kancevska Milevska
Министерката за култура, Елизабета Канчевска-МилевскаФотографија: DW/Stojanovski

Пред музејотм министерката за култура Елизабета Канчевска-Милеска и градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески го открија споменикот на Кузман Јосифоски Питу, идеологот на народното востание. „Со славењето и споменувањето на 11 Октомври ги изразуваме вековните борби, стремежи и надежи на македонскиот народ за сопствена држава. Денеска се поклонуваме пред опстојот, гордоста и саможртвата на сите македонски револуционери. Со гордост го отвораме реновираниот меморијален музеј ’11 Октомври 1941’, кој ќе биде автентично сведоштво за ангажманот на осумте илјади сограѓани од Прилеп и прилепско, кои дадоа искрен придонес во градењето на нашата држава“, рече Канческа-Милеска.

Впечатлива документација

Обемната поставка од документи, фотографиии, оружје во Музејот, ги следи настаните од историското минато од Илинденскиот период преку Балканските војни и Првата светска војна со најголем акцент на предвечерјето на 11 октомври, кога прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев” во три групи го изведе нападот со што почна народното востание. Во музејот е и орденот Народен херој, со кој Јосип Броз Тито го одликува Прилеп. Тука се фотографиите на борците и повеќе парчиња оружје.

Prilep Marktplatz, Mazedonien
Плоштадот во „градот херој“ ПрилепФотографија: Petar Stojanovski

Доделување на наградите „11 Октомври“

Во Собранието на Република Македонија денеска напладне ќе биде врачена државната награда „11 Октомври“ за животно дело за 2011 година, за остварувања во областа на науката, уметноста, стопанството и во други дејности од јавен интерес на државата.

Во областа на културата и уметноста високото признание годинава го добиваат балетскиот уметник Тања Вујисиќ-Тодоровска, писателот Ресул Шабани и актерот Петар Темелковски.

Во областа на заштитата на вредностите на културно-историското наследство наградата му се доделува на советникот-библиотекар Миле Бошески. Наградата „11 Октомври” за животно дело во областа на стопанството, пак, ќе ја добие стопанственикот Тихомир Чепреганов.

Автор: АТ/ миа

Редактор: Е.М.Фиданоска