Гласање за доверба на Борис Џонсон
6 јуни 2022Пратениците на британската владејачка Конзервативна партија денеска треба да гласаат за доверба на британскиот премиер Борис Џонсон, кој е мета на критики поради аферата „Партигејт“. За тоа се поднесени доволен број барања од пратениците на Конзервативната партија - 54. За да се гласа за доверба барања треба да поднесат најмалку 15% од 359 пратеници на партијата. Гласањето ќе се одвива во периодот од 18:00 до 20:00 часот по локално време (19:00 до 21:00 часот по средноевропско време), изјави изутринава Греам Брејди, претседател на надлежниот партиски комитет на Ториевците. За деталите сѐ уште се разговара.
Џонсон би можел добие доверба и да остане на функцијата, но гласањето за доверба е нов тежок удар за премиерот. Доколку пак мнозинството пратеници гласа против Џонсон, тој ќе мора да се збогува со премиерската функција.
Џонсон е критикуван жестоко и во својата партија поради забавите кои се одржувале во време на пандемискиот локдаун во Велика Британија. Поради учество на една од забавите премиерот беше парично казнет. Со тоа стана прв британски премиер кој го прекршил законот во време додека ја извршувал функцијата. Во извештај на комисија која се занимаваше со аферата, нему и на други водечки политичари - им се префрла потфрлање во извршувањето на раководните функции и тешко прекршување на корона-мерките. Борис Џонсон повеќепати се извиниво парламентот за своето однесување, но одби да даде оставка.
За да се изгласа недоверба неопходни се најмалку 180 гласови од пратениците на Конзервативната партија. Тоа е висок праг, особено ако се има предвид дека 150 пратеници од Ториевците имаат делумно платени владини функции, кои би можеле да ги загубат доколку Џонсон си замине од премиерската функција. Освен тоа, како што посочуваат експертите, во моментов нема вистинска алтернатива за Џонсон во партијата.
Ако Џонсон добие доверба, според партиските правила, една година нема да смее да се направи нов обид за гласање доверба.