1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Силен земјотрес во Италија

ЕМФ/дпа/афп/ртр24 август 2016

Централна Италија во текот на ноќта беше погодена од земјотрес со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала. Бројот на жртвите изнесува најмалку осумнаесет.

https://p.dw.com/p/1Jnzr
Фотографија: Reuters//R. Casilli

Најмногу погодени од земјотресот се местата Аматриче и Акумоли. Службата за цивилна заштита соопшти дека десет жртви има во местото Пескара дел Тронто, петмина во Аматриче, а една жртва во Акумоли. Се стравува дека бројот на жртвите ќе се зголемува.

Italien Erdbeben Amatrice
Фотографија: Reuters/R. Casilli

Градоначалникот на малото гратче Акумоли, Стефано Петручи, за телевизијата РАИ изјави дека под урнатините се уште четири лица - семејство со две деца. Улиците во местото се блокирани, а струја нема. „Сега, кога сонцето изгреа, гледаме дека е полошо отколку што стравувавме“, изјави Петручи. Еден од жителите на Акумоли за РАИ рече: „Сѐ е разурнато.“

Italien Erdbeben Amatrice
Фотографија: Reuters/E. Grillotti

И местото Аматриче е тешко погодено од земјотресот. Се претпоставува дека и тука има луѓе кои се под урнатините. „Три четвртини од местото ги нема“, оцени градоначалникот на Аматриче, Серџо Пироци.

Italien Erdbeben Amatrice
Фотографија: Reuters/E. Grillotti

Земјотресот, кој се случи во 03:36 часот изутрина, е почувствуван во регионите Умбрија, Марке, како и во главиот град на Италија, Рим. Околу еден час потоа регистриран е и втор потрес со јачина од 5,5 степени. Италија е постојано потресувана од земјотреси. Во 2009 година силен земјотрес го разурна градот Л'Аквила. Тогаш животот го загубија повеќе од 300 луѓе.

Италија: земјотресот разурна цели населби