1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Синдикатот во прангите на власта

Костадин Делимитов23 октомври 2015

Битка за послушност наместо за работнички права? Дел од синдикатите предупредува дека власта е во финален обид целосно да го поклопи Сојузот на синдикати. Притисокот на терен во предизборието, велат, е огромен.

https://p.dw.com/p/1GsxY
Фотографија: DW/N. Velickovic

Жестоки притисоци, вербални пресметки, лобирања, закани на терен. Кулминира нервозата но и турбуленциите во Сојузот на синдикатите на Македонија. Дел од синдикалното членство веќе отворено обвинува дека првиот синдикалец Живко Митревски со поддршка од власта веќе не бира средства за справување со неистомислениците. Како последен на тапет е раководството на УПОЗ, еден од најголемите гранкови синдикати кој ги обединува вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани. Еден од најактивните синдикати кој во изминатиот период јавно и гласно протестираше во одбрана на работничките права е пред сериозен предизвик да ја зачува структурата во пресрет на конгресот на кој треба да се избере нов раководство:

„Главниот протагонист на целата хајка против ова раководство на УПОЗ е Живко Митревски. Целта е да се направи упад и да се разнебити раководството. Сакаат да не замолчат бидејќи не сме продолжена рака на власта. Очигледно дека не можат да ни простат за протестот што го организиравме на 1 Мај, иако ние како синдикат излеговме да кажеме не на законот за јавна администарција и законот за судски службеници, што се чисто заложби за правата на работниците. Тие очигледно сакаа да слушнат дека законите се добри, но ние не мислиме дека е тоа така. Поради огромните притисоци на терен врз нашето членство бевме приморани да ги одложиме изборите кои беа закажани за 21 декември за еден месец. Но ако не запрат притисоците ќе донесеме и одлука тоа да биде и подолго бидејќи тоа ни го дозволува статутот. Верувајте притисокот на терен е огромен. Дефинитивно дека има поврзаност со претстојните парламентарни избори, власта очигледно сака со ова сценарио да инсталира свои послушници и поддржувачи и во овој синдикат “, вели за Дојче веле Пецо Грујовски претседател на синдикатот на УПОЗ.

Zivko Mitrevski Gewerkschaften Mazedonien
Живко МитревскиФотографија: DW

Директни инструкции од власта

Од УПОЗ предупредуваат дека на терен веќе се разработува сценарио за уривање на синдикалната структура, како што велат со директни инструкции од страна на власта:

„Преку работодавачите, судовите, се испраќаат инструкции преку мејлови како да се постапува, кои луѓе да се форсираат за синдикални претставници. Во прашање е опстанокот на синдикатот но нема да се предадеме и ќе издржиме. Подготвени сме ако треба и до две години да го одложуваме изборниот конгрес. Дури и финансиски сме моќни да го помагаме нашето членство да издржи во битката која повторувам ја водиме исклучиво за правата на работниците. Само да ве потсетам, кога бев избран за претседател на УПОЗ бев критикуван дека сум ВМРО-вец, сега кога заедно со останатите од синдикатот се бориме исклучиво за правата на работниците не обвинуваат дека сме СДСМ-овци. Им пречиме бидејќи не сме под нивна контрола“, предупредува Грујовски

Но не само овој синдикат. На сериозни политички притисоци и обиди за бескурполозна пресметка предупредуваат и од МЕСО, мултиетничкиот синдикат за образование кој неодамна буквално беше исфрлен од Сојузот. Реагираат на сериозни злоупотреби и статутарни прекршувања при носењето на одлуката во советот. Ако треба велат и ќе го тужат Митревски:

„Власта тежнее кон контрола врз се` па така и врз синдикатите. Но таа контрола во синдикатот не е апсолутна. Она што Живко Митревски сака да направи е доминантна контрола во ССМ, односно ниту најмало отстапување од неговата линија да не биде дозволена и секое отстапување од тоа да биде санкционирано. Тој делува како владин министер во рамките на ССМ и сака да нема критика на владините политики од синдикатите. Тој ја има задачата да ја елиминира критиката на антиработничките потези кои ги влече оваа Влада. Поднесовме приговор до органите на ССМ за нестатутарната одлука на Митревски и во тек сме за поднесување за граѓанска и кривична пријава против него бидејќи има очигледно кршење на статутот на ССМ и злоупотреба на службената положба. Веруваме дека правно имаме и повеќе од доволно докази за да го добиеме спорот, но најпрвин очекуваме органите во ССМ да се ослободат од стравот кој го чувствуваат кон Митревски и ќе спречат слабеење на синдикатот, односно да помине неговата одлука на лишување на ССМ од неговиот синдикат на образование“, изјави за Дојче веле Здравко Савески, генерален синдикат на МЕСО.

ССМ: тенденциозни обвинувања

За првиот синдикалец информациите за политичка вмешаност во случајот со УПОЗ се се некоректни и тенденциозни. Оттаму дури и сметаат дека организацијата станала уште подемократска со Митревски на чело, а гранските синдикати посамостојни:

Mazedonien Gewerkschaften Proteste
Вистински синдикални протести наместо „салонски“ синдикатФотографија: Petr Stojanovski

„Слободата на синдикалното организирање, е клучна компонента за која ССМ постојано ќе се бори и нема да дозволи да биде загрозено од никакви структури, автори, организации, власт и сл. Како демократска организација радува фактот што и изборот за Претседател на ССМ, но и донесувањето на други акти на Конгресот, а и на органите и телата вклучително и на Советот на ССМ се носат едногласно што доволно зборува за манифестација на единство што некој упорно сака да го наруши. ССМ во изминатиот период во услови на најтешка економска криза постигна историски резултати, иницираше и донесуваше Закон за минимална плата и други историски закони, имплементира конвенции и директиви, не дозволи отпуштања, поттикна вработувања, обезбеди зголемување на плати. Со тоа стана препознатлив синдикат во земјата и странство и за прв пат стана членка на Светската и на Европската конфедерација на синдикати. Тоа е патот по кој ќе продолжи ССМ со доследно почитување на Статутот и актите на ССМ одфрлајќи ги сите притисоци да биде вклучен во најразлични сценарија елиминирајќи ги сите притисоци и судски закани. Ова се определбите на ССМ како демократска организација кои доследно се применуваат од страна на искрено здружените синдикати во ССМ“, реагираат од ССМ.

Последните случувања во рамки на Сојузот на синдикати на Македонија само ги потврдуваат предупредувањата но и апелите од упатените и инволвираните дека наместо заштитник на правата на работниците синдикатот се претвори во приврзок и отворен поддржувач и гласноговорник на владините политики. Синдикатот веќе одамна го доби епитетот „салонски“, а се чини и со право, ако се земе во предвид фактот дека од доаѓањето на актуелното синдикално раководство јавноста ниту еднаш не беше сведок на „вистински“ протести и штрајкови за работнички права. Ваквите методи што се безмалку секојдневие дури и во најразвиените демократски држави, во Македонија веќе одамна се сметаат или пак се прават „напори“ да се сметаат за застарен и неефикасен пристап.