1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Лекари болни од Ковид и покрај вакцинацијата со Синовак

БГ /РТР
18 јуни 2021

Повеќе од 350 лекари во Индонезија се заразија со Ковид-19 и покрај тоа што беа вакцинирани со кинеската вакцина Синовак, а дел од нив мораа да бидат и хоспитализирани.

https://p.dw.com/p/3v4zP
WHO-Zulassung für chinesischen Impfstoff Sinovac Biotech
Фотографија: Chaiwat Subprasom/SOPA Images /ZumaWire/dpa/picture alliance

Најголемиот дел од заразените лекари биле асимптоматски и се во домашна изолација, но десетици завршиле во болница со висока температура и опадната сатурација. Во Индонезија во тек е нов бран на коронавирусот поттикнат од, досега, најопасната Делта варијанта, која пристигна и во Европа.

Индонезиските лекари беа вакцинирани уште во јануари годинава како дел од приоритетната група. Речиси сите добија кинеска вакцина Синовак. Сега во земјата расте загриженоста за ефикасноста на оваа вакцина против вирусот. Иако во меѓувреме стапката на смртност меѓу медицинскиот кадар во земјата драматично опадна, експертите по јавно здравје се загрижени поради растот на хоспитализациите.

„Податоците покажуваат дека тие ја имаат Делта варијантата, и не е изненадување што бројот на заразени расте, затоа што мнозинството здравствени работници во Индонезија добија Синовак, а ние сѐ уште не знаеме колку е таа ефективна против новата варијанта“, вели Дики Будиман, епидемиолог од Универзитетот Грифит во Австралија. Министерството за здравство на Индонезија и Синовак досега не ги коментираа овие информации.

WHO-Zulassung für chinesischen Impfstoff Sinovac Biotech
Речиси сите лекари во Индонезија добиле Синовак вакцинаФотографија: Donal Husni/ZumaWire/dpa/picture alliance

Премор и опуштеност

Медицинските експерти во Индонезија велат дека многу лекари во земјата се чувствуваат преморени од пандемијата, и се опуштиле по вакцинацијата честопати заобиколувајќи ги здравствените протоколи. Но, со ширењето на позаразната Делта варијанта ваквото однесување сега го зема данокот.

Најмалку пет доктори и една медицинска сестра во земјата починаа од Ковид-19 и покрај тоа што биле вакцинирани, иако еден од нив добил само прва доза. 

Во главниот град Џакарта, радиологот Пријо Сидипратомо изјави за Ројтерс дека слушнал за десетици лекари кои биле хоспитализирани и покрај вакцинацијата.  

„Алармантно е затоа што очигледно не можеме да се потпреме само на вакцинацијата“, вели тој и бара стриктно почитување на здравствените протоколи. 

И С. Македонија го чека Синовак

Деновиве во Северна Македонија се очекува главната пратка на вакцините Синовак од Кина. Граѓаните во неколку градови во земјата веќе ги добиваат првите дози од оваа вакцина благодарение на донацијата од Турција. Македонските власти нарачаа 500 илјади дози од вакцината која досега, според испитувањата, покажа различни нивоа на ефикасност. Па така, во Турција се проценува дека ефикасноста и е 90%, во Индонезија околу 65%, а во Бразил едвај 50%. 

Обете кинески вакцини кои се во употреба во С. Македонија и во светот, Синофарм и Синовак, се развиени на традиционален начин со мртви вирусни честички. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема