1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

СИПРИ: Германија засилено се вооружува

Даниел Хајнрих
27 април 2020

Ниедна друга водечка земја во светот не ги зголемила толку издатоците за војската како Германија, констатира Институтот за мировни истражувања СИПРИ. Но, далеку пред сите според обемот на воените буџети се САД и Кина.

https://p.dw.com/p/3bSCo
Symbolbild | Deutschland | Militär
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Schulze

Во светот во 2019 година се потрошени рекордни 1.917 милијарди американски долари за вооружување. Тоа е највисока сума од 1988 година, се наведува во актуелниот годишен извештај на Меѓународниот институт за мировни истражувања СИПРИ од Стокхолм. Во споредба со 2018 година, тоа е пораст од 3,6 проценти. Истовремено станува збор за најголемо годишно зголемување на издатоците за вооружување од 2010 година наваму.

За тоа придонесе и Германија, која во 2019 година за вооружување издвои десет проценти повеќе пари од претходната година. Таков силен пораст не остварила ниедна од водечките 15 земји во светот. Берлин лани за војската издвои 49,3 милијарди американски долари.

Макс Мучлер од Меѓународниот центар за конверзија во Бон (БИЦЦ) ги истражува прашањата во врска со вооружувањетона овој водечки германски институт за мировни истражувања. Во разговор за Дојче веле овој политиколог укажува на дискусијата за целта на НАТО – два процента. Имено, на самитот на НАТО во Велс во 2014 година беше решено дека издатоците за одбрана на сите земји членки на Алијансата во рок од десет години треба да се приближат кон таа цел – да изнесуваат два проценти од брутодомашниот производ. „Уште пред доаѓањето на администрацијата на Трамп, врз Германија беше вршен притисок да ги зголеми издатоците за војската. Тој притисок сега покажува резултати. Сепак, мора да се каже дека издавањата се сепак далеку од тие два процента“, објаснува Мучлер.

Русија како закана

Диего Лопез да Силва од институтот СИПРИ смета дека зголемените германски издвојувања имаат врска со тоа што „Русија се доживува како закана“. Со воени издатоци од 65,1 милијарди долари, Русија е на четврто место во светот. Тоа е речиси четири проценти од рускиот БДП. Само за споредба, Германија лани издвои за одбрана 1,38 проценти од БДП.

Лопез да Силва додава и дека владата во Берлин не е единствена која гледа опасност во Русија. Шест од водечките 15 држави во светот кои издвојуваат најмногу за вооружување, се членки на НАТО. Покрај САД, Германија, Франција и Велика Британија, тука се уште и Италија и Канада. Доколку се соберат нивните издатоци, се доаѓа до речиси половина од светските давачки за вооружување. 29-те членки на НАТО во 2019 година за одбрана издвоиле вкупно 1.035 милијарди долари.

За Макс Мучлер од центарот БИЦЦ тие бројки не се изненадување. „Издатоците за војската се ориентираат на најцрните сценарија“, вели политикологот за Дојче веле. Често во јавноста во прв план беа економските судири меѓу државите, но во заднина секогаш постои и заканата од воен судир: „Кога станува збор за напната ситуација меѓу САД и Кина на пример, не знаеме дали може да дојде и до вооружен судир. Но, војските на тие земји се спремаат и на такво сценарио и многу се успешни во своето лобирање.“

Светски рекордери САД и Кина

Воените буџети на двете суперсили се во прв план и во најновиот извештај на СИПРИ. САД во 2019 година за војската обезбедиле 732 милијарди долари, што е 38 проценти од вкупните светски трошоци за вооружување. Во последните две години американската војска вработи нови 16.000 војници.

China l Militärparade zur Feier des 70. Jahrestages der Gründung der Volksrepublik China
Воена парада по повод 70-годишнината од основањето на Народна Република КинаФотографија: picture alliance/Photoshot/L. Xiao

Истовремено, САД продолжија со модернизација на својата конвенционална и нуклеарна оружена програма. Според извештајот на СИПРИ, зголемените издатоци се поврзани и со Кина. Оваа земја во последните години изврши најзначајно зголемување на издвојувањата за одбрана. Тие моментно изнесуваат 261 милијарди долари, што е 14 проценти од вкупните светски издвојувања. Со тоа Кина е на второ место, зад САД. Од 1994 година Пекинг врши константно зголемување на средствата за вооружување, од 2010 година досега тие пораснаа за 85 проценти. Тоа се случи речиси истовремено со економскиот раст. Речиси секогаш издвојувањата се на ниво од 1,9 проценти од БДП. 

Индија ја престигна Саудиска Арабија

Покрај Кина, уште една азиска сила е на врвот на листата. Индија во 2019 година ги зголеми своите воени издатоци за околу 7 проценти, односно на 71,1 милијарди долари. Експертот за темата вооружување од институтот СИПРИ, Симон Веземан смета дека тоа е првенствено важно за геополитичкото опкружување. „Напнатата ситуација со соседен Пакистан и со Кина се главните причини зошто индиската влада драстично ги зголеми издавањата за војската“. Така, нуклеарната сила Индија ја истисна Саудиска Арабија од третото место на светската листа.

Во однос на други земји од Блискиот Исток, Кралството и натаму за оружје издвојува многу повеќе пари - 61,9 милијарди долари во 2019 година. Но, споредено со 2018 година, издатоците на Саудиска Арабија се намалени за цели 16 проценти. Во извештајот на Институтот СИПРИ се оценува дека тоа е изненадувачки, со оглед што „Саудиска Арабија и натаму ги продолжува своите воени операции во Јемен и со оглед на порастот на тензиите со Иран“. Лани во воздушни напади беа уништени важни саудиски нафтени постројки. Покрај раководството во Ријад, и САД, Германија и Франција за овие напади го обвинуваат Иран. 

Остатокот од светот заостанува

Во споредба со огромните износи на „големите играчи“, издвојувањата за војската во остатокот од светот се значително помали. Земјите од Јужна Америка во 2019 година издвоиле „само“ 53 милијарди долари. Од тоа повеќе од половината – Бразил. Земјите од југоисточна Азија заедно потрошиле 41 милијарда долари, а земјите од Африка вкупно 42 милијарди долари.