1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сириза пред раскол

Јанис Купаранис/Ж.Ацеска2 август 2015

Разијдувањата во ставовите во рамките на грчката владејачка партија се чини се непремостливи.На повидок е отцепување на левото крило на Сириза. Лидерот на партијата Алексис Ципрас повикува на поддршка за својот курс.

https://p.dw.com/p/1G8dq
Фотографија: picture-alliance/epa/O. Panagiotou

„Развод“ е најчестиот израз кој се користи во извештаите и коментарите на грчките медиуми по седницата на Централниот комитет на владејачката партија Сириза. Се зборува за „развод на рати“, за „најава за политички развод“ или „развод низ кавга“. Во јавноста владее впечаток за неизбежност од раскол во грчката левичарска партија. Јазот меѓу левото крило и партиското мнозинство веќе не може да се надмине. Во расправата пред неколку дена паднаа тешки зборови, борбите се водат без ракавици, не се реткост личните напади. И покрај емоционално исклучително вжештената атмосфера, на спомената седница првпат на еден партиски конгрес не се расправаше конкретно за прашањето на содржината на левооринтираната политика во Грција. Излезе на виделина-суштинските несогласувања во партијата веќе не можат да се туркаат под тепих.

Тврдата линија на Ципрас

Уште во средината на минатава недела можеше да се насети дека шефот на Сириза се одлучи за тврда линија против левото крило на својата партија. Главниот тон на едно двочасовно радиско интервју е дека партиската левица мора да се определи. Според Ципрас, не може да се тврди дека во никој случај не се сака соборување на владата на Сириза, а истовремено во парламентот да се гласа против преговорите за трет пакет финансиски кредити. На крајот на неделата на седницата на Централниот комитет Ципрас дополнително го заостри тонот и премина во фронтален напад. Сите оние во неговата партија кои тврдат дека раскинот со партнерите и излезот од еврозоната е реалистична алтернатива, Ципрас ги обвини или за затворање очи пред вистината или за зборување невистина. Грчкиот премиер ги повика своите противници гласно и без заобиколувања да кажат што точно сакаат.

Griechenland Energie- und Umweltminister Panagiotis Lafazanis
Панајотис Лафацанис, предводник на „левата платформа“Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Панајотис Лафацанис, предводник на „левата платформа“ и министер за енерегија додека не даде отказ, тоа и го направи. Тој зборуваше за „диктатура на еврото“ и ги обвини своите партиски колеги-приврзеници на останувањето во еврозоната, дека од еврото направиле „религиозна догма“. За Лафацанис излезот од еврозоната не значи вовед во катастрофа. Со воведувањето национална валута, тврди тој, практично би можело да се осигураат 35 милијарди евра на штедните сметки во грчките банки и да се смета на десетици милијарди во банкарските сефови.

Задоцнети расправи

Мнозинството членови на Централниот комитет на Сириза не можат да ја следат оваа логика. Тие го прифатија предлогот на Ципрас за свикување вонреден избирачки конгрес во септември со дневен ред-расправа за стратешката ориентација на партијата. Значи, во момент кога преговорите со Европската комисија, ММФ и Европската централна банка за третиот пакет финансиска помош веќе би требало да бидат завршени. Но, до тоа можеби нема ни да дојде ако „Левата платформа“ ја напушти Сириза. Во една декларација објавена во петокот утрото, таа наведува дека свикувањето вонреден конгрес откако грчкиот парламент даде зелено светло за третиот пакет, нема никаков смисол. Зашто, во таков случај, се наведува, партиските делегати на конгресот би биле ставени пред свршен чин и би морале да гласаат за договор кој во „најголема мерка е штетен за земјата“. Ваквиот развој на настаните во Сириза не е изненадувачки. Го прогнозираа многумина упатени посматрачи на грчката политика. На Сириза сега и‘ се одмаздува тоа што за неколку години речиси десеткратно го зголеми својот изборен резултат. И тоа не по сопствена заслуга, туку профитирајќи од неуспехот на владејачките партии Нова демократија и ПАСОК. Тој процес течеше толку брзо што некогашната маргинална партија немаше време за сериозни внатрепартиски дискусии во кои би се одговорило на прашањето: „Што значи левичарска владејачка политика?“И тоа не само во Грција, туку во една членка на еврозоната, најразвиено подрачје на слободната пазарна економија.