1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сириза ќе бара нови преговори за долговите

Јанис Пападимитриу/бг8 јануари 2015

Доколку во Грција на власт дојде Сириза ќе бидат испочитувани обврските кон кредитните доверители, вели во разговор за Дојче веле економскиот експерт на оваа партија, Јоргос Статакис. Но, ќе се бараат нови преговори

https://p.dw.com/p/1EGaP
Фотографија: Reuters/Juan Medina

Економистот Јоргос Статакис важи за умерен глас во грчката левичарска алијанса Сириза, со докторат во Велика Британија. Во оваа партија, тој е одговорен за економската политика. Сириза во моментов има добри шанси, по вонредните парламентарни избори на 25 јануари, да стигне до формирање влада. За разлика од моќното лево крило на Сириза околу математичарот Панајотис Лафазанис, економистот Статакис тврди дека својата земја сака да ја задржи во еврозоната.

Меѓутоа, Статакис повикува на повторно преговори за условите на меѓународните кредитори кон Грција. „Секако дека Сириза сака да ги исполни обврските на Грција. Предусловот е тоа да се стори на одржлив начин за да не се поткопа социјалната и економската обнова на земјата“. Статакис наведува три аспекти кои се од значење за можни преговори на левичарската влада: Прво, на Грција треба да и‘ се овозможи да има одржливи долгови. Грција се наоѓа во должничка стапица и нема ниту говор за економско опоравување. Второ, актуелните кредитни договори би морале да бидат заменети со програма за стопански раст. И трето, во јавната управа и даночниот систем мора да се спроведат темелни реформи.

Поголема даночна правда

Грчките кредитори веројатно ќе ја поддржат последната точка. По четири години реформи, финансиската управа е модернизирана, но даночниот систем и натаму е доста нејасен и се менува, во зависност од буџетската состојба. Покрај тоа, гонењето на тешките случаи на затајување данок многу често стагнира. Статакис вели дека Сириза токму тоа сака да го подобри: „Ние ќе го направиме даночниот систем поефикасен и поправеден“. Особено на мета ќе бидат богаташите кои избегнуваат да плаќаат данок во Грција.

Со поголемите приходи од даноците потоа ќе можат да се финансираат и обемните социјални програми на идната левичарска влада: подигнување на минималната плата на 750 евра месечно, зголемување на границата на приходите ослободени од плаќање данок на 12 илјади евра годишно и додатоци за станарина и комуналии за сиромашните семејства.

Многумина критикуваат дека Сириза им дава лажна надеж на избирачите. „Сите мерки за помош предвидени во нашата изборна програма ќе чинат максимум по 900 евра месечно- по домаќинство. Ние се фокусиравме на најсиромашните слоеви на општеството, кои мораа да поднесат најголеми жртви поради политиката на штедење. Би ве потсетил дека според последните статистички истражувања- 34 отсто од Грците живеат под границата на сиромаштија“, вели Статакис.

Giorgos Stathakis von der Partei Syriza
Јоргос СтатакисФотографија: DW/J. Papadimitriou

Во потрага по сојузници во ЕУ

Во грчката изборна кампања контроверзно се дискутира прашањето: дали во случај на победа на грчките левичари можат да се очекуваат симпатии во ЕУ. Германската опозициска партија на Левицата важи за сојузник на Сириза, но таа поддршка е мала кога станува збор за новите преговори за кредити. „Сириза нема апсолутно никакви врски со владејачките партии во Европа“, констатираше неодамна во едно интервју грчкиот вицепремиер Евангелос Венизелос.

Статакис поинаку гледа на нештата. ЕУ во моментов е веќе поделена: на оние членки кои сакаат доследно да продолжат со политиката на штедење и оние кои се за помалку цврст фискален пакт и полабава монетарна политика на Европската централна банка. „Ние спаѓаме во овие вторите. Во таа смисла Сириза не е осамена, туку дел од поширок спектар на политички сили кои доаѓаат и сакаат да доведат до промени во ЕУ“, вели тој.

Како сојузници на идната левичарска влада, Статакис ја гледа дури и Европската централна банка во Франкфурт, откако нејзиниот претседател Марио Драги широко ја отвори вратата за купување на државни обврзници. „Секако дека ние ја поддржуваме иницијативата на ЕЦБ во борбата против дефлацијата и рецесијата. Сега треба да се утврди обемот и попрецизни услови за интервенција на ЕЦБ“, вели Статакис. А тоа дека Грција ќе има корист од интервенцијата на ЕЦБ, тој во тоа воопшто не се сомнева.