Асад сака реизбор среде граѓанска војна
30 мај 2014Зошто претседателот Башар ал-Асад дозволува избори среде граѓанска војна?
Сирискиот властодржец, покрај огромната критика, цврсто се држи до одлуката дека изборите треба да се одржат на 3. јуни. Излегувањето на избирачките места би требало да даде легитимност на неговото владеење, објаснува Џулиен Барнс-Дејси, експерт за Блискиот исток од Европскиот совет за меѓународни односи (ЕЦФР). „Тоа ќе му овозможи на Сиријците и на светот да им каже дека тој има нов мандат и оти прашањето за пренесување на власта на некој друг е потполно апсурдно“, вели овој стручњак во разговорот за ДВ. Тој смета дека овој изборен процес без сомнение е еден вид измама.
Како реагираат сириските опозициски групи?
Сириската национална коалиција, како главна организација на опозицијата и на бунтовничките групи, на изборите гледа како на фарса. „Режимот на Асад никогаш всушност не е избран, но оваа семејна диктатура се одржува на власт веќе 44 години“, соопшти оваа организација. Бидејќи, пред Башар ал-Асад владееше неговиот татко Хафез. Сириската национална коалиција нагласува дека во момент кога една третина од населението е раселено не можат да се одржат вистински избори.
Како реагира меѓународната јавност?
Западот и многу арапски земји решително ги отфрлаат изборите. Групата „Пријатели на Сирија“, во која спаѓаат Германија, Франција и САД, ги осудуваат изборите и ги сметаат за нелегални, бидејќи на тој начин владетелите во Дамаск го прекршуваат мировниот договор постигнат во Женева. „Пријателите на Сирија“ ги гледаат изборите како „пародија на демократија“.
Кои се кандидати на овие избори?
На гласачките ливчиња ќе има три имиња: актуелниот претседател Башар ал-Асад, поранешниот министер Хасан ал-Нури и пратеникот Махер ал -Јаџар. Реизборот на Асад е речиси сигурен. Барнс-Дејси вели дека Асад со двајцата кандидати сака да го сигнализира следново: „Погледнете, имаме повеќе кандидати и ова се легитимни избори. И не е наша вина ако опозицијата одбие да учествува“. Меѓутоа, за сирискиот активист за човекови права Мустафа Хаид кандидатите за изборите се само статисти: „Бидејќи, најмалку еден од нив двајцата рече дека Асад е негов лидер и дека ќе работи онака како што тоа денес го прави Асад“, критикува Хаид. Претставниците на опозицијата во егзил, и кога би прифатиле, не би можеле да учествуваат на изборите, бидејќи во изборниот закон стои дека оние кои сакаат да се кандидираат на претседателските избори мора да имаат живеено во Сирија во последните 10 години.
Каде воопшто може да се гласа?
Тоа што бунтовничките групации одбиваат да учествуваат на изборите, значи дека својот глас можат да го дадат само Сиријците и тоа на териториите кои се под контрола на Асад. А ни бегалците кои се наоѓаат во или надвор од Сирија нема да можат да гласаат, вели Барнс-Дејси. Многумина пак се прашуваат зошто воопшто да гласаат кога победата на Асад без сомнеж е гарантирана.
Сиријците кои живеат во странство можат да гласаат на 28. мај доколку пред тоа се регистрирани во амбасадите на земјата. Во земјите како Либан и Бразил тоа е изводливо. Германија и Франција пак такво нешто не дозволуваат. Сириската национална коалиција ја поздравува одлуката на Германија и Франција.
Какво значење имаат изборите на натамошниот конфликт?
Активистот за човекови права Хаид смета дека дискусијата во врска со можно политичко решение во овој случај би можела да биде само потешка. Бидејќи, Асад, кој на овој начин си обезбедува нов мандат, потполно ја затвора вратата за дијалог. Хаид прецизира дека така, како единствена можност останува само засилување на борбата. За Барнс-Дејси изборите, кога ќе се погледне на борбите и длабоката поделба на општеството, се секундарни. А влијанието на резултатите пред сѐ ќе се одиграат на бојно поле.