Сирија предаде комплетен список на своето хемиско оружје
21 септември 2013Една недела по постигнатата согласност меѓу САД и Русија за планот за разоружување на Сирија, раководството во Дамаск го исполни првиот услов. Кусо пред истекот на рокот поставен од страна на Вашингтон и Москва , арапската држава на Организацијата за забрана на хемиското оружје (ОPЦВ) во Хаг, и‘ достави листи за нејзиниот целокупен арсенал за хемиско оружје. „Овие документи сега се проверуваат“ соопшти оваа партнерска организација на ОН.
САД и Русија минатата недела (14.09) му дадоа рок од седум дена на сирискиот претседател Башар ал-Асад да ги обелодени количествата на хемиско оружје на неговата земја. Предвидено е оружјето да биде ставено под меѓународна контрола и да биде уништено. Инаку, состанокот на Организацијата за забрана на хемиското оружје, на кој треба да биде договорен почетокот на програмата за уништување на сириското хемиско оружје, требаше да се одржи утре (22.09), меѓутоа е одложен на неодредено време поради барањето на Сирија да се придружи на Конвенцијата за забрана за употреба на хемиското оружје од 1993 година. Сирија, имено, е една од седумте земји кои не пристапија кон конвенцијата од 1997 година, која ги обврзува потписниците да ги уништат резервите од своето хемиско оружје.
Сириската опозиција, во меѓувреме, го отфрли предлогот иранскиот претседател Хасан Рохани за посредување во сирискиот конфликт како „несериозен“. Преку неговата политичка, воена и економска поддршка за режимот на Асад , Иран и самиот е дел од проблемот, соопшти Сириската национална коалиција. Иранскиот претседател Хасан Рохани во текст објавен во американскиот весник „Вашингтон пост“ претходно порача дека неговата влада е подготвена да „посредува во дијалогот“ меѓу сириските власти и опозицијата