1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите го чекаат историскиот договор меѓу Атина и Скопје

12 јуни 2018

„Република Северна Македонија“ со превод на англиски, опсег на употреба ерга омнес, „македонски“ јазик со превод на англиски јазик, се дел од договорот, тврдат грчки медиуми

https://p.dw.com/p/2zKZf
Flaggen von Griechenland und Mazedonien
Фотографија: Colourbox

Телефонскиот разговор што денеска претпладне треба да се реализира меѓу македонскиот и грчкиот премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас може да резултира со „историски договор“. Надежта за ваков исход  ја изрази лично премиерот Зоран Заев во синоќешното интервју на ТВ „Телма“, најавувајќи ја можноста Македонија да добие фер-договор.

„Веројатно мојот оптимизам ќе се оствари. Се надевам дека тоа ќе биде утре (12.6)“, најави македонскиот премиер.

Оптимизмот уследи по вчерашниот 60-минутен телефонски разговор меѓу Заев и  Ципрас, во кој двајцата дискутирале за преостанатите неусогласени прашања и биле разгледани неколку идеи за решенија. По постигнатиот напредок, денеска се очекува финален или предфинален телефонски разговор, по кој двајцата ќе соопштат дека стигнале до решение. И шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, кој синоќа во ист термин со  Заев имаше тв-интервју на домашен терен, оптимистички најави дека договорот ќе биде завршен денеска.

Повеќе на темата:

-Крај за антиквизацијата: Прво името, потоа и учебниците

-Грција бара гаранции дека Македонија ќе ги исполнува обврските

-Изморени од името

„Ние направивме одлучувачки чекор, утре ќе има нова комуникација и двајцата премиери ќе ја завршат дебатата“, изјави Коѕијас.

Der mazedonische Ministerpräsident Zoran Zaev mit seinem griechischen Kollegen, Alexis Tsipras in Sofia
Фотографија: DW/B. Georgievski

Во текст под наслов „Кон договор со 'Северна Македонија'“, „Катимерини“ објавува дека „двајцата премиери морале да спроведат серија на промени во основниот текст, кој настана како резултат од преговорите меѓу министрите за надворешни работи на двете земји, Никос Коцијас и Никола Димитров“.

Неспорен македонскиот идентитет

Заев вчера не откри детали од предлог - договорот, објаснувајќи дека ако биде постигнат, тогаш заедно со грчкиот колега ќе ги соопштат решенијата, секој пред домашната јавност, координирано и во исто време. Според „Прототема“, „грчката страна го оставила Скопје да избере една од трите имиња на Нимиц кои останале на маса“. Речиси сите медиуми најавуваат дека избраното име е „Република Северна Македонија“ со превод на англиски и други јазици и опсег на употреба ерга омнес. Јазикот бил означен како „македонски“, со превод на англиски јазик, и со фуснота дека и припаѓа на словенската група јазици, што би требало да значи јасна дистинкција дека нема никаква врска со јазикот на античките Македонци.
„Грчката страна, всушност, никогаш не преговарала за промена на името на јазикот наречен 'македонски'. Како што е познато, Никос Коѕијас ова го поткрепи со тврдењето дека таа битка е изгубена уште во 1977 година во ОН“, пишува „Прототема“.

Весникот објавува дека „Скопје побарало преоден период од две години за да ги спроведе уставните промени, Атина сметала дека рамката е голема и дека е доволна една година, па најверојатно ќе се согласат за трок од 18 месеци, бидејќи грчката влада е подготвена да се согласи за средно решение“.
Според „Протоема“, западните влади постојано комуницирале со двајцата премиери за да посредуваат со цел да бидат надминати разликите во последен момент.

„Вчера во раните попладневни часови во владината зграда имаше зголемена мобилност. Посетата на Никос Koѕијас во кабинетот на премиерот, какои изјавата на Заев дека е прашање на време комуникацијата со Ципрас, ги најави случувања. Часовникот покажуваше дека е 15 часот, кога телефонот заѕвони (...) За време на разговорот се дискутирало за целиот договор од 20-страни. Дополнително, двајцата премиери се согласиле да ја заштитат содржината на нивниот разговор од публицитет, но од особен интерес се три факти: Прво, комуникацијата траела цел час. Второ, тие се договориле за нов телефонски разговор. Трето, македонскиот премиер го информирал својот грчки колега дека ќе има тв - интервју, ветувајќи дека нема да даде детали за договорот“, објави „Прототема“.
Ако денеска се затворат сите прашања, според весникот, ќе се договори средбата за потпишување на Преспанскиот договор, во петок или деновите од викендот.
 

Обвинувања за тајна дипломатија

По разговорот со Заев, Ципрас контактирал со Панос Каменос. Ако со денешната телефонска комуникација се дојде до договор, Ципрас ќе реализира средба прво со претседателот на државата а потоа и со партиските лидери, за да ги информира за договорот. Владејачката партија „Независни Грци“ на Панос Каменос за денеска најави прес-конференција, наводно „за партиски прашања“. Но медиумите очекуваат да се осврне и на прашањето за името, со оглед на нивното противење во компромисното име да биде содржан терминот Македонија, иако не е исклучено и одредено ретерирање.

Опозициската „Нова демократија“ и вчера ја критикуваше Владата „за начинот на кој се справува со проблемот со името на Скопје“.
„Владата ја продолжува тајната дипломатија на сметка на националните интереси. Ги држи граѓаните во мрак. Ципрас нема политички легитимитет да ја обврзе земјата со договор. Премиерот мора веднаш да го извести парламентот“, обвини портпаролката на Нова Демократија, Марија Спираки.
Портаролот на владата Димитрис Ѕанакопулос и одговори со контра-прашање.
„Бидејќи г-ѓа Спираки е толку загрижена за 'тајната дипломатија', нели е време да каже какви имиња предлагала Нова Демократија во преговорите со Македонија? И со кое од нив се согласуваат денес?“, праша Ѕанакопулос.

Nationalistische Griechen demonstrieren im Namensstreit mit Mazedonien
Фотографија: Reuters/A. Avramidis