„Скандалите на Трамп станаа нешто сосем вообичаено“
29 септември 2020Во неделата вечер се чинеше дека во политички Вашингтон некоку минути застана здивот: во ексклузивен извештај кој го објави „Њујорк Тајмс“, стои дека американскиот претседател Доналд Трамп, десет од 15 години воопшто не плаќал данок на доход, а во 2016 година како и првата година како претседател платил само по 750 долари персонален данок. Извештајот покажува дека Трамп или бил бескрупулозен во избегнување да плати данок или лош бизнисмен – или, што е многу поверојатно, и двете. За појасно: еден американски граѓанин во просек плаќа 12.200 долари данок на државата, што е 16 пати повеќе од она што го платил Доналд Трамп. Претседателот веднаш ги отфрли информациите како лага, која либералниот весник ја шири само со цел да му наштети.
Непосредно пред првиот ТВ-дуел
Се чини не е случајност тоа што либералниот весник „Њујорк Тајмс кој со месеци со сите публицистички средства се бори против реизбор на Трамп, оваа новинарска бомба да ја објави непосредно пред првиот ТВ дуел, очигледно со надеж дека овие информации ќе му помогнат на противкандидатот на демократите, Џо Бајден да поентира во 90 минутната дебата во вторник (по локално време). Ова е првото од трите планирани телевизиски соочувања, кои во оваа корона-година добиваат посебно значење, бидејќи кандидатите и нивните тимови речиси и да немаат јавни предизборни настани, а се очекува дека дуелот ќе го следат десетици милиони гласачи.
Предвидени се шест тематски блокови по 15 минути: Врховниот суд и конкретно наследникот на неодамна починатата судијка Рут Бејдер Гинсбург, Ковид 19, економија, расизам и насилство во градовите, досегашниот политички биланс на Трамп и Бајден, како и интегритетот на самите избори. Разузнавачките служби стравуваат дека исто како и во 2016 година други земји ќе извршат влијание.
Повеќе:
-Трамп: човекот кој не плаќа данок?
-Белата куќа ја потврди автентичноста на даночната пријава на Трамп
-Трамп е бесен, но Конгресот не доби пристап до неговите даночни изводи
Трамп со недели повторува дека гласање по пошта е несигурно и може да биде манипулирано – отворајќи пат за оспорување на евентуален пораз. Патем проверка на факти за време на дуелот не е предвидена.
„Тешко веројатно дека оваа приказна ќе го промени ставот кај гласачите, поддржувачи на Трамп“, вели Шери Берман, политиколог од Бернард Колеџ на Универзитетот Колумбија. Во екстремно поларизираниот медиумски пејсаж има многу кои речиси и да не ја пренесоа веста. Освен тоа во последниве години луѓето како да се навикнаа на многу лаги и скандали. „Ова едноставно во САД веќе не е голема работа,“ смета Берман.
Доказ за итроштината на Трамп
И тоа не е сѐ: експертката смета дека е многу можно Трамп со своето даночно затајување и да поентира кај одреден дел од своите поддржувачи, бидејќи тие во неговите постапки гледаат доказ колку е паметен нивниот претседател и колку точно знае со какви трикови да извлече најголема корист за себе.
Тогаш какви се шансите Џо Бајден некако да поентира во овој многу важен ТВ дуел, кој и во САД но и во странство ќе биде пратен од милиони луѓе?
За да има вистинско влијание врз гласачите кои се сѐ уште неопределени, Бајден мора силно да се фокусира на своите јаки страни и да зборува за тоа зошто е подобар за справување со тешката економска состојба за време и по корона-кризата. Исто така треба да нагласи дека во владата ќе донесе луѓе со искуство, кои ќе бидат способни да делуваат уште од првиот ден, смета Берман. “Во 2016 во изборната кампања на Хилари Клинтон научивме дека фокусирање на негативните нешта кај противникот не пали.“
Берман е убедена дека извештајот за можните даночни затајувања на Трамп ќе натера повеќе луѓе само да кренат раменици.“Во меѓувреме сите знаат каква личност е Доналд Трамп. Но, многумина го гласаат поради неговата политика, или едноставно затоа што не ги сакаат демократите,“ заклучува Берман.