1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје ги чека сигналите од Берлин

13 јуни 2019

Од денешната средба Заев - Меркел во голема мера ќе зависат настаните на домашната политичка сцена. Без датум за преговори си ЕУ, се отвораат разни опции - од враќање на мандатот, до нови избори

https://p.dw.com/p/3KJDM
Deutschland Regierungsdelegation aus Mazedonien bei Kanzlerin Merkel
Фотографија: Government of Republic of Macedonia

Враќање на мандатот, преземање поединечна одговорност, промени во владиниот состав или предвремени парламентарни избори. Која од овие опции ќе биде „на маса“, ќе зависи од денешната средба на македонскиот премиер со германската канцеларка Ангела Меркел. Ова лично го најави премиерот Заев, во очекување дека денеска од официјален Берлин ќе добие потврда кога вратите на ЕУ ќе се отворат за преговарачкиот процес со Северна Македонија. Датумот за почеток на преговори со ЕУ не се смета за награда, туку за заслужена шанса по напредокот што го постигна земјата, а беше нотиран во Извештајот на ЕК. Во домашната јавност целото внимание е насочено кон денешната средба. Од нејзиниот исход ќе зависи „есапот“ на владејачката коалиција и на опозицијата.

Одлагањето ќе донесе негативни ефекти

Премиерот Заев, кoj вчера ја започна дводневната посета на СР Германија со учество на годишниот прием на Здружението за Источна Европа на германското стопанство, уште во обраќањето на тема „Реформите во стопанството и општеството - Патот на Северна Македонија во ЕУ“, испрати порака за очекувањата на Северна Македонија.

„Пред 10 дена добивме уште една, овој пат безусловна препорака за старт на преговорите со ЕУ. Заедно со процесот за членство во НАТО, признанијата се однесуваат и на нашите политички остварувања во добрососедската политика. Северна Македонија нема отворени прашања со соседите, а храбрите одлуки се наградени со признанието дека ние сме блескав пример во регионот“, истакна Заев во говорот.

Heiko Maas mit mazedonischem Amtskollegen Nikola Dimitrov
Фотографија: DW/B. Georgievski

Повеќе:

-Празниот ден во календарот на Меркел и Заев

-Зиддојче цајтунг: Недавање датум во јуни е засрамувачки за ЕУ

-„Не“ за Скопје би било крај на проширувањето на ЕУ

Тој потенцира дека Северна Македонија сега со право очекува одлука втемелена на постигнувањата.

„Одложувањето на таквата одлука ќе се смета за негативно и ќе има негативни ефекти. Која било друга одлука освен онаа за отворање на поглавјата за преговори негативно ќе се одрази на внатрешните политички процеси и ќе ја стави под знак прашалник стабилноста на владината коалиција. Дополнително, ќе ја разбуди разочараноста кај граѓаните, ќе го запре имплементирањето на Преспанскиот договор и ќе нанесе штета на динамиката на реформите. Тоа ќе го дополни со гориво ултранационализмот на нашите претходници во владата, нешто што јас и моите колеги го отфрливме“, рече премиерот во обраќањето.

И германските компании се препорака

Пред стопанствениците Заев потенцира и дека одлагањето на позитивна одлука за Северна Македонија ќе ги забави реформите и ќе влијае негативно на економските трендови кои во последните две години добија нагорна линија.

„Владата на Северна Македонија ја прогласи 2019 година, за година на економијата и веќе постигна одлични резултати за да го потврди тоа. Минатата година ја завршивме со рекордни директни странски инвестиции во висина од 624.5 милиони евра. Во првиот квартал земјата постигна раст на БДП од 4,1%, за разлика од истиот квартал пред две години кога земјата беше во рецесија. Се отвораат нови работни места, а невработеноста за две години од 23% падна на 17,8%“, ги информираше премиерот Заев претставниците на германските компании.

Mazedonien Skopje Premierminister Zoran Zaev begrüßt Angela Merkel
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Тој посочи дека двесте компании со германски капитал вработуваат 20 илјади македонски граѓани, што е доказ дека земјата има европски стандарди за бизнис, и дека германски компании се препорака за охрабрување на интересот и на други бизнисмени да инвестираат во Северна Македонија.

Како што соопшти Владата, на вчерашната дискусија - „20 години од Пактот за стабилност за ЈИЕ-перспективите за регионална соработка“, сите соговорници се согласиле дека Северна Македонија како пример на успешни реформи и напредок во евроатлантските интеграции, е инспирација и за останатите земји од регионот кои очекуваат на земјата да и биде определен датумот за старт на преговорите по поглавја како охрабрување и за регионот.

Поддршка од земјите - членки на ЦЕИ

На вториот ден од посетата на Берлин, на премиерот денеска ќе му се придружат и заменик- претседателот во Владата за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Димитров во Берлин доаѓа од Трст, каде вчера учествуваше на состанокот на Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Централно европската иницијатива (ЦЕИ).

„Проблем на една земја, претставува проблем за сите во регионот. Исто така, прогресот и добрите вести на таа земја, се пренесуваат и на останатите. Нашата визија за регионалната соработка е ова второто - сите да помогнат каде што има проблем, но и сите да го поддржат добриот пример“, порача Димитров.

Претставниците на земјите-членки на ЕУ во своите обраќања го истакнале како круцијално носењето на одлука за започнување преговори на РСМ со ЕУ без одлагање. На Состанокот е усвоена Декларација во која е потврдена важноста на проширувањето на ЕУ во регионот на Западен Балкан, истакнувајќи го значењето на Договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, за целиот регион.