1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје и Атина влегуваат во финишот за „Преспа“

2 јануари 2019

Во НАТО очекуваат до 15-ти февруари во двете земји да завршат сите процедури со Договорот од Преспа. Македонскиот парламент закажа седница на 9-ти јануари, а се прават подготовки и во грчкиот.

https://p.dw.com/p/3AshO
Griechenland Alexis Tsipras und mazedonischer Ministerpräsident Zoran Zaev
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Y. Karahalis

Со завршувањето на новогодишната прослава, на сцена се враќаат политичките обврски чие завршување е предвидено во првата половина на јануари. Постпразнично, и домашното, но и вниманието на грчките медиуми е насочено кон македонскиот парламент и седницата број 75, закажана за 9-ти јануари, со четири точки на дневниот ред: утврдување на предлог амандманите на Уставот, донесување на амандманите, прогласување на Амандманите, и на предлог-уставниот закон за нивно спроведување.

Тоа е последната фаза од уставните измени предвидени со Договорот од Преспа и последна обврска што треба да се реализира за негова имплементација.

Писмо од Столтенберг

Забрзана е и динамиката во Атина, каде очекуваат македонскиот парламент и порано од предвиденото да ги заврши обврските од Договорот.

„Mожно е ратификувањето на Договорот за Преспа да заврши и пред првично маркираниот датум, 15 јануари. Гласањето (за уставните измени, н.з) може да се случи дури и на денот на започнување на постапката на пленарната седница, со оглед на најавеното повлекување на опозициската ВМРО-ДПМНЕ од дискусијата. Забрзувањето на чекорите од македонска страна е во целосна координација со ритамот кој го сака и НАТО“, пишува „Катимерини“.

Весникот, повикувајќи се на „добро информирани извори“, пренесува дека НАТО сака најбрз можен процес.

„Постои писмо од Генералниот секратар на НАТО, Јенс Столтенберг, во кое се повикува на завршување на сите процедури во двете престолнини до 15-ти февруари 2019 година“, објави весникот, додавајќи дека тоа ги забрзува и активира и процедурите во Атина.

Mazedonien NATO Generalsekretär Jens Stoltenberg in Skopje
„Катимерини“ пишува дека НАТО сака најбрз можен процес - фото: Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТОФотографија: picture-alliance/abaca/AA/A. Fazlagikj

Тоа деновиве го најави и портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос. „Премиерот Ципрас по 18 јануари ќе донесе одлука кога Преспанскиот договор ќе биде поднесен за ратификација во грчкиот Парламент“, рече Ѕанакопулос, објаснувајќи дека се во тек потребните „парламентарни комбинации за ратификација на Договорот, и дека тие се интензивни“.

Минатата недела и грчки дипломатски извори за весникот „Елефтерос типос“ изразија очекување дека Договорот од Преспа меѓу Атина и Скопје уште во текот на јануари ќе влезе во процедура на ратификација во грчкиот парламент. Имајќи го предвид ова, грчките медиуми најавуваат дека ако процесот во Скопје заврши успешно, „топката веднаш ќе се префрли на грчки терен“. Но, пренесуваат и владини информации дека „премиерот Ципрас има обезбедено мнозинство во парламентот за поддршка на Договорот од Преспа“. И поранешниот шеф на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, во неодамнешното интервју за МИА изрази увереност дека грчкиот парламент има мнозинство за ратификција на Договорот од Преспа.

Повеќе: 

Се тргаат сите пречки за „Преспа“

Македонија од бајките

Последниот отпор

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе најави дека нема да учества во последната фаза од уставните измени. 

„Процесот за уставните амандмани и расправата околу нив е фарса и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во третата конечна фаза нема да учествуваат. Ваквите предлози дополнително ја поларизираат состојбата, а за тоа е виновен Заев и актуелната влада“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во претпазничното интервју за „Коха“.  

Извори од македонската влада за ДВ потврдија дека се очекува во Атина во ист ден да се одржи и гласањето за Договорот од Преспа, и ратификацијата на протоколот за членството на Македонија во НАТО. Веруваат дека претходно процесот успешно ќе заврши во Скопје и дека ќе има двотретинско мнозинство „и нешто повеќе од тоа“.

Mazedonien Besuch Wess Mitchell in Skopje | mit Nikola Dimitrov, Außenminister
Димитров: Апсолутно го постигнавме најдоброто што беше можноФотографија: Mazedonien Außenministerium

Запрашан какво е чувството денеска, неколку месеци по потписот на Договорот со Грција, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во интервју за МИА одговори: „Без помпи, без триумфализам, туку едно мирно, сигурно, достоинство и со чиста совест го извлековме најдоброто за Македонија. Во дадените околности апсолутно го постигнавме најдоброто што беше можно. Имаше мигови на длабоко и тешко преиспитување, консултирање, но самиот ден на потпишување на Договорот сите дилеми беа исчезнати“.

Тој  изрази жалење што раководството на опозицијата одлучи активно да не учествува во референдумот зацртан во нивната партиска програма.

„Со тоа одговорноста се префрли во Собранието создавајќи дополнителен предизвик и обврска при обезбедување поддршка на Договорот. Моментот е историски, и бара голема мудрост и одговорност и визија од сите чинители на процесот (...) Убеден сум дека со фер политика и транспарентност повеќето граѓани од двете страни ќе го постават истото прашање за неколку години - зошто не го сторивме тоа многу порано?“, вели Димитров.

Но, противниците на Договорот од Преспа деновиве ги подготвуваат последните активности со кои ќе го изразат нивниот отпор. Од „Македонија бојкотира“ за утре (3-ти јануари) е најавен протест пред домот на пратеничка од независната група на опозијата која гласаше за отворање на процесот на уставни измени, а се најавува и протест за 9-ти јануари, на денот кога парламентот ќе ја почне пленарната седница за последната фаза од уставните измени.