Скопје и Софија пред трето полувреме
17 ноември 2020Околу 240 километри ги делат Скопје и Софија. Ако се земат предвид условите на патот и чекањето на граница, таа дестинација се поминува за околу четири часа. Со автобус и повеќе од пет часа. Овој податок, кој со години се користеше како критичка илустрација за инертноста на сите владејачки елити во создавањето услови за подобра комуникација меѓу граѓаните на две земји, денес добива сосема друго значење. Тие 240 километри, какви такви, кривулести, со дупки на асфалтот или без нив, изгледаат многу понадежно, во споредба со огромната дистанца што може да се создаде меѓу двете земји, ако Бугарија стави вето на почетокот на македонските преговори со ЕУ.
Тоа е потег од кој Северна Македонија ќе претрпи сериозна штета, но ни Бугарија нема да излезе како победник. Напротив, среде Брисел, на јавна сцена ќе го полее со бензин сопствениот кредибилитет, или она што евентуално останало од него, бидејќи земјата во врвот на нејзината агенда ја стави интеграцијата на Западен Балкан, но не го докажа тоа во случајот со Северна Македонија.
Не е важно дали земјите членки на ЕУ со чудење или со потсмев гледаат на ирационалните барања на Софија, бидејќи тоа не ги решава проблемите. Но, јасно е дека тие барања не може да се спакуваат во преговарачка рамка, бидејќи не може да се преговара за право на самоопределување, идентитет, јазик. Затоа, во оваа приказна има резервирано место само за губитници - едни блокирани на патот кон ЕУ, и други кои од блокадата нема да добијат ништо, освен презир.
Еден бугарски претседател своевремено ја опиша Македонија како „најромантичниот дел од бугарската историја“. Помагајќи и’ на саканата сосетка да тргне кон ЕУ, но под услов да ги признае бугарските корени, Бугарија ризикува да се овековечи како „најтрагичниот дел од Европа“.
Дали на Северна Македонија и’ одговара тоа? Секако дека не. И’ требаат соседи кои се визионери и регионални лидери на ЕУ на Балканот, а не регионални дилери на замрзнати конфликти, на историски спорови или постојани тензии чии извори на напојување доаѓаат од минатото.
Само пред една недела во Софија се одржа Самитот на земјите од Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес. Се говореше за регионална соработка, за зелената агенда, за дигитална, транспортна и културна поврзаност, и за процесот на проширување на ЕУ кој еден ден успешно треба да го завршат шесте земји од Западен Балкан.
Ако Северна Македонија сега не успее ни да го почне, и покрај тоа што една деценија архивира оценки од ЕК за подготвеност за тој процес, ќе биде поразително ако неуспехот се должи „благодарение“ на источната сосетка. Во моментов, дури и некоректно и несоодветно е да се тврди дека Бугарија станала „втора Грција“. Земјава не доживеа блокада од Атина по потишувањето на Договорот со Грција. Бугарија обратно: најавува блокирање по потпишан Договор за доброседство. Обвинува за неисполнување на Договорот, а неговото тежиште го става исклучиво врз работата на Комисијата за историски и образовни прашања. Од тие забелешки исплива еден наратив, кој во себе не содржи повеќе од три доминантни термини: „Тито, Коминтерната, антибугарска пропаганда...“
Во сенка на ова остана цела лепеза на неискористени можности - економска соработка, трговија, инвестиции, енергетска политика, заеднички прекугранични проекти во разни сфери, медиумска, образовна и културна соработка, со еден збор - се’ што денес ја симболизира ЕУ во нејзината поврзаност и обединетост во различноста, заради иднината, а не заради минатото.
Познато е дека брзањето е најлош советник. Во моментов, ако Бугарија брза да покаже дека има моќ за вето, дека на тој начин ќе ја дисциплинира и превоспита својата сосетка, мора да биде свесна дека го избрала најпогрешниот начин, но и да ги понесе последиците од тоа, кои сигурно ќе предизвикаат долгорочни штети за двете земји и двата народа.
Додека не е предоцна, додека не е направен чекор по кој не ќе може да се врати назад, Софија мора да најде излезно решение од оваа ситуација која сега води по еден пат – кон ќорсокак. Во тоа мора да и’ помогне ЕУ, но не помалку и Северна Македонија. Очигледно е дека оваа ситуација ќе бара и „трето полувреме“, но и ум, збор за кој не треба превод од едниот на другиот јазик.