Скопје и Софија се поврзаа и по воздушна линија
11 февруари 2022На Меѓународниот аеродром Скопје утрово во 9.40 часот пристигна авионот од Софија на авиокомпанијата „Гуливер“. Со ова се реализира првиот лет кој директно ги поврзува двата главни града на Северна Македонија и Бугарија.
„Ги поврзуваме Скопје и Софија и по воздушна линија. За само 35 минути слетавме во Скопје. Во првиот лет заедно со колегата Бочварски и со министерот и заменикот за транспорт и министерот и заменичката за туризам на Бугарија, како и со бројна делегација бугарски туроператори и новинари“, објави на социјалните мрежи министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.
Со авионот во Скопје пристигнаа македонска и бугарска делегација предводени од министерот за транспорт Благој Бочварски и од неговиот бугарски колега Николај Сабев, како и туроператори од двете држави. Бочварски и Сабев вчера во Софија имаа состанок во рамки на Работната група за транспорт, енергетика и локална самоуправа меѓу Скопје и Софија. Средбите продолжуваат денеска во Скопје.
Работните групи забрзано работат
Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека е отворен процес на дијалог со Република Бугарија во кој што беа формирани работни групи. Тие работни групи веќе почнаа со работа, првата работна група е во делот на економијата, иновациите и трговијата, која веќе ја започна работата. Политичките прашања се предмет на разговор меѓу министерствата за надворешни работи, кои денеска имаат состанок, а редовни средби одржува и мешовитата историска комисија.
„Историчарите работат според својата методологија, таму претседаваат двајца претседатели. Кога комисиите ќе имаат што да изјават, тогаш тоа останува за нив заеднички да го направат. Во однос на историската комисија, сепак, треба да се остави на историчарите според својата методологија да ги даваат изјавите. Политичарите да зборуваат за политичките прашања, а историчарите за историските прашања“, порача Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со изјавите на Драги Ѓоргиев за тоа дека смета оти Бугарите не се фашисти.
Пред денешниот состанок на експертско ниво, меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји што ќе се одржи во Софија, бугарската министерка за надворешни работи, Теодора Генчовска, за БНР изјави дека бугарската страна бара целосна примена на Договорот за добрососедство и соработка од 2017 година, како и почитувањето на правата на Бугарите во Македонија. Таа е оптимист дека може да се постигне напредок, но потсетува дека се работи за процес кој не треба да биде врзуван со конкретни датуми и зависи од добрата волја и желбата да се постигне напредок и од двете страни.