1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје ли е, Казабланка ли е?

26 август 2017

Александар Вучиќ во грубата политичка игра го стави на тенок мраз Ѓорге Иванов, а кога разузнавачите почнаа да даваат изјави по медиумите целата црна комедија се претвори во гротескна приказна

https://p.dw.com/p/2iqel
Filmstill Casablanca mit Humphrey Bogart
Фотографија: picture-alliance/United Archiv

Колку и да изгледаат со едноставна драматуршка структура и водвиљите имаат своја кулминација, а потоа брз и весел расплет. Кулминацијата и брзиот расплет на новата бура во односите меѓу Србија и Македонија ја најави српскиот шеф на дипломатијата, Ивица Дачиќ, театрално соопштувајќи дека во средата точно напладне неговиот претседател Александар Вучиќ и македонскиот премиер Зоран Заев, по телефон ќе ги растераат сите магли од чудните настани. Само не најави кој, како во култниот вестерн филм , е шерифот со голем морал Вил Кејн, а кој регионалниот криминалец Френк Милер (според белградските таблоиди тоа прашање е апсолвирано веќе половина година).

И навистина изгледаше дека кулминацијата стигна со објавувањето на заедничкото соопштение од пет точки (како да се работи за меѓудржавен договор) во кое Србија и Македонија најавуваат дека ќе работат на подобрување на меѓусебните односи, како да не се случиле ни повлекувањето на целиот персонал на српската амбасада во Скопје, како да ја немаше ни големата хајка против Заев во белградските таблоиди, како да ги немаше ни заканувачките изјави на Дачиќ (по кој знае кој пат) дека Србија ќе размисли да ја смени одлуката и Македонија да ја признава според привремената референца; па стигна и изјавата на Европската Унија во која го поздравува брзото решавање на проблемот кој се појави од никаде.   

Filmszene Zwölf Uhr mittags mit Gary Cooper
Гери Купер како шерифот Вил Кејн во вестернот „Точно на пладне“Фотографија: dpa

Тоа така изгледаше до средата попладне на малата сцена на еден мал провинциски театар, кога Балканот покажа дека има капацитети за нови заплети. Откако ВМРО-ДПМНЕ се најде погодена во изјавата на српскиот претседател во интервјуто на РТС еден ден претходно – дека „тој човек (разузнавачот Горан Живаљевиќ, кој се најде во Собранието на 27 април, н.з.) не отиде таму сам од себе, ниту ме праша мене, ниту некој друг во нашата земја, иако нам мора да ни поднесува сметка. Тој го праша највисокиот претставник на извршната власт во Македонија. Нив директно ги праша. Им рече: Јас сакам да бидам таму, дали имате нешто против, дали дозволувате? И тие беа целосно запознати со неговото присуство“ – дојде до нов заплет во наводниот шпионски водвиљ. ВМРО-ДПМНЕ, по телефонскиот разговор на Вучиќ и Заев точно напладне, соопшти дека „имајќи предвид дека сега е во опозиција, во рамките на своите можности вршеше проверки и утврди дека ниту МНР, ниту владата, ниту парламентот, ниту МВР или Агенцијата за разузнавање не добиле такво барање, ниту издале таква согласност и одобрение“, чувствувајќи дека идеолошкиот парнер и сојузник во Белград сака да ги стави на танок мраз откако пет-шест години си помагаа еден на друг.

Политички покер на соблекување

Затоа балканскиот шпионски водвиљ не завршува така брзо, речиси како едночинка. Откривањето на присуството на српскиот агент Живаљевиќ, кој имаше дипломатски агреман, е една од клучните работи во настаните на 27 април и сега се покажува дека таа приказна ќе трае уште долго и ќе им нанесува штета на многу политички актери во Македонија. Така и се случи. По разговорот точно напладне и соопштението од пет точки, по кое изгледаше дека прашината се слегнува, дојде изјавата на контроверзниот агент Живаљевиќ дека за влегувањето во Собранието го известил и добил одобрение од советникот за безбедност на македонскиот претседател, Синиша Алексовски. „Тој човек ја знаеше причината за мојот престој таму и за тоа беше известен. Мојата мисија таму не беше тајна и беше добронамерна во однос на безбедноста на Македонија во контекстот на соработката што ја имаме со безбедносните служби на Македонија. А ВМРО-ДПМНЕ намерно ја прескокнува институцијата претседател на Републиката“.

Така Белград во целата приказна за студените односи со новата влада во Скопје го втурна и претседателот Ѓорге Иванов и го посочи како главен „виновник“ за загадочното присуство на Живаљевиќ на драматичните настани во Собранието на 27 април. Во интервјуто за РТС ден претходно Вучиќ кажа и дека на самитот на претседателите од регионот на Брдо кај Крањ од него било побарано Живаљевиќ да биде повлечен од Скопје „што Србија и го направи“ за потоа тоа да било искористено за „изживување за обвинување, дека штом го повлекуваме мора да има и вина“. Така Иванов, кој не пропушта да каже во секоја пригода дека сите претседатели во регионот се негови големи пријатели, мораше набрзина да ги вади костените од жарта. Со запрепастувачка брзина по изјавата на Живаљевиќ, кабинетот на Иванов објаснуваше дека „Живаљевиќ се обратил на погрешна адреса“; дека „изјавата на Живаљевиќ е спротивна на фактите. Македонските служби не побарале услуги од него. Фактите говорат дека критичниот ден, пред да влезе во Собранието, дипломатот не побарал писмена или усна дозвола од овластено лице и надлежен државен орган, туку откако го завршил дејствието, известил за своите активности, со што не може да ја намали одговорноста за неовластен престој во Собранието". Од Кабинетот на Иванов соопштија дека советникот Алексовски „постапи согласно безбедносните протоколи, за што изготви и архивира извештаи проследени до надлежните претпоставени“ и дека „случајот со неовластениот престој на господинот Живаљевиќ во Собранието е затворен во постигнат договор меѓу службите".

Mazedonien Ljupco Popovski Journalist
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Privat

За настаните да се претворат во покер во соблекување (сетете се само на првиот американски филм на Милош Форман) во оваа црна комедија за чудните врски од шпионски вид отворените карти на маса ги фрли и советникот за национална безбедност на претседателот, Синиша Алексовски. Очигледно не разбирајќи ја суштината на улогата што ја извршува кај шефот на државата и како да е теренски разузнавач, Алексовски призна дека на 27 април имал комуникација со Живаљевиќ, но дека дека српскиот агент- дипломат преку него си обезбедувал алиби и дека му испратил своја фотографија од собраниската сала за речиси триумфално да соопшти – „оваа фотографија досега не е објавена во јавноста“.

Така мисли кабинетот на претседателот, советникот Синиша Алексовски и веројатно Ѓорге Иванов. Наеднаш тие се најдоа во средиштето на афера – ниту поранешната влада, ниту сегашниот премиер, туку претседателот, кој постојано изјавуваше дека се бори до последниот здив за интегритетот и достоинството на Македонија. А изгледа не сфати дека ќе биде искористен на првата кривина поради внатрешните политички интереси на некој од соседите, па дури и посредно да биде посочен дека работел за „нечии туѓи дворови“ за да остане пријателската партија на власт во државава, а тој да не влезе во кохабитациски маки, макар и со таков страшен инцидент во Собранието. И така, сега не е важно дека вмровски инспирираните групи како хорди навлегоа во Собранието, туку дека Горан Живаљевиќ добил дозвола од кабинетот на Иванов да влезе и да се слика со тие насилнички групи. А како и во секоја шпионска приказна станува неважно кој ја зборува вистината - дали Живаљевиќ, кабинетот на Иванов или Алексовски.

Szene aus Taking off mit Buck Henry
Сцената со покер во соблекување од филмот на Милош Форман „Полетување“Фотографија: KOCH MEDIA

Ова се видливите настани од аферата која на Скопје треба да му го фрли превезот на своевидна Казабланка од легендарниот филм. Во таа приказна се сместени многу агенти од регионален маштаб, во неа се сместени многу домашни политички интереси и во неа има прикриена игра за интересите на други. Кога пред неколку години тогашниот американски државен секретар Џон Кери изјави дека Македонија се наоѓа на линијата на огнот, тоа можеби изгледаше како претерано драматизирање. Сега полека се осознаваат обрисите на таа изјава.

Македонскиот модел

Овој стрип покер откри неколку работи. Првата е домашна, македонска. Кога разузнавачи даваат интервјуа за комплицирани политички прашања тогаш работата се тривијализира и странува гротескна. Тоа прво го направи Горан Живаљевиќ, а потоа и Синиша Алексовски. Овдешната јавност мисли дека советник за национална безбедност на претседателот на државата треба да биде многу подготвен човек како и секаде во светот, кој ќе мисли барем еден чекор понапред во регионалните кризи, дека ќе им дава политичка оценка на безбедносните прашања. Од изјавата на Синиша Алексовски дознаваме дека описот на неговите работни задачи бил да „комуницира со дипломатскиот персонал во амбасадите кои се надлежни за безбедносни прашања и соработка со службите“. Ова е ужасен аматеризам во конципирањето на кабинет на еден шеф на држава – неговата десна рака, советникот за национална безбедност, да биде надлежна за комуницирање со разузнавачите од амбасадите. Тоа е потценување на оваа важна функција и не е ни чудо зошто Живаљевиќ му се обраќал на таков начин на Алексовски – со прашања за вонредна состојба, му испраќал фотографии, овој му одговарал со „Што правиш таму?“ и слични смејурии. Објавувањето на оваа комуникација го соголува како со рентгенска снимка начинот на кој функционирале безбедносните структури, дека постои „чудно“ вмрежување со различни странски структури, дека на 27 април веројатно имало план како треба да заврши „ноќта на скршените глави“ и како потоа сите се обидуваат да се извлечат нечепнати. Добро знаеме што му се случи на Мајкл Флин поради несоодветните контакти со руски дипломати и како Доналд Трамп го отпушти по само 24 дена од местото советник за национална безбедност. Работата на Синиша Алексовски, особено по неговото јавно објаснување, е поткопана, како што е поткопан и целиот систем на функционарањето на кабинетот на Иванов. А во казабланската шема главниот удар на шефот на државата му го нанесе неговиот колега од Белград. Каменот доаѓа одблиску, како што кажува веќе митолошката секвенца од прислушуваните разговори.

Filmstill Casablanca mit Humphrey Bogart
Хемфри Богарт и Ингрид Бергман во сцена од легендарниот шпионски трилер „Казабланка“Фотографија: picture-alliance/United Archiv

Втората работа е стравот во Србија од „македонскиот модел“, како што го нарекува Флоријан Бибер од Универзитетот во Грац. Властите во Белград не престануваат да се фалат дека биле проевропски и реформски, а во основа постојано поттикнуваат нестабилност во регионот. Се сеќавате за тврдењата за „македонско сценарио“ на Вучиќ, а потоа за мистериозното откривање голем арсенал на оружје во Јужна Србија, кое, наводно, албански екстремисти имале намера да го употребат за бунт во Македонија. Приказната беше закопна исто толку брзо и невешто како што беше откопана, а ниту имаше оружје ниту албански екстремисти. Дачиќ изјави дека „ние се знаеме што се договорале и за што се договориле“. Како знаеле во Белград ако не шпионирале?

Тоа е стандардна приказна на властите во Белград ненадејно да проиведуваат кризи, а потоа да велат дека српските граѓани треба да им веруваат – дека тие имаат моќ да ги решат. Па затоа, ете средба на Дачиќ и Димитров, па најава за заедничка седница на двете влади, па економско поврзување, па заеднички чекори кон ЕУ. Се до следната изјава на Дачиќ дека Србија направила грешка со признавањето на Македонија под уставното име и гревот што го направиле спрема нивните пријатели во Грција. Едноставно кажано, Македонија стана огледало за властите во Белград, кое им изгледа како кристална топка во која можат да ја видат сопствената иднина, кога некои други сили во опозицијата ќе почнат да го поткопуваат системот кој сега изгледа недопирлив. Евентуалниот влез на Македонија во НАТО ќе ја остави Србија како остров надвор од европските безбедносни структури и врските со Русија ќе ги доведе до неподносливо ниво. Тогаш Белград ќе мора да се одлучи – или Брисел или Москва. А Вучиќ не би сакал да стигне до таа точка, затоа што ќе мора да се одлучи дали сака демократија или режим и дали сака да заврши како Груевски.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар