Скопје Прајд: Никој не е слободен додека сите не се слободни
29 јуни 2019Во достоинствена атмосфера и без инциденти заврши првиот протестен марш „Скопје Прајд“ одржан во Северна Македонија, со цел да го сврти вниманието на јавноста кон нееднаквоста, стигмата, неприфаќањето и насилството со кои се соочува ЛГБТ-заедницата во земјата. Маршот практично се совпаѓа со 50-годишнината од демонстрациите во Њујорк познати како „Бунтот од Стоунвол" кои започнаа на 28-ми јуни 1969 година, што иницираше почеток на движења за правата на ЛГБТ-заедниците ширум светот.
Повеќе: Стоунвол беше пресврт за хомосексуалците
Педесет години подоцна битката за тие права се’ уште не е завршена во земјата и регионот. Токму поради тоа протестниот марш во Скопје доби огромна поддршка и од активистите за ЛГБТ-права од Грција, Бугарија, Албанија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора, чие присуството под боите на виножитото уште синоќа беше видливо низ градот.
Денеска под полициско обезбедување тие заедно со нивните македонски пријатели маршираа кон Градскиот парк, од каде испратија повеќе пораки, меѓу кои и клучната - „Љубов е љубов".
Да станат видливи
На присутните им се обрати Каја Мор, трансродово лице од Чикаго, а родум од Струга, во стилизиран фустан со елементи од струшка народна носија, а Тамара Тодевска облечена во боите виножитото ги поздрави присутните со песната од настапот на Евросонг, „Горда" (Proud).
„Никој не е слободен додека сите не сме слободни", порача Кочо Андоновски, најавен како „човекот кој прв излезе од плакарот".
Маршот беше поддржан и со присуството на странски амбасадори, но и претставници од извршната и законодавната власт. Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, порача дека Владата сака овие маргинализирани групи да ги направи видливи, а во последните две години тоа го прави со измена на законите што ја засегаат ЛГБТ заедницата. Меѓу присутните беа и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, поранешниот министер и актуелен советник за култура, Роберт Алаѓозовски, како и поранешниот пратеник Павле Богоевски...
„Далеку сме од целосно почитување на ЛГБТ-луѓето, ама ова е многу значаен чекор во вистинска насока. Денес Република Северна Македонија е дел од семејството држави кои имаат одржано 'Парада на гордоста' на својата територија", изјави Богоевски.
Поделени реакции ги следеа најавите за одржување на „Скопје Прајд": од силна поддршка и охрабрување - до навреди и говор на омраза на социјалните мрежи. Дека предрасудите тешко се надминуваат, посведочија и жестоките реакции по завчерашната најава од ресорот здравство - дека на товар на Фондот за здравствено осигурување ќе се вршат интервенции за промена на полот. Под притисок на тие реакции најавата беше експресно повлечна, а промоторите на традиционалните вредности денеска исто така излегоа на улица.
Паралелен марш за традиционални вредности
Во ист ден со „Скопје прајд" се одржа граѓанско-верски собир за зачувување на „вистинските традиционални семејни вредности и начин на живот", кој започна пред црквата „Св. Богородица", а заврши пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски". Маршот го организираше Иницијативата „Сојуз на живот" под слоганот „Сведоштво за семејството", низ звуците на тапан и со пароли кои го отсликуваат нивниот став: „Полот и родот се биологија, а не идеологија".
„Како граѓани и верници сме тука да го засведочиме највредното за нас. Нашата порака до луѓето кои ги носат одлуките во државата, сегашната, но и идните власти, како и до целата македонска јавност - е дека најголем процент од верниците не го прифаќаат процесот што треба да доведе до редефинирање на тоа што е брак, семејство, пол и род", изјави отец Ивица Тодоров.
Од иницијативата „Сојузот за живот" и претходните денови предупредуваа дека „особено е опасна џендер (gender) идеологијата, затоа што се залага за формирање на флуиден, менлив род кај поединецот!"
Поддршка на овој собир даде и партијата Единствена Македонија, со став дека таа „се бори за традиционализмот и семејните вредности".
„Масовно да ја засведочиме вистината за животодавното разбирање за тоа што е брак, семејство, род, пол, вера, благослов, смисла, сопруг, сопруга, деца, внуци, баба, дедо, радост, живот...", порача партијата.