Слабостите на силната рубља
25 јуни 2022Од Русија доаѓаат една по друга успешна приказна. Основната каматна стапка се врати на нивото од пред војната. Инфлацијата е зауздана, а рубљата е силна како што не била во последните пет години. Британски „Економист“ пресметува дека Русија би можела да оствари трговски суфицит од 250 милијарди долари.
Сето тоа би можело да остави впечаток дека санкциите не функционираат според планираното. Но, економските експерти предупредуваат да не се извлекуваат избрзани заклучоци. Централната банка високо професионално го менаџира тешкиот период по почетокот на војната, но најголемите предизвици за Русија допрва доаѓаат, анализира Наталија Зубаревич, професорка по економска географија на Московскиот државен универзитет, на Јутјуб-каналот „Жив клинец“.
Увозот е многу намален
Властите секогаш ги бараат оние показатели коишто се поволни за нив, вели професорката по економија: „Да, три недели навистина имавме нула инфлација, тоа е точно“. Но, исто така е точно дека тоа се должи на падот на побарувачката од населението, додава таа. „Затоа би било економски фер да се каже: Да, немаме инфлација, дури ни дефлација, бидејќи едноставно престанавме да купуваме.“
Малкумина би предвиделе толку огромно зголемување на цените на енергијата, оценува Зубаревич. „Тоа доведе до огромен прилив на валути во земјата додека увозот се намали, нагло се намали.“ На тоа, пак, се должи очекуваниот трговски суфицит од 250 милијарди долари. Додека гасот и нафтата се извезуваат по високи цени, Русија, поради санкциите, тешко може да увезе нешто. Значи, зема повеќе отколку што може да потроши. Според тоа, трговскиот суфицит оваа година би можел да биде двојно поголем од минатата година.
Недостасуваат делови за индустријата
Токму тој увоз, меѓутоа, е итно потребен. Компоненти и резервни делови недостигаат особено во машинството, транспортот и енергетската индустрија. Производството запира, а економијата стагнира, вели Зубаревич.
Гаспром пред само неколку дена го оправда намалувањето на обемот на испорака на гас во Германија со делови што недостасуваат. Според обвинението од руската гасна компанија, Сименс не ја вратил, како што било планирано, компресорската станица која била на поправка во странство. Сименс укажа дека тоа не може да се стори поради санкциите.
- повеќе: ЕУ постигна компромис за ембаргото на руската нафта
Силната валута го поскапува извозот
Покрај тоа, многу Руси се всушност невработени, дури и ако на хартија и понатаму добиваат дел од нивните плати или ниви за одгледување зеленчук. Ништо од ова не се појавува во статистиката, критикува Зубаревич.
Така, на крајот, силната рубља може да биде фатална за „шампионот за извоз на енергија“ Русија. Затоа што ова го поскапува и извозот. Дополнително, рубљата де факто не може да се разменува, објаснува професорката по економија.
Рубљата се одржува вештачки високо
Сергеј Зуверов на информативниот портал „Медуза“ предупреди и дека курсот на рубљата не е во согласност со пазарната практика. Вредноста на рубљата сега е целосно одвоена од економската ситуација, вели Зуверов.
Според Руската централна банка, брутодомашниот производ би можел да падне за десет проценти оваа година, а вредноста на рубљата всушност би морала да е во корелација со тоа. Значи, рубљата се прави вештачки силна. Економскиот експерт Зуверов вели дека не може да каже каква е реално вредноста на рубљата. Единствено што му е јасно е дека без толку силна рубља инфлацијата веројатно ќе се удвоеше - на околу 30 до 40 проценти.