Слобода на печатот: Македонија меѓу најлошите во регионот
25 април 2018Македонија годинава е рангирана на 109. место на ранг-листата на организацијата Репортери без граници, односно бележи подобрување од само две места во споредба со минатата година. Полошо рангирана земја од регионот е само Бугарија, која е на 111 место. Во информацијата за Македонија со наслов „Мало подобрување“, меѓу другото се вели:
„За време на десетте години додека беше премиер, Груевски создаде ниво на контрола на медиумите какво што немаше на Балканот и многу водечки опозициски медиуми мораа да запрат со работа. Пред сѐ, националниот радио и телевизиски радиодифузен сервис сѐ уште му служи на ВМРО. Падот на 'режимот' на Груевски доведе до мало подобрување во делот на владината контрола на медиумите, но сѐ уште е рано за да се биде сигурен во намерите на владата за трајно подобрување на ситуацијата. Нема значајна промена во делот на економската ситуација на македонските новинари, кои вообичаено се слабо платени и имаат мала сигурност на работното место.“
Повеќе: Медиумски слободи во Македонија: под дното- ерозија
Што се однесува до останатите земји од Западниот Балкан, најдобро рангирана е Босна и Херцеговина, која е на 62. место. Хрватска е на 69. место на ранг-листата, Грција на 74., Албанија на 75. Србија на 76., Косово на 78., а Црна Гора на 103. место.
Голема опасност за слободата на печатот во централна и источна Европа
Европа како целина станала поопасна за новинарите во споредба со претходните години. Четири од петте земји кои бележат значителен пад на ранг-листата на „Репортери без граници“ се наоѓаат во Европа. Станува збор за Малта, Чешка, Словачка и Србија. „Во Србија климата за медиумите натамошно е заострена откако поранешниот премиер Александар Вучиќ е избран за претседател во 2017 година. Вучиќ ги користи медиумите блиски до власта да ги застрашуваат критичките новинари или да ги прикажат како предавници и шпиони на странски служби, стои во објаснувањето на „Репортери без граници“ за ситуацијата во Србија.
Во Малта и Словачка во текот на изминатата година не се застана само на закани - двајца истакнати новинари во овие две земји, Дафне Каруана Галиција и Јан Куцијак, за својата работа платија со живот.
Влошување во 42% од земјите
„Репортери без граници“ констатира влошување на ситуацијата и во многу други региони во светот, меѓу нив САД, Индија и Филипини. Таму високи по ранг политичари, па дури и државни лидери, ги навредуваат критичките новинари како „предавници“ или „терористи“.
Германија и натаму е константно во средината. Годинава од 16. е качена на 15. место. Напади, закани и обиди за уцена на новинари имало пред сѐ во врска со протестите против самитот на Г20 во Хамбург, во јули 2017 година.
Инаку, на врвот на ранг-листата на „Репортери без граници“ и натаму е Норвешка, пред Шведска и Холандија. Најлоша е ситуацијата во Северна Кореја, која е на последното 180. место, во Еритреја (179) и Туркменистан (178). Раководителот на „Репортери без граници“ Кристијан Мир оценува дека 2017 година била загубена година за медиумите во повеќето земји, но зголеменото солидаризирање меѓу новинарите ширум светот, кое се докажа и во случајот со апсењето на Дениз Јуџел во Турција, останува важен знак на надеж.