1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Словачка - претседавачот со ЕУ кој не сака бегалци

Бернд Ригерт / Е.М. Фиданоска1 јули 2016

Словачка има тврди ставови во врска со бегалците. Како претседавач со ЕУ сега ќе треба да посредува во бегалската криза. Напредокот ќе биде мал. А тука е уште и брегзит!

https://p.dw.com/p/1JHG1
Министерот за надворешни работи Мирослав Лајчак го презентира логото на словачкото претседателство со ЕУФотографија: Getty Images/AFP/S. Kubani

Сите партии во словачкиот парламент се единствени во ставот дека бегалци и баратели на азил нема да се примаат. Во земјата со 5,5 милиони жители муслиманите не се посакувани. Премиерот Роберт Фицо, кој е социјалдемократ, во текот на кампањата вети дека нема да толерира муслиманска заедница во Словачка. „За исламот кај нас нема место“, рече тој. И покрај ваквиот став, кој е спротивен на заклучоците и ставовите на повеќето членки на ЕУ, Роберт Фицо вчера во Братислава уште еднаш најави дека сака да биде поискрен и понеутрален посредник во, од многу кризи потресуваната, ЕУ.

ЕУ-дипломатите во Брисел велат дека Германија не верува оти Фицо ќе постигне напредок во делот на правилата за азил во ЕУ и праведната распределба на бегалци во Унијата. Словачка поднесе тужба пред европскиот суд во Луксембург против клучот за распределба на барателите на азил, за кој членките на ЕУ донесоа одлука со мнозинство гласови минатата година. Сепак, словачкиот амбасадр во ЕУ, Петер Јаворчик, е уверен дека во наредните 6 месеци ќе има „позитивна агенда“ во сферата на миграционата политика. Тој во Брисел рече дека ќе бидат донесени заклучоци за заедничка заштита на надворешната граница на ЕУ и за заедничка крајбрежна стража.

Slowakei Burg in Bratislawa - Flaggen von EU und Slowakei
Словачка е понеискусен претседавач од претходникот - ХоландијаФотографија: Getty Images/AFP/S. Kubani

Словачка не е сама со својот негативен став кон бегалците. Таа е во друштво со Чешка, Полска и Унгарија. Во 2015 година Словачка признала азилантски статус на само осум лица. И, ако се прашува премиерот Фицо, на толку треба и да се остане.

Словачка е економски стабилна, иако бројот на невработени е релативно висок. Економијата бележи пораст. Буџетскиот дефицит е под контрола. Течат и парите од заедничкиот ЕУ-буџет. Со над 92 проценти Словаците на референдум се изјаснија за членство во ЕУ. Тоа беше во 2003 година, непосредно пред приклучувањето. Денес процентот на согласност би бил далеку понизок. Амбасадорот Јаворчик изјави дека во целата земја може да се почувствува ЕУ-скепса. Според истражувањата на јавното мислење, наклонетоста кон ЕУ во Словачка е поголема отколку во многу други земји членки, но десноекстремната „Народна партија Наша Словачка“, која во март влезе во парламентот со осум проценти освоени гласови, веќе го сече стеблото. Таа собира потписи за референдум за излегување од ЕУ.

Belgien EU-Gipfel in Brüssel - Robert Fico, Premierminister Slowakei
Дали Роберт Фицо ќе постигне навистина напредок во посредувањето во ЕУ?Фотографија: Reuters/P. Rossignol

Брегзит фрла сенка

Но не е словачката внатрешна политика таа што ќе фрли сенка врз претседателството со ЕУ, туку е тоа брегзит. „Ова претседателство го подготвувавме три или четири години. Не можевме да претпоставиме дека по бегалската криза ќе се случи и излегувањето на Британците“, вели словачкиот амбасадор опишувајќи ја оптовареноста со работа на малата земја членка.

Во септември Словаците ќе организираат вонреден самит на 27 ЕУ-членки, без Велика Британија. На тој самит ќе се размислува за иднината на Унијата. Заедно со другите земји од Вишеградската група - Полска, Чешка и Унгарија - Словачка веќе бара темелна промена на ЕУ. Премиерот Фицо пред неколку дена, во текот на седницата на една од комисиите во словачкиот парламент, рече: „Не може да се држите до политика на доселување и економска политика кои се отфрлаат од мнозинството Европејци.“

Јон Ланг, политички советник во експертската мрежа „Global Risks Insights“ не верува дека Словаците навистина можат да ги одделат националните од европските прашања. Тие во секој случај, како понеискусен претседавач со ЕУ, ќе реагираат понепрофесионално од Холанѓаните. Вистински план за реформи по брегзит би требало да има дури во март наредната година, кога Римските договори за основање на претходникот на ЕУ полнат 60 години. Таа неблагодарна задача тогаш ќе ѝ биде обесена околу вратот на Малта, која ја презема раководната палка во ЕУ по Словачка.