Словенците го избраа Пахор за претседател
3 декември 2012Досегашниот шеф на државата, Данило Тирк, по пребројувањето на речиси сите гласачки ливчиња има освоено околу 32,5 проценти од гласовите. Неговиот пораз беше навестен уште при првиот изборен круг на 11. ноември и во последните анкети на јавното мислење. Во своето обраќање до сонародниците Тирк го призна поразот и им изрази благодарност на оние кои пред пет години гласаа за него и кои го избраа за претседател.
Противкандидатот на Тирк, Пахор, во вториот изборен круг влезе како фаворит, иако го поддржува спорниот курс на штедење на десноцентристичката коалиција на премиерот Јанез Јанша. Владата на Пахор доживеа неуспех кон крајот на 2011. година, не успевајќи да ги спроведе болните реформи во пензискиот систем и пазарот на труд.
Кариера полна промени и пресврти
Пахор зад себе има исклучителна кариера. Член на Комунистичката партија на поранешна Југославија уште од млади денови, тој во 1986. година на 26 години влезе во нејзиниот Централен комитет. Со 33 години веќе беше на врвот на партијата во Словенија, која ја модернизираше во форма на социјалдемократска сила. Тој беше пратеник и претседател на словенечкиот парламент, европратеник. Во 2008. година стана премиер на Словенија.
Пред една година Пахор се „сопна“ на гласањето доверба во парламентот, а потоа го загуби и лидерското место во партијата, зашто неговите социјалдемократи во изборите кои следеа освоија само трето место. Дека по таквиот стрмоглав политички пад повторно ќе се издигне, докажувајќи го својот стоицизам, ретко некој веруваше, се‘ до сјајниот успех на претседателските избори, каде освои повеќе од 67 проценти од гласовите.
Мал одзив на изборите
Притоа, излезноста достигна рекордно ниска вредност - само 42 проценти од 1,7 милиони граѓани со право на глас излегоа на изборите. Функцијата претседател на Словенија е главно репрезентативна.
Ова се петти по ред избори за претседател на Словенија од прогласувањето на нејзината независност во1991. година.
Во последната седмица Словенија инаку беше зафатена од бран протести против владините мерки за штедење, од кои многу прераснаа во насилство. Десетици лица беа повредени при судири меѓу демонстрантите и полицијата во престолнината Љубљана и вториот по големина град, Марибор.
Словенија, која е членка на ЕУ од 2004 година, се соочи со една од најтешките рецесии меѓу 17-те членки на еврозоната. Економијата опадна за над осум проценти од 2009. година и продолжува да опаѓа, а невработеноста достигна околу 12 проценти.