Случај Ѓоковиќ: Колку може да се биде глупав?
24 јуни 2020На почетокот најпрво ова: секако дека тоа што некој се заразил со коронавирусот не смее да биде повод за злоба. Останува да се надеваме дека сите оние кои се заразени во рамки на Адрија турнирот кој го организираше Новак Ѓоковиќ, ќе поминат без последици и оти наскоро ќе оздрават. Но, едно прашање сепак мора да се постави: Како некој всушност може да биде толку наивен и глупав? Најдобриот тенисер на светот ги повика своите колеги на една мала, симпатична серија турнири кои се играат во Србија, Босна и Херцеговина и во Хрватска.
Додека останатите, регуларните АТП-турнири се сѐ уште на принудна пауза, Ѓоковиќ со неколку пријатели професионални тенисери сака повторно да ја подигне формата, да собере натпреварувачка пракса и освен тоа да собере донации - а и едноставно добро да се забавува.
Белградските и задарските клубови - ветена земја за коронавирусот
И навистина добро се забавуваше, меѓу останатото и затоа што арогантно отстапи од сите можни хигиенски мерки против корона. На трибините посетителите седеа едни до други, па и без заштитни маски. Играчите се прегрнуваа, позираа - исто така без маски, за да се фотографираат со деца, даваа автограми опкружени со голем број луѓе, а потоа уште во вечерните часови заедно одеа на забави.И тоа како се забавуваа - во еден клуб, заедно со стотици други луѓе. Гласно се пееше, танцуваа едни до други, голи до половината. Топол воздух, затворена просторија, пот, капки плунка, аеросоли - накратко: ветена земја за коронавирусот. На професионалните тенисери од дружината на Ѓоковиќ очигледно тоа им беше сеедно, или беа едноставно премногу глупави да сфатат на каква опасност се изложуваат.
Повеќе:
-Ѓоковиќ и сопругата позитивни на коронавирус
-Новак Ѓоковиќ и стриптиз-танцот во невреме
„Сѐ што направивме во изминатиот месец, направиме со искрена намера и со чисто срце“, напиша Ѓоковиќ на социјалните мрежи за Адриа турнирот и притоа укажа дека сите мерки биле договорени и усогласени со властите. Но, Ѓоковиќ така сето го претставува поедноставно отколку што навистина е- кој барем делумно ги следи вестите во последно време, не би тргнал така наивно во организација на спортско случување, а особено не во случај во каква било недоумица дека би можел да сноси оговорност.
Но, Ѓоковиќ изгледа сѐ уште не слушнал за одговорност, тој ја проигра својата улога на пример. Тој и пред тоа, како претседател на згружението тенисери на АТП-турнирот се издвои како човек кој најавените корона-мерки на УС Опен (кој се одржува на почетокот на септември во Њујорк), ги означи како премногу рестриктивни и претерани.Во наредните 14 дена кои ќе ги помине во домашен карантин може на мир да размисли за тоа дали сепак можеби требаше малку повеќе да претера со хигиенските мерки на својот турнир на Јадранот. Но, како што реков - без злоба.
Последици и за другите спортски случувања
Катастрофата на Ѓоковиќ на Јадранот би можела, освен можни здравствени последици за играчите, гледачите и сите оние кои на кој било начин беа вклучени во турнирот, па и за членовите на нивните семејства, да има и други последици - бројни организатори на други големи спортски случувања кои би требало да се одржат годинава сигурно ќе почнат да се фаќаат за глава и да корнат коса поради тоа што „нежната билка попуштање на мерките“ на Ѓоковиќ одеднаш е уништена. Како преку неа да поминал булдожер.
Со оглед на последиците од Адриа турнирот, дали сега воопшто може да се замисли одржување на Тур де Франс со гледачи? Или да се одржат други случувања на кои тешко може да се „огради“ просторот на кој се одржуваат натпреварувањата? Зарем не постои опасност властите во другите земји сега да ги забранат овие случувања, отколку да дозволат да се одржат? А можеби некои организатори и се среќни што Новак Ѓоковиќ како организатор со своите лабави хигиенски мерки доживеа такво фијско на Адриа турнирот. Затоа што сега знаат како не треба да се работи. Па дури и под услов ништо да не се може веќе, тоа секогаш може да послужи како застрашувачи пример.
.