1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филипче: Во февруари доаѓаат првите 5850 вакцини

ДТЗ /ДВ
4 јануари 2021

Првата пратка од 5.850 дози ќе биде доволна за да се вакцинираат 2.925 жители, а до крајот на годината предвидено е вакцина да примат 400.000 луѓе

https://p.dw.com/p/3nV6Z
Deutschland | Coronavirus | Impfstoff
Фотографија: Dado Ruvic/REUTERS

Северна Македонија во февруари ќе ги добие првите 5.850 дози од вакцините од „Фајзер“. Првата пратка од 5850 дози ќе биде доволна за да се вакцинираат 2925 жители, а до крајот на годината предвидено е вакцина да примат 400 000 луѓе.
„Одлична вест на почетокот на годината. Првата доза од 5.850 вакцини против Ковид- 19 од производителот ‘Фајзер’ пристигнува во февруари, а во директни преговори обезбедивме 800.000 дози за цела 2021. Пратка со поголема количина вакцини ќе дојде во март и април, а динамиката за цела 2021 година дополнително ќе ја утврдиме“, информираше министерот за здравство Венко Филипче. Договорот е дефиниран утрово во телефонски разговор на министерот Филипче и висок претставник на компанијата производител на вакцини против Ковид-19. Вакцината на „Фајзер“ се чува во фрижидери на -70 Целзиусови степени коишто се очекува да пристигнат во текот на месецов.

Поодмината вакцинација

Додека Северна Македонија со нетрпение ги очекува првите дози од вакцината, со којашто ќе се вакцинираат медицинските лица и ризичните групи, во дел од европските земји и во светот имунизацијата е веќе во поодмината фаза. Од 8 декември, над пола милион Британци имаат примено вакцина на „Фајзер“, додека во САД, 4,2 милиони луѓе ја примиле првата доза.

-повеќе на темата: Игра на брзи прсти – како до вакцина за сезонски грип?

На врвот на листата за имунизација е Израел, кадешто дневно се трошат повеќе од 150.000 дози и досега е вакцинирана една десетина од населението. Кина на 31 декември ја одобри првата вакцина за широка употреба, развиена од државната компанија „Синофарм“, а Русија во август почна со употреба на вакцината „Спутник“.

Вакцини колку за Злетово

По објавувањето на веста од страна на министерот за здравство Венко Филипче дека Северна Македонија ќе добие 800 илјади вакцини од „Фајзер“, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека тоа е мала бројка на вакцини и дека е доволна да се вакцинира само населено место колку Злетово, кое брои помалку од три илјади жители.„Прво, информацијата следи со недозволиво доцнење, второ, станува збор за многу мала доза на вакцини.

-повеќе на темата: Вакцините пристигнуваат, кој прв ќе фати ред?

Ова е доволно да се вакцинира отприлика само колку за Злетово, кое брои помалку од три илјади жители. Филипче продолжува со некакви полуинформации дека во директни преговори се обезбедени 800 000 дози за цела 2021 година“, се вели во партиското соопштение.

Полемики околу вакцините

Во исчекување на првите дози на вакцини, во јавноста растат полемиките околу оправданоста и ризиците од вакцинирањето, особено откако се лиферуваат информации за несакани нус појави и алергиски реакции кај дел од они коишто се вакцинираа во различни делови на светот. „Обичната здрава логика е потребна за човек да се одлучи дали да се вакцинира или да го пречека вирусот. Во ситуација во којашто сме, не само ние, туку воопшто и целиот свет, кога тогаш, кој било граѓанин, не може да не дојде во контакт со вирусот. До таа мера е тој распространет, ендемски е распространет. Според последните податоци во САД се вакцинираа досега повеќе од еден милион луѓе, и имаше само шест алергиски реакции, а ниту еден починат“, изјави д-р Драган Даниловски за Канал 5. 

-повеќе на темата: Бугарија со „чисто срце“ ќе донира дел од вакцините за Северна Македонија 

Според него, во Северна Македонија смртноста е три отсто, тоа значи дека од 100 заразени, задолжително тројца ќе умрат. „Па ако се спореди смрт на тројца, со шестмина кои добиле алергиска реакција на повеќе од милион луѓе, јасно е дека изборот е тој: или вирус или вакцина, трета опција нема“, вели Даниловски. 
Според здравствените работници, постепено се намалува бројот на новозаразени со Ковид-19 во Северна Македоноја, но намален е и бројот на тестирања во однос на претходните денови. Завчера од 378 тестирања беа регистрирани 46 нови случаи, а вчера од 1525 тестови – 237 новозаболени. Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, бројот на оздравени пациенти е речиси двојно поголем од оној на новозаболени. Во моментов во земјава има 18 565 активни случаи. Осуммина пациенти на возраст од 61 до 79 години вчера починаа како последица на Ковид-19, со што бројот на починати од почетокот на епидемијата се искачи на 2530.

СЗО: Вакцините не се брзо решение

Иако се спроведува имунизација против коронавирусот, 2021 година исто така ќе биде тешка, бидејќи вакцините не се брзо решение, сметаат во Светската здравствена организација (СЗО). Според нив, првиот дел од годината ќе биде особено тежок бидејќи во многу земји луѓето не ги слушаа советите да останат дома за време на празниците.Движењето и однесувањето на луѓето за време на Божик и Нова година ќе влијае на првите три месеци од 2021 година за зголемување на преносот, хоспитализациите и на смртните случаи.

-повеќе на темата: Брзата вакцина ќе не' врати побрзо во нормала!?

Според СЗО, вакцините нема да бидат брзо решение бидејќи самата имунизација ќе се изведува побавно отколку што би сакале и дека луѓето сепак ќе мора да носат маски, да одржуваат физичка дистанца и да избегнуваат собири во текот на целата година. Австралија, Нов Зеланд и некои други земји во Азија и Африка се добри примери и имаат поголем успех во контролирањето на ширењето на вирусот. Некои земји го победија овој вирус, без вакцинација СЗО го објаснува тоа со поуспешно и масовно тестирање на вирусот, изолација на болни лица, наоѓање контакти и ставање во карантин, како и политиката на тие земји да ги истакнуваат работата и купувањето од дома.