Со забрана на бурката до поголема безбедност?
13 август 2016По нападите во Вирцбург, Минхен и Ансбах темата- внатрешна безбедност стои сосем на врвот на дневно-политичката агенда. А таа ќе игра улога и во претстојните предизборни кампањи: во септембри ќе бидат избирани нови парламенти во германските покраини Берлин и Мекленбург- Предна Померанија а за неполни 13 месеци сите Германци излегуваат изборите за Бундестагот.
Затоа министрите за внатрешни работи од покраините под власт на демохристијанските партии ,Христијанско-демократската унија (ЦДУ)и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) имаат намера во наредната недела да усвојат таканаречена „Берлинска декларација“, која предвидува остри мерки. Спроти нејзиното усвојување се говори за забрана на целосното прекривање на жените на јавни места односно забрана на традиционалната муслиманска женска наметка- бурката. Освен тоа би требало да се укине и двојното државјанство како и да се спроведува поголем надзор на бегалците. Дали овие барања се нови? И дали се правно и политички спроведливи?
Забрана на бурката
„За мене бурката е јасен симбол на угнетувањето на жената“, изјави Франк Хенкел од Христијанско-демократската унија (ЦДУ), сенатор за внатрешни работи во покраината-град Берлин. Хенкел и неговиот сопартиец и ресорен колега од покраината Мекленбург- Предна Померанија, Лоренц Кафие постојано бараат забрана на бурката. И во „Берлинската декларација“ би требало да биде содржана оваа точка.
Најзначајните контра-ставово досега дојдоа од сојузниот министер за внатрешни Томас Де Мезие истотака од редовите на ЦДУ. Според него генералната забрана на бурката во Германија би била „ уставно-правно проблематична“. Тој додаде: „Човек не може да забрани сѐ што отфрла- а јас отфрлам носење на бурка“.
Со ваквата шпага Де Мезие стои на линијата на неговата партија. На конгресот на ЦДУ во декември беше отфрлено целосното прекривање во јавност како знак на „немање подготвеност за интеграција во слободното и отворено општество во Германија“, но не беше конкретно побарана забрана на бурката.
Можеби и затоа што една ваква намера воопшто не би била правно издржана, конечно во прашање е слободата на религија, која постојано е истакнувана во пресудите на највисоките судски органи во Германија
Двојно државјанство
„ Бараме свесна одлука за вредностите на нашето слободно демократско уредување , и никаков автоматизам при државјанството“ . Оваа реченица во нацртот на „Берлинската декларација“ цели против двојното државјанство.
Тоа беше воведено во 1999 година од страна на владината коалиција меѓу Социјалдемократите (СПД) и Зелените. Сегашната широка коалиција на ЦДУ/ЦСУ и СПД во 2014 година усвои обновени законски рамки за тоа, кои изнервираа многу пратеници од демохристијанските партии.
За граѓаните на ЕУ во Германија повеќе од десет години постои можноста да поседуваат две државјанства. Се толерира и двоен пасош кај луѓе, чии земји на потекло не дозволуваат отпишување на државјанството (меѓу другите Сирија, Мароко, Иран и многу земји од Латинска Америка). Од 2014 година постои можноста за двојно државјанство за децата на родители доселеници, кои главно израснале во Германија. Тука пред сѐ станува збор за Германци со турско потекло.
Барањето, двојното државјанство генерално да се укине, од еднастрана одговара на национално-конзервативната традиција на партиите од Унијата. Од друга страна тоа беше поттикнато од солидарноста на десетици илјади Турци со постапките на турскиот претседател Ердоган по крвавиот обид за пуч од 15 јули.
„Не треба одново да ја отвораме оваа тема“, изјави де Мезие. Истовремено тој предложи двојното државјанство да им се одземе на определени лица. На Германци, кои се вклучени во џихадистички борби во странство и кои поседуваат уште еден пасош, треба да им се одземе германскиот пасош. За тоа министерот можеби ќе наиде на поддршка и кај останатите пратенички групи. Но за повеќе со сигурност не.
Сигурносни контроли
При претставувањето на неговиот безбедносен концепт, сојузниот министер за внатрешни работи Томас де Мезие предложи во иднина надзор на она што бегалците го комуницираат и постираат на Фејсбук и останатите останатите социјални мрежи. Зашто многу од нив доаѓаат без важечки патни документи во Германија, но имаат смартфони, преку кои одржуваат врска со семејствата во татковината. Покраинските министри од партиите на Унијата одат и чекор натаму предлагајќи комуникациските податоци да им бидат достапни и на тајните служби.
Досега во Германија не постојат закони за прашањето, колку можат да бидат проверувани бегалците без соодветни документи за идентификација. Тука мора да се одмерат заштитата на приватноста на мигрантите и безбедносните интереси на државата.
Надзорот и проверката на податоците од електронската комуникација и социјалните мрежи најногу ги допира аспектите на внатрешната безбедност. Дури и ако министрите од Унијата не се согласуваат со Де Мезие во сѐ- за оваа точка тие се движат во иста насока.