Со новитети против слабата продажба на автомобили
11 септември 2013
Токму спроти почетокот на 65. Меѓународен саем на автомобили (ИАА) во Франкфурт на Мајна, на најпроблематичниот пазар за автомобилската индустрија, оној европскиот, се покажуваат знаци на закрепнување. Никој сѐ уште не се осмелува да зборува за пресврт, бидејќи сѐ уште се чуствуваат последиците од петгодишната криза, но сепак нешто се движи. А за подобро расположение во оваа индустриска гранка и онака се грижат добрите резултати од азискиот и од американскиот пазар.
Сосема внимателен оптимизам
За жал, европскиот пазар последните години многу заслабна. 11,2 милиони возила се продадени годинава. Тоа се 3 милиони помалку од вообичаениот број во „нормални“ години, вели шефот на Здружението на германската автоиндустрија (ВДА) Матијас Висман. „Наш впечаток е дека во западна Европа повторно се нормализира состојбата“, вели тој и изразува надеж дека работите сега повторно би можеле да тргнат на подобро. „Не очекуваме дека во 2014. бројките ќе експлодираат. Но сепак се надеваме дека нема да тргне сега повторно надолу“. Најновите податоци од последните 2 месеца барем укажуваат дека нема. Тоа е далеку од особено оптимистична проценка и сега Саемот во Франкфурт , кого официјално утре (12.9.) ќе го отвори канцеларката Ангела Меркел, би требало да даде нови импулси. Таму ќе бидат претставени 159 нови модели кои би требало во автосалоните да привлечат купувачи. Се нудат автомобили за сечиј џеб и на разни погони. Од добрите, стари бензиски мотори до електро-автомобили.
Интересни пазари надвор од Европа се пред сѐ оние со висок развој- како Кина, Индија, Бразил и Русија. Но токму во овие земји изгледа дека долгогодишниот интерес кој таму владееше почна да стагнира. Сеедно, Фолксваген на пример не се откажува од својата замисла до 2018. година да стане светски произведувач број еден. „Имаме повеќе од 100 фабрики низ целиот свет. И фала му на Бога, Кина не слабее туку и натаму расте“, вели шефот на Фолксваген, Мартин Винтеркорн. Тој смета дека и САД, Индија и Русија исто така ќе бележат раст: „А се надеваме дека и Европа некогаш повторно ќе се врати на старите патеки.“
Пристигнуваат електрични автомобили
Фолксваген на пример го користи овој Саем да зачекори во ерата на електрични автомобили. Најавува дека во текот на следната година ќе претстави 14 модели на електроавтомобили и хибриди кои ќе се темелат врз досегашните производи како Голф. Стратегијата на БМВ пак е поинаква. Овој произведувач од Баварија неодамна на улица го испрати и3. Тоа е електро-автомобил со потполно нов дизајн. И тоа иако Германија е пазар во развој кога станува збор за електрични автомобили. Во БМВ пак повеќе сметаат на светскиот пазар. Во светот во 2012. се продадени 90.000 електрични возила или електро-автомобили со уред со кој им се зголемува мобилноста . Прогонозата за 2013. е околу 150.000, велат во БМВ. А тоа е сепак некоја друга категорија, ако се спореди со продажбата од само 4.000 возила во Германија оваа година.
Покрај сето тоа, автомобилската индустрија се бори и со новиот тренд кој се разви во последните десет години. Сѐ попопуларен е кар-шерингот односно заедничкото користење на ист автомобил, а расте и еколошката свест, па луѓето сосема поинаку се однесуваат кон темата мобилност од порано. Како производителите ќе се постават кон овој проблем со сигурност ќе биде тема и на ИАА во Франкфурт.