1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со унгарски пасаван Груевски се шетал низ Балканот

20 ноември 2018

Македонските власти до денес не објавија ниту еден детаљ од истрагата за бегството на Груевски. Но, српскиот претседател Александар Вучиќ откри: Груевски со унгарски пасаван си ги поминувал балканските граници.

https://p.dw.com/p/38Yla
Mazedonien Serbien Vucic bei Gruevski
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Додека македонската полиција води детална истрага за околностите во кои се случи бегството на Никола Груевски низ три балкански држави до Унгарија, српскиот претседател Александар Вучиќ во интервју за српската ТВ „Хепи“ откри нови детали за начинот на кој осудениот поранешен премиер најлегално ја поминал целата рута.

,,Во текот на ноќта на 11-ти ноември, некаде меѓу еден и два часот, лицето Никола Груевски е влезено на албанска територија во придружба на две лица од унгарска националност. Потоа ја преминал границата со Црна Гора, со регуларни документи - со пасаван издаден во унгарската амбасада во Тирана“, обелодени Вучиќ.

Тој соопшти дека Груевски со лична карта влегол во Србија на граничниот премин Гостун, а потоа продолжил за Унгарија преку граничниот премин Хоргош, со лична карта и пасаван кој го добил во унгарската амбасада во Тирана.

„Дури на 13. ноември во 19,35 од страна на Интерпол Скопје ни беше доставена меѓународната потерница. Што очекувате? Да апсиме човек за кој не е распишана потерница“, праша Вучиќ. 

Mazedonien Serbien Vucic bei Gruevski
Фотографија: DW/P. Stojanovski

МВР го знае странскиот број на Груевски?

Пaсаван е привремен патен лист кој се издава во случај на истечен или изгубен пасош, а се добива кога лицето ќе достави официјално барање до матичниот конзулат во земјата каде останало без валидна патна исправа. Според конзуларната практика, пасаван се издава обично со рок на важност од 3 до 30 дена. За да добие патен лист лицето треба да приложи друг валиден документ - лична карта, возачка дозвола, извод од матичната книга на родените... Груевски не е унгарски државјанин, но од изјавата на Вучиќ произлегува дека тој добил пасаван токму во унгарската амбасада во Тирана, која била „првата станица“ каде што декларирал дека бара политички азил во Унгарија.

Повеќе:

-Црна Гора: не можевме да го спречиме Груевски

-Дали Скопје сакаше да се ослободи од Груевски?

-„Бегалецот“ Груевски во Унгарија: нова Балканска рута

Изјавата на Вучиќ која доаѓа по неколкудневнен молк на властите во Србија, во медиумите се толкува и како шлаканица за македонските власти, кои до денес не објавија ниту еден детаљ од истрагата за бегството на Груевски. Од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР вчера само штуро соопштија дека се извршени одредени проверки - увид во службената документација во Одделот за граѓански работи, Одделот за гранични работи и миграции, Секторот за меѓународна полициска соработка, Одделот за заштита на определени личности и објекти, Одделот за оперативна техника и Секторот за внатрешни работи Скопје. Од МВР најавија дека извештајот ќе биде доставен до ОЈО со цел да се преземат натамошни мерки.

„Според сознанијата со кои располагаме и разговорот со МВР на Унгарија, Груевски се наоѓа во Унгарија каде ја чека одлуката на властите за неговото барање за азил“, соопштија од МВР.

Mazedoenien Nicola Gruevski und Viktor Orban
Фотографија: picture-alliance/dpa/epa/L. Soos Hungary

Но, според Еленко Миланов, адвокат на Никола Груевски за некои од предметите во кој тој е обвинет, МВР би требало да знае и многу повеќе од тоа. Во вечерашното гостување на ТВ „Телма“ тој откри дека Груевски телефонски му се јавил откако на Фејсбук објави дека се наоѓа во Унгарија, а потоа комуницирале со смс-пораки. Бројот од кој Груевски го контактирал Миланов, бил странски број.

„Ви гарантирам дека МВР го има бројот од кој Груевски ми се јави. Верувам дека МВР ги има сите контакти од мојот телефон. А, и верувам дека нашите служби можат да го обезбедат бројот по други канали“, рече Миланов.

Од раководството на МВР до утрово не беа достапни да дадат одговор на ваквите наводи.

Истрагата тече

Не се знае дали МВР има сознанија кои од одредни причини се уште не ги соопштува, но индикативно е дека Македонија вчера ѝ врачи протестна нота на Унгарија во врска со барањето азил од Груевски во оваа земја. На унгарскиот амбасадор во Скопје, Ласло Дукс, нотата му ја предаде државниот секретар во македонското Министерство за надворешни работи, Виктор Димовски. 

Во меѓувреме домашната истрага тече со скудни информации. Обвинителка за организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска, соопшти дека Обвинителството ги побарало снимките од безбедносни камери на граничните премини во соседството кои ги користел Груевски при бегството. Обвинителството издало наредби до полицијата интензивно да работи на откривање на луѓе кои помогнале при бегството на поранешниот премиер, како и наредби за проверка на телефонски повици и безбедносни камери. Истовремено, во рамките на својата надлежност и Судскиот совет по допрен глас вчера отвори постапка за да утврди дали судијата за извршување санкции во Кривичниот суд имал пропусти при реализирањето на затворската казна на Груевски.