1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Собранието одобри притвор за шест пратеници

БГ
1 декември 2017

По куса дебата и без присуство на пратеничките групи на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Собранието попладнево им го одзема имунитетот на шест пратеници осомничени од страна на ЈО за упадот во парламентот

https://p.dw.com/p/2oblE
Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/PIXSELL/HaloPix

Шестмина пратеници на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ останаа без пратенички имунитет и се соочуваат со притвор, откако мнозинството во Собранието попладнево ја изгласа таквата одлука. Пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љупчо Димовски и Сашо Василевски сега се соочуваат со притвор откако беа осомничени од страна на Јавното обвинителство во истрагата за крвавиот упад во Собранието на 27 април годинава.

Кои пратеници помагаа во упадот во Собранието

На снимките кои беа објавени во јавноста по упадот во Собранието можеше да се види дека овие пратеници ги отвораат вратите од Собранието на 27 април. Подоцна тие тврдеа дека не го сториле тоа и дека немаат никаква вина за насилството кое се случи во законодавниот дом, во кое беа повредени повеќе од 100 луѓе.

Тие се соочуваат со казна затвор од најмалку десет години, доколку бидат прогласени за виновни за делото „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ согласно членот 313 од Кривичниот законик.

Mazedonien Proteste im Parlament
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе одговараат за хаосот во Собранието на 27 априлФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Вчера, и собраниската комисија за мандатно-имунитетни прашања гласаше за одземање на имунитетот на пратениците. 
Кусо обраќање на собраниската седница имаа само пратениците Томислав Тунтев од СДСМ и Артан Груби од ДУИ.

„Тој ден мора да биде расчистен за да можеме оваа темна дамка да ја избришеме. Тоа му го должиме на владеењето на правото, но и на Собранието... Нашата должност е Собранието да застане зад враќањето на правната држава", рече Тунтев, дополнувајќи дека доколку шесте пратеници се убедени во својата невиност, нема од што да се плашат.

Во рамките на истрагата на ЈО за упадот во Собранието, досега се приведени 30 лица, а по шест осомничени се уште се трага. Доцна синоќа, уште тројца од приведените на кои Судот им одреди мерка домашен притвор, беа префрлени во затворски притвор.