1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Совет НАТО – Русија: Можеби ќе следи продолжение

Бернд Ригерт
12 јануари 2022

Претставниците на НАТО и на Русија не успеаја на состанокот во Брисел да го решат спорот околу Украина. Воената закана останува реална, смета Алијансата. Од Москва зависи дали разговорите ќе продолжат.

https://p.dw.com/p/45Rvx
NATO-Russland Rat tagt in Brüssel
Фотографија: Olivier Hoslet/AFP

„Дискусијата не беше лесна“, ги резимираше кусо генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг впечатоците од состанокот на претставниците на триесетина земји –членки на Алијансата и претставниците на руската влада. Се расправало за безбедносната ситуација во Европа, посебно за случувањата во Украина, но некој договор или промена на ставовите нема.

„Предложивме серија нови разговори, и за обострано стационирање ракети во Европа, но руската страна не донесе одлука за тоа“, изјави Столтенберг, иако, како што додаде, не ни одбила повторен состанок.

Рускиот преговарач Александар Грушко го обвини НАТО дека не прифатил понуда за деескалација. „НАТО се придржува на тактиката на ставање на Русија под контрола од времето на Студената војна. Натамошно влошување на ситуацијата може да доведе до несогледливи последици за европската безбедност“, изјави по разговорите заменикот руски министер за надворешни работи Грушко во руската амбасада во Брисел.

NATO-Russland Rat tagt in Brüssel
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг Фотографија: Alexey Vitvitsky/Sputnik/picture alliance/dpa

„Русија нема вето“

Алијансата уште еднаш побара од Русијаповлекување на 100.000 руски војници од украинската граница, колку што се проценува дека ги има таму. Руските дипломати уште еднаш го изнесле барањето на Кремљ – НАТО веќе да не прима нови земји - членки, како и да ги повлече воените сили од новите источни земји - членки.

Алијансата ги одби овие руски барања, изјави Столтенберг. НАТО и земјите кандидати сами ќе решат по кој пат сакаат да одат. „Тука никој не треба да се меша. Секако, Русија нема вето на тоа дали Украина може да стане членка на НАТО.“ Заменичката на шефот на американската дипломатија Венди Шерман уште еднаш инсистрала  на тоа вратата на НАТО да остене отворена.

Руската страна го барала токму спротивното. „Мораме да ја окончаме политиката на отворени врати(...) Ако НАТО сака да соработува, мора да ја признае улогата на Русија како мировна сила“, изјавил Александар Грушко.

НАТО уште во 2008 година им понуди на Украина и на Грузија приклучување кон Алијансата, но кога – останува отворено. По тоа ветување, Русија окупираше делови од Грузија, а во 2014 година го анектираше украинскиот Крим. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг од Русија побарал да се откаже од таков модел на разгорување на судирот.

„Русија има трупи во Грузија, Молдавија и на Крим, во Украина. Тие се таму без одобрение на тамошните влади. Не беа повикани да дојдат и не се добредојдени. НАТО ја повикува Русија да ја повлече војската и да го почитува суверенитетот и интегритетот на Грузија, Молдавија и Украина“, порачал Столтенберг во Брисел.

Belgien | Russischer Ständiger Vertreter bei der NATO Aleksander Grushko
Заменикот руски министер за надворешни работи, Александар Грушко Фотографија: Getty Images/AFP/T. Charlier

Американската претставничка се заканува со последици

Шефицата на американската делегација Венди Шерман пред новинарите ја повтори заканата што ѝ ја упатила на руската страна, на заменик министерот за надворешни работи на Русија, Александар Грушко, во пленарната сала, во седиштето на НАТО.

„Јасно кажавме, а на Русија директно ѝ порачавме дека ако Русија ја прошири инвазијата врз Украина, тоа ќе има значителни трошоци и последици за Русија“, нагласи Шерман. Заедно со ЕУ и со другите партнери се подготвуваат тешки економски санкции, кои далеку ги надминуваат претходните казнени мерки.

ОБСЕ како посредник

Разговорите за безбедносната ситуација во Европа треба да продолжат утре (13-ти јануари) во Виена, во рамките на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ). Членови на таа организација се САД, Русија, Украина и уште 53 земји од северната хемисфера.

Од 1995 година, кога ОБСЕ произлезе од Конференцијата за безбедност и соработка, организацијата со седиште во Виена служи како платформа за разговори за разоружување и смирување на воените тензии. Во многу конфликтни региони во Источна Европа, Кавказ и Централна Азија, ОБСЕ има свои мисии за набљудување.

Мисијата во Украина постои од 2014 година, откако Русија го анектираше украинскиот полуостров Крим. Таа секојдневно го објавува својот извештај за прекршување на примирјето од страна на проруските бунтовници и украинските сили во источните украински региони Доњецк и Луганск. Само во извештајот од 10 јануари се наведени 138 инциденти, од кои седум тешки експлозии. Секој месец се евидентираат илјадници вакви случаи.

Во моментов со ОБСЕ претседава полскиот министер за надворешни работи Збигњев Рау. Тој сака да ги зајакне мисиите и нивните способности на теренот. Но, ОБСЕ останува неутрална, работејќи на принципот на консензус. „Полска ќе се концентрира на поддршката за решавање на конфликтот со помош на ОБСЕ. Ќе посветиме посебно внимание на обезбедување сеопфатна помош за луѓето погодени од конфликтите“, рече Рау за време на неговото претседателствување.

Различни концепти

За Кадри Лик од трустот на мозоци Европски совет за надворешни односи, не е изненадувачки што бројните разговори со Русија во различни формати не резултираа со договор. Двете страни имаат различни концепти и ставови.

„Додека САД сакаат тоа да го претворат во технички разговори за контрола на оружјето, Русите првенствено сакаат да ја редефинираат целата европска безбедносна архитектура. Според Москва, преговорите за прашањата за вооружувањето треба да ја следат логиката на новата безбедносна архитектура, која прво треба да се договори, пред да почнат преговорите за конкретни технички прашања“, вели Кадри во анализа за ДВ.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија