Италија: Солидарност во време на коронавирус
20 март 2020Римскиот кварт Пињето, исто како и другите делови во источниот дел од градот кој забрзано се модернизира, има две души. Тие живеат една покрај друга, но ретко се допираат и мешаат. Во социјалните станови, изградени пред неколку децении, живеат постари луѓе. Тие се дружат во локални барови или читаат весници на клупите во пешачките зони. Кога коронавирусот од северниот дел на Италија почна да се шири и на останатите делови од земјата, пензионерите беа први кои исчезнаа од јавниот живот, зашто владата им советуваше на постарите да останат дома.
Друга група се млади уметници, креативци и слободњаци кои обично ги полнат кафулињата и баровите на квартот Пињето. Тие во почетокот се обидуваа да живеат нормално, додека шокираната Италија се бореше и соочуваше со барањето да се прекинат сите социјални контакти. А потоа во средата беше изречена строга мерка: сите граѓани мора да останат во самоизолација и не смеат да ги напуштаат своите станови. Освен тоа, наредено е затворање на продавниците и сервисите кои не пружаат услуги неопходни за секојдневен живот.
Иако досега овие два света во Пињето живееја физички раздвоени еден од друг, Ковид-19 ги зближи двете групи, старите и младите, во земјата која е најтешко погодена од коронавирусот во Европа и во која досега од него умреа преку 2.000 луѓе.
Волонтери одат да пазаруваат за пензионери
Млади луѓе, на возраст меѓу 25 и 30 години, членови на локалното културно здружение, основаа иницијатива за помош на старите луѓе – жителите кои се придржуваат на најстроги правила на самоизолација. Тие за нив одат да купуваат и ги извршуваат сите други видови услуги. И останатите групи граѓани во Рим и ширум земјата наскоро тргнаа по нивните стапки.
„Покренавме акција и ги повикавме волонтерите во соседството да помогнат и пред наредбата сите задолжително да останат дома. Тоа беше уште во време кога на постарите лица само им се советуваше да не излегуваат, но на улиците и натаму имаше многу луѓе“, вели Дијана Арменто, една од координаторите на проектот. За само три дена се пријавиле преку 200 волонтери. „Дневно обработувавме од четири-пет па до 20 повици на постари луѓе“, додава 30-годишната Арменто, инаку вработена во една издавачка куќа. Таа објаснува дека волонтерот се поврзува со постарото лице кое живее во близина, за да може да го следи неговото движење во случај да се разболи, или за да се обезбеди волонтерот да не мора да поминува големи дистанци за на лицето на кое му помага да му донесе храна и други потребни работи.
„Исто така се обидуваме да се придржуваме кон навиките на пензионерите така што одиме во нивниот омилен супермаркет, или ги прашуваме кои производи и марки ги сакаат најмногу“, вели Дијана Арменто. Меѓу волонтерите и оние на кои им помагаат, не постои физички контакт, зашто производите им ги оставаат на куќниот праг на пензионерите.
Осамени и конфузни
Дијана забележала дека меѓу старите луѓе постои голема потреба за комуникација. „Кога телефонирате со нив, можете да ја почувствувате нивната потреба за разговор. Поминуваат цел ден пред телевизор и тогаш или се исплашуваат, или не веруваат во она што се случува. Познавам старица која цел ден поминува молејќи се, мислејќи дека ова е божја казна.“
И други групи на волонтери во градот се имаат организирано на сличен начин. „Постои огромна потреба да им се помогне на луѓето на кои локалните власти не се во состојба да им одговорат на адекватен начин“, вели Алберто Кампалија, раководител на здружение за помош на сиромашните, кое пружа правна и материјална помош, вклучувајќи и набавка на храна. Неговите волонтери сега испорачуваат храна во Чампино, на периферијата на Рим. Некои локални власти во италијанскиот главен град имаат отворено и телефонски линии за помош и групи на Фејсбук.
Низ кризата се поминува заеднички
Во Бичари, мал град во регионот Апулија, на југот на земјата, 2.800 луѓе инаку живеат во близок контакт. Децата играат на централниот плоштад, старите седат пред локални гостиници, а минувачите застануваат за да поразговараат со сопствениците на продавници.
„Овде постои силно чувство на заедништво“, вели Џанфилипо Мињоња, градоначалник на Бичари. „Секоја средба е прилика луѓето да се поздрават и да си поприкажуваат, а овој прекин на социјалните контакти тешко им паѓа.“
Градот воспоставил телефонска линија за врска со постари луѓе, да можат да повикаат некого ако им е потребна помош околу набавување намирници, лекови и други потреби. Услугата која ја иницирала локалната задруга со 200 членови, сега ја поддржува и општината. Иако меѓу жителите на ова место нема потврдени случаи на зараза, владее загриженост од можноста на појава на болеста. Најблиската болница е оддалечена 30 километрии се наоѓа во Фоѓа. Освен тоа, здравството во јужна Италија не е толку ефикасно како во северниот дел од земјата.
Повеќе:
Италија ја надмина Кина по бројот на жртви од коронавирусот
Коронавирус: Човекот што залудно викаше „Волк!“
Карантин, песна и коронавирус: како изгледа секојдневието во Италија
Во Сан Лео, мало место со средновековна тврдина, во Емилија-Ромања, еден од најтешко погодените региони од коронавирусот, солидарноста им помага на постарите луѓе да ја поднесат изолацијата.
„Почнавме со достава на храна и лекови. Еден ден една жена посака крстозборка, но локалниот киоск беше затворен“, вели Марта Кијучи, 32-годишна млада жена која води туристичка задруга. Таа додава дека во историскиот центар на градот во кој живеат само неколку стотини луѓе, останале отворени само четири продавници. „Идејата ни е сите да знаат дека постојат луѓе кои им стојат на располагање и кои се спремни да им помогнат.“