Сомнежи дека е затруен критичарот на Кремљ, Алексеј Навални
20 август 2020„Сигурна сум дека е затруен намерно“, изјави портпаролката на Алексеј Навални, Кира Јармиш за радиото Московско ехо. Навални се разболел одеднаш во текот на летот од сибирскиот град Томск кон Москва, објави претходно портпаролката на Твитер. Авионот имал меѓуслетување во сибирскиот град Омск и 44-годишниот Навални таму е однесен во болница. Тој бил во бессознание и бил приклучен на апарат за дишење.
„Неговата состојба е сериозна“, потврди лекар од болницата за агенцијата Тас. Според наводи на портпаролката, Навални се враќал во Москва по политичката турнеја во Сибир.Таа претпоставува дека е можно да испил затруен чај. Тоа било единственото нешто што го конзумирал. Јармиш вели дека Навални останал без свест уште во авионот. Таа ја замолила полицијата да дојде во болницата.
Навални е водач на либералната опозиција во Русија и еден од најпознатите критичари на претседателот Владимир Путин. Обиди за напад врз Навални имало и во минатото. Според наводи на неговата портпаролка, ова е четврт и досега најтежок обид. По еден напад со боја, Навални имаше проблеми со окото и му се закануваше опасност од слепило. Минатата година, во текот на една затворска казна, Навални беше лекуван во болница поради наводен алергичен шок. Тогаш тој претпоставуваше дека можеби е затруен.
Навални има многу непријатели во политичката и бизнис елитата на Русија. Фондацијата на адвокатот постојано открива случаи на корупција и декандентен стил на живот на претставниците на рускиот апарат на моќ. Таа објавува детални истражувања на социјалните мрежи, каде допира до милионска публика. Навални минатата година постојано органзираше и протести. Тој е повеќепати апсен и осудуванна затворски казни.