Србија ги лажирала бројките на починати од Ковид-19
22 јуни 2020Бројот на жртви од коронавирусот во Србија е многукратно повисок од оној кој го пријавиле тамошните здравствени власти, открива истражување на БИРН. Заклучно со 1 јуни годинава, во таа земја биле официјално пријавени 244 жртви од Ковид-19, но вистинската бројка е далеку повисока и изнесува 632 лица, објави БИРН повикувајќи се на анализа на официјалните податоци од државниот систем. Последните недели се правеле манипулации и со бројот на заразени од вирусот. Па така, минатата недела дневно имало меѓу 300 и 340 новозаразени од коронавирусот, а пред јавноста било соопштено дека вкупно има 97 новозаразени. Новинарите на БИРН дошле до податоците преку специјален „Извештај за владата“ кој бил подготвен од здравствените власти.
- Повеќе на темата: Вучиќ и коронавирусот: од шегаџија до нервозен очув
Најголема разлика во бројот на умрените пациенти била забележана во Клиничкиот центар во Ниш каде властите официјално тврдеа дека починале 77 пациенти. Но скриените податоци укажуваат дека вистинската бројка на жртвите е 243 луѓе. На една клиника во Белград и на една во Земун бројот на жртвите бил „намален“ за по педесетина луѓе. Во бројни други болници низ земјата резултатите се намалувале за по десетина пациенти. Лажирањето на бројките на починатите започнало уште во април годинава, а траело се до почетокот на јуни.
- Повеќе на темата: Србија и коронавирусот
Ниту еден претставник од надлежните институции во Србија: министерството за здравство, членови на Кризниот штаб, директори на болници и Институтот за здравје, не сакал за БИРН да ги коментира овие сознанија, ниту да ги објасни огромните разлики во бројките.
Во Србија во неделата се одржаа парламентарни избори на кои убедлива победа однесе досегашната владејачка партија СНС на претседателот на државата Александар Вучиќ.