1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Сојузот на Боки 13 бил фреквентно место

10 октомври 2019

Бевме зачудени од тоа што се случуваше, но не се одржа Собрание во 2018 година за можеме да го соочиме Јовановски со сите нејасноти за тоа што и како работи, вели поранешен член на Собранието на Меѓународен сојуз

https://p.dw.com/p/3R0fl
Nord-Mazedonien Bojan Jovanovski Festnahme im Fall "Reket"
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Нема изненаденост меѓу упатени во активностите на невладината организација на Бојан Јовановски - Меѓународен сојуз Скопје, откако вчера Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага против пет физички и едно правно лице. Осомничените припаѓаат на структурата на невладината организација, а тројца од нив се товарат за помагање при извршување на кривичното дело „перење пари и други приноси од казниво дело" и „измама“.

Поранешен член на Собранието на Меѓународен сојуз - Скопје, за ДВ вели дека не е изненаден од новата истрага на Обвинителството кон лица од организацијата. Едната од осомничените ја опишува како „десна рака на Јовановски“, која се грижела за оперативно вршење на активностите, но и го советувала како организацијата треба да функционира на финансиски план.

„Таа беше присутна на сите состаноци со бизнисмените, и најголем дел од коресподенцијата и барањата за соработка со фирмите биле изготвувани под нејзина супервизија“, објаснува изворот.

Другата ја опишува како како една од главните „идеолози“ и советници за тоа како треба да изгледа програмата на организацијата и нејзиниот акциски план, а третата како најупатена во сите неговите тајни, контакти и релации. Вели дека уште од самиот почеток на работа на Сојузот, две од осомничените биле инволвирани во сите активности.

Bojan Jovanovski
Фотографија: Petr Stojanovski

„Учествуваа во преговарања со градоначалници, теренски посети, разговори и средби со бизнисмени, а во нивно присуство и на спикерфон се одвиваа телефонски разговори кои Бојан Јовановски ги вршеше со одредени градоначалници на СДСМ. Многу напори и време вложуваа за да убедат еден градоначалник од југот на земјата да прифати соработка со Сојузот", објаснува соговорникот.

Фреквентно место

Сојузот, според нашиот извор, во еден период станал место на голема фреквенција на политички гости - градоначалници, пратеници, портпароли, па дури и на членови од нивните семејства. Доаѓале попладне и навечер, а понекогаш дури и во недела.

„Сите бевме зачудени и изненадени од тоа што се случуваше таму кратко по отворањето на организацијата, но никогаш не одржавме Собрание во 2018 година, за можеме да го соочиме Јовановски со сите нејаснотии, дилеми и прашања кои ги имавме, за тоа што и како работи, и во што ние всушност членувавме. Сега излезе дека сме биле само параван за еднократна употреба", вели соговорникот.

Повеќе:

-Ременски осомничена за измама, Заев ќе ја отстранува од СДСМ

-До четврток обвиненија за „Рекет“

-Мартенс: Случајот „Рекет“ е сигнал дека правото почнува да фукционира

Две од осомничените - од невладината организација подоцна влегуваат и во „1 ТВ“, едната како косопственичка, другата повторно како лична асистентка на Јовановски. Голем број од доказите Обвинителството ги обезбедило од вештачењето на нивните компјутери одземени при претресот во телевизијата, како и од вештачењето на мобилните телефони.

На веб-страницата на телевизијата се уште стои најавата за „големата домашна инвестиција“ - контроверзниот проект „Европски комплекс за возрасни лица“ кој не стана реалност, а токму за таа намена организацијата барала и добила околу еден милион евра од две домашни компании - 720.000 евра од битолската „Пелистер" и 260.000 евра од струшката „Дрим билдинг". За овој случај исказ во Обвинителство претходно дадоа сопствениците и управители на двете градежни компании.

Screenshot von  der italianischen Zeitung La Verita über das Skandal in Nordmazedonien
Фотографија: La Verita

Мерки на претпазливост

Најголемо внимание во јавноста предизвика фактот дека со истрагата е опфатена и пратеничката и потпретседателка на Собранието, Фросина Ташевска Ременски, која беше почесен претседател на невладината организација. Во контекст на нејзината функција во законодавниот дом, премиерот Заев вчера го повтори принципиелниот став - дека секое осомничено лице времено треба да биде и одалечено од функцијата, се додека не си ја докаже невиноста.

На осомничената потпретседателка на Меѓународниот сојуз, Јасна Мандиќ, синоќа и беше изречена мерка домашен притвор. За другите кои денеска треба да се појават пред судија на претходна постапка, Обвинителство побарало други мерки на претпазливост - одземање на патна исправа, забрана за напуштање на престојувалиштето и еднаш неделно да се јавуваат во судот. Обвинителството издало и наредба да се изврши претрес на три локации. За првосомничениот Јовановски со новата истрага ќе се бара продолжување на затворскиот притвор. За него и за другите двајца осомничени во претходната истрага за „Рекет“ (Катица Јанева и Зоран Милески) се очекува Обвинителстото денеска да поднесе обвиненија.