Специјалниот пат на Шведска во кризата со коронавирусот
25 март 2020Шведскиот премиер Стефан Левен во обраќање до нацијата во неделата јасно рече: „Инфекцијата се шири. Загрозени се животот, здравјето и работните места. Ќе се разболат повеќе луѓе и повеќе луѓе ќе мора да се простат од свои роднини.“
Шведските здравствени власти до вчера регистрираа 2272 инфицирани лица со коронавирус. 36 лица досега починаа.
За разлика од Германија, јавниот живот во Шведска досега не е замрен. Владата во Стокхолм нема изречено ограничувања за излегување или забрани, туку има дадено само препораки. Според нив, населението би требало да остане колку што е можно повеќе дома, да не патува непотребно и да ги ограничи контактите со постарите лица.
Продавниците и рестораните остануваат отворени, влез на ЕУ-граѓани во Шведска е и натаму дозволен, исто како и манифестации со максимум 500 лица. Градинките и основните училишта функционираат нормално, додека средните училишта и универзитетите изведуваат онлајн настава. Домашните скијачки центри сметаат на голем наплив на гости пред и за време на велигденските празници.
Саскија Пантел, претседателка на ционистичката федерација на Шведска, на Твитер објави слика од полни барови и ресторани, во кои младите луѓе се стискаат еден до друг и уживаат на пролетното сонце. „Ова е лудило! Се плашам што сум во Шведска во време на корона-криза.“
Уредничката на рубриката за Европа во шведската платформа „Локал“ посакува Шведска да го следи германскиот пример и да воведе ограничувања на контактите. „Мислам дека тоа и ни е потребно“, напиша Кетрин Едвардс. За нејзе обраќањето на премиерот Левен до нацијата не е доволно.
Инфицирани, па што?
Под се’ поголем притисок е пред се’ Андерс Тегнел, највисок по функција виролог во Шведска. Тој на 5 март изјави дека ширењето на епидемијата го достигнало својот максимум. Во тој момент во земјата имаше 94 инфицирани лица. Во меѓувреме се над две илјади.
Потоа, во телевизиско интервју на 18 март, тој рече дека лицата кои живеат во домаќинство со инфицирано лице и натаму може да одат на училиште или на работа. Ваквите изјави кај многу граѓани во Шведска предизвикаа вџашеност.
Со оглед на велигденските празници, во текот на кои многу Швеѓани одат на скијање, компаниите кои управуваат со скијачките центри воведоа самите построги контроли. Државната телевизија СВТ објави дека скијачкиот регион Јамтланд Харједален ги замолил здравствените власти да воведат построги правила.
Во текот на изминатиот викенд стотици туристи се забавуваа во клубовите во регионот. Поради бранот на огорченост што тоа го предизвика, многу ресторани и клубови во местата Аре, Сален и Идре во меѓувреме затворија.
Повеќе:
Вакцина против коронавирусот: „Наскоро почнуваат првите тестови“
Една третина од светското население во карантин
Шпанија: Рекорден број новозаразени и починати за 24 часа
Шатдаун во Данска
Во соседна Данска владата веќе нареди шатдаун. Данската премиерка Мете Фредериксен, која од страна на домашниот печат го доби името „Врховен командант во корона-кризата“, на 14 март нареди затворање на границите. Забранети се манифестации со повеќе од сто лица. Затворени се универзитетите, училиштата, градинките, библиотеките и културните институции.
Шведската влада се спротивставува и на трендот препорачан од страна на Светската здравствена организација во врска со тестирањето. Во првите недели на епидемијата да се тестираат можеа сите погодени лица кои имаат симптоми на болеста откако се вратиле од патување од ризични региони или имале контакт со инфицирани лица.
Во меѓувреме се работи во прва линија на заштита на загрозените групи. Сега во прв ред се тестираат луѓе со проблеми на дишните патишта или припадници на ризични групи. Здрави пациенти кои покажуваат симптоми на корона, според укажувањето на здравствените власти, треба да останат дома и не се тестираат.
Нема време за тестови
„Веќе немаме време да чекаме резултати од тестирања“, вели микробилогот Карин Тегмарк Висел од шведскиот институт за здравје „Фолкхалсомундигхетен“. „Мора да работиме побрзо и да одиме чекор подалеку од тестирањето. На сите погодени им препорачуваме да ги ограничат своите социјални контакти.“
Кетрин Едвардс се надева дека ваквата стратегија ќе функционира. Со оглед на вестите од Италија, многу Швеѓани, независно од тоа што препорачува владата, ќе се одлучат да останат дома. Во Стокхолм улиците се празни, а повеќето кина и театри затворија и покрај тоа што нема таква забрана.