1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Споменик на двоглавата пропаганда

Катерина Блажевска16 февруари 2016

И споменикот на двоглав орел во Чаир, и „патриотските“ реакции за Едвард Темелко, имаат иста пропагандна цел: хомогенизирање околу теснопартиските интреси на владејачката коалиција, оценуваат аналитичари.

https://p.dw.com/p/1Hw0L
Фотографија: DW

„Криминалот на познава ни граници ни нации“. Овој илјадници пати повторен факт, кој исто толку е нотиран и во македонските медиуми во контекст на истраги и судски процеси, ја изгуби важноста. По приведувањето на градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, во врска со истрагата на Специјалното обвинителство за изборни манипулации, жестоката владино-медиумска пропаганда сомнежите за криминал против Темелко „ги преведе“ како „антмакедонско дело не само против големиот патриот, туку и против сите Македонци во Албанија“.

Во таквата злоупотреба на една правна постапка, преку уфрлање на „патриотизмот“ за партиски потреби, аналитичарите препознаваат добро позната и многупати промовирана алатка на владејачката партија.

Преку одбраната на Темелко, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја прикрие фактичката бесрамна експлоатација на Македонците од Пустец, дрско приморани на сервилна и понижувачка улога на увезени „човечиња“ во служба на теснопартиските интереси на партијата на власт, вели аналитичарот Арсим Зеколи.

„Симболичното величење и мартиризација на Темелко треба да ја прикрие реалноста дека токму најпатриотската партија на Македониците, за овие 10 години всушност нема ништо сторено за Македонците во Албанија. Напротив - отворено профитира врз нивната евидентна сиромаштија и искрениот национален идентитет. Случајот Темелко е и потврда за двосмислениот однос на ДПМНЕ кон патриотизмот, отсликан низ неславната изрека на Јанкуловска 'говедо да е, Македонец е', која само навидум има призвук на патриотски занес. Практиката докажува дека се однесува единствено кон симпатизерите и членовите на ВМРО-ДПМНЕ. И тука се пројавува тој прикриен интраетнички момент, низ кој ДПМНЕ се обидува правната заснованост за притворање на Темелко ја прикрие преку сомничење на опозицијата за недоволна патриотска поткованост и спремност да ја одбрани македонштината“, констатира Зеколи.

Со тоа, според него, ВМРО-ДПМНЕ свесно или несвесно признава дека не СДСМ, туку нормализацијата на состојбата преку почитување на законите и владеењето на правото - е вистинскиот предизвик и закана за нејзината доминација на политичката сцена.

За што говореше Маневски?

„Расте поддршката во земјава и дијаспората за единствениот македонски градоначалник во Албанија, Едмонд Темелко“... „Граѓаните се солидаризираат со Темелко и неговата голгота“... „Отворена фан-страница на Фејсбук: 'И јас сум Македонец. И јас сум од Пустец'“... Демаскирана одмаздничката и антимакедонска операција“... Ова се само дел од насловите кои сведочат како постапката за едно осомничено лице пропагандно се прикажува како атак против „македонштината“ и нејзините „патриоти“.

„Ова е замена на тези. Се извртуваат нешта кои немаат никаква врска со кривичната постапка, со цел да се дискредитира Специјалното обвинителство и да се прикаже дека постапува незаконски, селективно и дискриминаторски, констатира професорот од Правниот факултет, Гордан Калајџиев.

„Гледаме дека во провладините медиуми намерно се извлекува случајот на Темелко и тој се прикажува како жртва на селективниот прогон на национална основа. Од осомничен за сериозно кривично дело за изборна измама, тој е претставен како голема жртва, 'голем Македонец' во одбраната на македонските интереси во дијаспората. Ваквите форми на притисок врз СЈО треба одлучно да се разобличат, бидејќи, не само што се насочени кон попречување на правдата, туку како колатерална штета продуцираат и разгорување на национална, меѓунационална и верска омраза. Главната идеја е да се претстави дека 'македонските херои ќе изгорат во лошите намери на СЈО'. За жал, ваквите тези доаѓааат од истите оние структури, кои и хашкиот осуденик Јохан Тарчуловски го дочекаа како македонски херој, само затоа што убивал“, вели Калајџиев.

Новинарот Ерол Ризаов во авторската колумна во „Утрински весник“ ја потенцира и неконзистентноста со која структурите на ВМРО-ДПМНЕ посегаат по националноста како правен аргумент.

„Само пред некој ден правосудниот стратег на власта, Михајло Маневски, ја осуди одлуката на косовскиот суд за ослободување на обвините во аферата 'Монструм', со аргумент дека не може по национална линија да одлучува судот, а денеска неговите правни следбеници одлучуваат по национална припадност дали некој се огрешил од законите, кои не важат ако си Македонец од Албанија или си Македонец патриот од Македонија. Со други зборови судот одредува притвор по тоа дали некој е вмровец и патриот, или опозиционер и предавник“, коментира Ризаов.

Двоглава коалиција

Но, тоа не е сѐ. За „патриотската кампања“ да биде рамноправно распределена и на коалициско ниво, надвор од законските процедури, во скопската општина Чаир никна споменик со албанскиот симбол - двоглав орел, кој денеска треба свечено да биде откриен. Си обезбедија ли ДПМНЕ преку Темелко, и ДУИ преку споменикот - предизборна платформа на која ќе се докажуваат како единствени врвни патриоти? Според првичните реакции во албанската заедница, мотивите на власта одамна се „прочитани“.

Симболите не егзистираат во вакуум, туку нивната вредност е во корелација со околностите, мотивите и лицата кои ги истакнуваат или користат, објаснува Зеколи.

Mazedonien Demokratische Union für Integration - Ali Ahmeti
Си обезбеди ли ДУИ преку споменикот предизборна платформа на која ќе се докажува како единствен врвен патриот?Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Националното знаме или симбол во рацете на лица кои уживаат углед во средината, создава позитивна симбиоза меѓу идејата на симболот и граѓаните. Но истото знаме ставено во раце на криминалци, измамници и генерално аморални ликови, резултира во одиум, протест и дистанцирање кон лицата кои го злоупотребуваат и раѓа потреба за одбрана од нанесената манипулација со симболот. Затоа не треба да бидеме изненадени што Албанците тој споменик не го доживуваат како национален двоглав орел, туку како симбол на Двоглавата Коалиција, во кој едната глава е на Али Ахмети, а другата на Никола Груевски“, вели Зеколи.

Тој не е изненаден од манипулацијата на ДУИ со овој симбол, бидејќи смета дека е во согласност со менталниот склоп на ДУИ - типичен модус операнди за бесрамна експлоатација на Албанците во полза на теснопартиски интереси.

И споменикот во Чаир, и реакциите по приведувањето на Темелко, според него, се знак дека двете партии чувствуваат оти традиционалниот дух на собирање околу практиката на „крв и тло“ бледнее кај граѓаните од сите етнички заедници.

„Но за разлика од поранешните манипулации со симболите претежно насочени кон етничка хомогенизација контра другата страна, овојпат тоа е мотивирано од новите интраетнички реалности. Во случајот на ДУИ, тоа ја рефлектира нивната нелагода од јакнењето на проопозицискиот сентимент на Албанците. Затоа мислам дека мотивот за поставување на овој симбол е помалку насочен кон Македонците, туку повеќе е паничен обид за хомогенизација околу ДУИ поради јакнењето на 'Беса' и понудата на СДСМ“, заклучува Зеколи.

Колку и ваквата пропаганда да е проѕирна и прочитана, изненадувањето во јавноста од овие „патриотски игри“ е огромно, бидејќи се случува во клучна недела за Македонија. Имено, остануваат само три дена до најавената оценка за евалуацијата на реализираното од Пржинскиот договор, кога неговите гаранти САД и ЕУ ќе соопштат дали се исполнети условите за одржување на фер и регуларни избори.