1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Споменикот на Ќосето: ноќе поставен, ноќе отстранет

22 февруари 2018

Од општина Центар велат дека споменикот на Андон Јанев Ќосето е отстранет затоа што бил дивоградба. Споменикот си замина како што и дојде: среде ноќ. Контроверзната историска личност предизвикуваше спротивставени реакции

https://p.dw.com/p/2t8ZV
Sockel für ein Denkmal in Skopje, Republik Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Пред Врховниот суд од утрово остана само постаментот на кој до пред неколку часа, со нож в рака, стоеше споменикот на контроверзниот револуционер Андон Лазов Јанев Ќосето. Во текот на ноќта, служби на Град Скопје го отстраниле споменикот и го сместиле во магацин на Металскиот завод Тито.


Уште од денот, поточно ноќта на поставувањето, споменикот како и самата биографија на Ќосето предизвикуваше контроверзи во македонската јавност. Историската личност со чие име се врзуваат бројни ликвидации во историското ВМРО, за едни беше херој, а за други- безобѕирен убиец.


Споменикот беше поставен ноќата меѓу 6 и 7 септември 2014 година, како дел од проектот „Скопје 2014“, а беше пријавен како донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин. Никој од претходните власти, ниту од неговите донатори, никогаш не објасни зошто споменикот на Ќосето во тој облик, и со нож во раката, беше поставен токму пред Врховниот суд, и која е симболиката на тој чин.

Министерството за култура предходно утврди бројни законски прекршувања при поставувањето на овој споменик, меѓу кои и Законот за поставување на спомен обележја. СЈО отвори истрага за спомениците кои беа поставени како донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин. Ова здружение во владеењето на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ донираше уште четири споменици во Скопје: на Михајло Апостолски, Пере Тошев, Ѓорѓи Сугарев и Никола Русински.
Јавноста никогаш не дозна од каде ова Здружение ги обезбедило средствата за изработка на спомениците.
Од ова Здружение денеска нема реакција во врска со отстранувањето на споменикот.


Утрово пред постаментот каде што стоеше споменикот свеќа запали лидерот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров.

Читајте не и преку апликацијата на ДВ за андроид