1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спонзорите се дистанцираат од Суарез, а дел од колегите го бранат

Александар Методијев/афп/макфакс27 јуни 2014

Произведувачот на спортска опрема „Адидас“ објави дека ја поддржува одлуката на ФИФА за времена суспензија на уругвајскиот играч Луис Суарез и оти повеќе нема да го користи за маркетиншки активности на Мундијалот.

https://p.dw.com/p/1CRKI
Фотографија: Reuters

„Не го поддржуваме однесувањето и потезите на Луис Суарез и ќе го предупредиме дека од своите играчи очекуваме највисоки стандарди на однесување“, објави „Адидас“ откако ФИФА нему му забрани учество на девет меѓународни натпревари и четиримесечна суспензија од секакви фудбалски активности. Од Суарез се дистанцира и вебстраницата за обложување „888poker“, која објави дека „ја раскинува соработката“ со уругвајскиот фудбалер.

„’888poker’ го ангажираше Луис Суарез по фантастичната сезона во која неговите постигнувања беа признаени ширум светот. За жал, како последица на неговата постапка за време на натрпеварот во вторникот на Уругвај против Италија на Светското првенство, '888poker’ одлучи да ја прекине соработката со Луис Суарез“, информираше оваа фирма.

Додека спонзорите донесоа брза одлука, неговиот клуб Ливерпул информираше дека нема да донесе брза одлука за иднината на Суарез.

„Фудбалскиот клуб Ливерпул ќе чека, додека да го видиме и да имаме време да го разгледаме извештајот на дисциплинската комисија на ФИФА, пред да даде натамошен коментар“, информираа од клубот.

Ако Ливерпул одлучи да се збогува со Суарез, веќе има клубови кои би сакале да го видат во своите редови. Шпанските гиганти Барселона и Реал Мадрид информираа дека се заинтересирани за Суарез. Познавачите на приликите велат дека е малку веројатно оти Ливерпул ќе се откаже од Суарез.

FIFA WM 2014 Suarez Fans auf dem Flughafen von Montevideo 26.06.2014
Фановите се собраа вчера на аеродромот во Монтевидео за да го пречекаат и да му изразат поддршка на СуарезФотографија: Reuters

Во секој случај, уругвајски фудбалски претставници објавија дека ќе биде обжалена забраната за Суарез. За тоа имаат рок од три дена од нејзиното објавување. Освен со неиграње девет натпревари за националната селекција и четиримесечното оддалечување од спортските терени, уругвајската фудбалска ѕвезда треба да плати и 100.000 швајцарски франци, поради гризнувањето на италијанскиот играч Џорџо Келини.

Ваквата казна бразилската легенда Роналдо ја оцени „како да заклучите дете во темна просторија“.

„Јас никогаш не сум гризнал никого, бидејќи знам дека тоа е болно. Фудбалерот на теренот мора да се однесува со почит кон ривалот. Но, знаете, кога моите ќерки порано гризеа, јас ги затворав во темна просторија со лошиот волк. Да го оставите Суарез без фудбал четири месеци, тоа е истото“, изјави Ронладо, кого и самиот го нарекуваат „Забле“.

„Сите сме огорчени. Сите знаеме дека нема правда на светот. Со светот владеат големите, додека малите секогаш ќе останат мали. Ние ќе продолжиме понизно, заедно и решително. Ништо нема да не’ спречи“, изјави капитенот на уругвајската селекција, Диего Лугано.

„Жал ми е за Суарез и за уругвајската репрезентација, но и поради Светското првенство. Бидејќи, кога Суарез игра тоа е шоу“, изјави чилеанскиот напаѓач Алексис Санчез.

Сепак не сите изразуваат поддршка за Суарез. Поранешниот бек на Ливерпул Алан Хансен изјави: „Казната за Суарез е фер. Водството на Ливерпул треба јасно да му каже – уште еден инцидент и леташ од клубот!“