Зошто младите во Србија не се вакцинираат?
9 јули 2021„Рај за вакцини“ во кој граѓаните бираат од „шведска маса“ вакцини од западно или источно производство... Така во суперлативи, целиот европски печат пишуваше за Србија. Додека во ЕУ вакцините уште беа дефицитарна стока, туристите јуришаа во Белград или во Ниш да се вакцинираат. Тоа беше пред само три месеци, но како да помина цела вечност.
Стручњаците предупредуваат дека Србија прерано се приближила до „плафонот“ на вакцинација, кога темпото значително се забавува, бидејќи се вакцинирани речиси сите кои тоа го сакаа, па остануваат само неодлучните, кои е тешко да се убедат, и антиваксерите.
Според датотеката на Универзитетот Џонс Хопкинс, во Србија околу 35 насто од граѓаните ги примиле двете дози од вакцината. Во Германија со две дози се вакцинирани 39 отсто, иако има уште граѓани кои немале можност да се вакцинираат.
До плафонот, додуша, многу повисок од српскиот - се приближуваат и други земји во кои одамна има доволно вакцини за сите, како САД, Израел или Велика Британија.
Премиерката Ана Брнабиќ неодамна зборуваше за точката на враќање кон нормалниот живот, велејќи дека „моливот со кој ќе се нацрта таа точка се наоѓа во рацете на младите луѓе“.
Мислат дека се неуништливи
Токму вчудовидувачката неподготвеност на младите во Србија да се вакцинираат прави разлика во однос на споменатите држави. ДВ до заклучување на текстот не доби од официјалните лица актуелни податоци колкав е процентот на младите (од 18 до 30 години) кои се вакцинирани, но според недамнешните изјави на одделни членови на Кризниот штаб, може да се заклучи дека дури секоја петта или шестта млада личност во Србија примила барем една доза.
За споредба, во САД, каде официјалните лица, исто така, се жалат дека младите поретко го креваат ракавот, се вакцинирани околу 50 осто лица на возраст помеѓу 18 и 24 години.
Повеќе:
-Македонските граѓани на ревакцинација во Ниш или Врање?
-Србија: вакцини има, нема кандидати за вакцинирање?
-Србија- трета земја во Европа што започна со корона-вакцинација
Истражувањето објавено во мај во Германија, исто така, покажа дека подготвеноста за вакцинација расте со годините. Луѓето во пензија во 92 насто од случаите рекле оти примиле или секако ќе примат вакцина. Кај луѓето во средни години, овој процент е 72 (плус 12 отсто кои „веројатно“ ќе се вакцинираат), додека кај младите од 40 години тоа се 63 насто, но уште 17 проценти од оние кои „веројатно“ ќе се вакцинираат.
Разлики, значи, постојат, но ни одблизу како во Србија.
„На младите една година им се испраќаа пораки дека нив не ги погодува вирусот, оти добро поминуваат ако се заразат. Покрај тоа, за вакцините се зборува сѐ и сешто, и тогаш младиот човек најверојатно проценува дека вакцинирањето му е повеќе труд и ризик, отколку полза“, вели Оливер Тошковиќ, психолог од Филозофскиот факултет во Белград и член на иницијативата „Обединети против Ковид“, која критички се соочува со државното управување со кризата.
Иако, вели, дека не може целата вина да ѝ се припише на власта, Тошковиќ им забележува на двете страни. „Недостасува поорганизирана кампања да се разбуди свеста кај младите, заедништво. Не мислам оти тие се себични, туку се поинакви, во поинаква ситуација. Затоа луѓето кои ја организираат вакцинацијата треба да ги анимираат:“
И, второ, државните претставници, зборувајќи за вакцинацијата, често наведуват колкав е процентот на „полнолетни“ вакцинирани. „Тоа создава лажна слика, бидејќи за успех на вакцинацијата се гледа целата популација, вклучувајќи ги и малолентните. Всушност, треба да се вакцинираат речиси сите кои можат да се вакцинираат.“
Налетот на Делта уште летово
Во екот на жешките денови и планирањето одмори, речиси незабележано помина веста дека државната комисија утврдила оти 10.356 смртни случаи во Србија минатата година се поврзани со коронавирусот, иако официјалните бројки беа тројно помали.
Во моментов бројот на новозаразени во Србија повторно расте, и официјалните лица стравуваат дека новиот бран, со сојот Делта, ќе дојде веќе летово, а не дури наесен.
Критичарите имаат обичај да кажат дека младите, освен тоа што мислат оти се „неуништливи“ и ја потценуваат опасноста, покажуваат и голема себичност. Без вакцинирање, велат стручњаците, токму младото население ќе заболува од Делта-сојот, а потоа ќе го пренесува меѓу постарите и меѓу оние со кревко здравје.
„Сите можеме да имаме интимни размислувања за тоа дали станува збор за себичност. Но, мора да работите со младите луѓе за да не бидат себични, да почувствуваат зошто треба да го сторат ова“, вели Мила Пауниќ, епидемиолог од Студентската поликлиника во Белград.
„Не можете да ја подигнете нечија свест за еден месец, иако може да се прават кампањи. Неопходно е да се работи во образованието, во семејството. Младите се ресурс на едно општество, а не проблем. Ако премногу ги критикувате, ќе добиете само спротивен ефект “, вели оваа лекарка, која е во секојдневен контакт со студентите.
„Ниту нашите млади не се разликуваат од другите, ниту пак се разликуваат генерациите на млади. Тие можат да се разликуваат само во тоа колку се вложува во нив“, заклучува Пауниќ.
Вакцинација поради фестивали и патување?
Музичките фестивали или концертите на кои е дозволено присуство само на вакцинирани, се еден од начините за поттикнување на младите. Како што сликовито објаснува психологот Тошковиќ, вистинската цел (здравјето) се менува со навидум попривлечна и актуелна цел (одење на концерт или на летен одмор). „Тоа е како кога ќе нацртаат мува во писоарот, па луѓето почнуваат да целат во неа, а помалку шараат наоколу. Концертите во време на корона можат да имаат таков ефект“.
Парадоксално, слоганот на кампањата на Обединетите фестивали на Србија гласи „Вакцината е единствениот начин повторно да бидеме заедно“, но сепак на фестивалите ќе биде можно да се влезе со негативен резултат на брз тест што се прави на влезот. Оваа кампањата на фестивалите, меѓу кои се Егзит, Нишвил и Бирфест, беше поддржана од српската влада и од градовите Белград и Нови Сад.
Освен оваа кампања, видлива на некои билборди, на младите не им се пристапува систематски, критикува Тошковиќ.
Неодамнешното истражување на „Ипсос“, направено во соработка со Катедрата за психологија на Филозофскиот факултет во Белград, покажува дека младите не се огорчени противници на вакцината, но тие најчесто се нерешителни. Дури 62 проценти од нив се неодлучни во однос на вакцината наспроти 31 процент кај сите возрасни граѓани. Истражувањето, исто така, покажува дека кај младите, десет проценти се против вакцинацијата, а кај општата популација, нешто помалку односно седум проценти.
Младите наведуваат дека најчестите причини за нивната колебливост се тоа што сакаат да се уверат дека вакцината е безбедна, оти навистина нуди имунитет, но и дека би ги мотивирало доколку вакцинацијата е неопходна за патувања или за учество на јавни настани.
Затоа Тошковиќ смета дека присилувањето на вакцинација и казните, кои граѓаните на Србија и онака мнозински ги одбиваат, би предизвикало силни контрареакции. „Бидејќи, има многу малку вистински антиваксери кои никако не сакаат да се вакцинирааат. Но, има многу неодлучни луѓе кои слушаат дека има несакани ефекти од вакцината, па затоа не сакаат да ризикуваат. Добивката од вакцините е одложена, долгорочна. А, кога некој ќе се разболи, тогаш е доцна да ја научи лекцијата“