Србија: Петиција за помилување на убиецот на Ѓинѓиќ
11 ноември 2021На 12 март 2003 година, во српскиот главен град Белград беше убиен првиот демократски избран премиер на Србија. Две години претходно, на 25 јануари 2001 година, стана шеф на владата откако беше соборен дотогашниот властродржец, Слободан Милошевиќ. Милошевиќ иницираше три војни и планираше создавање етнички чиста, Голема Србија на тероторијата на поранешна Југославија. Целта на Зоран Ѓинѓиќ пак беше создавање модерна, демократска и европска Србија.
Обидот на премиерот Ѓинѓиќ да ја приближи Србија кон Европа се манифестираше и преку обновувањето на членството на државата во сите важни меѓународни организации, од кои беше исклучена во време на Милошевиќ. И инфлацијата од 113 проценти во 2000 година, во 2003 година беше намалена на осум проценти. Освен тоа, беше донесен закон за борба против организиран криминал и укината смртната казна. Екс-претседателот Милошевиќ беше уапсен и предаден на Трибуналот на ОН за воени злосторства, кој подигна обвинение против него.
На 12 март, Звездан Јовановиќ, припадник на Единицата за специјални операции (ЈСО) на српската полиција, стрелаше врз Зоран Ѓинѓиќ од зграда во близина на седиштето на српската влада. Премиерот кратко потоа почина, а неговиот убиец наскоро беше фатен и при испитувањето го призна убиството. Уапсен беше и Молорад Улемек, наречен „Легија“, екс командант на ЈСО, кој заедно со криминалната банда „Земунски клан“ беше одговорна за убиството на Ѓинѓиќ. Јовановиќ и Улемек беа осудени на по 40 години затвор. На погребот на Ѓинѓиќ присуствуваа 200.000 граѓани на седум милионската земја, како и преку 70 странски делегации.
Молк на владата
Во март 2020 Драган Васиљковиќ, наречен „капетан Драган“, се врати во Србија, откако поради воени злосторства извршени во војната од 1991-95 година осум години и девет месеци помина во затвор во Австрија и во Хрватска. Во септември 2020 ја основаше фондацијата „Капетан Драган“, со која во август 2021 година започна да собира потписи за ослободување на Звездан Јовановиќ, убиецот на Ѓинѓиќ, кого јавно го нарекува воен херој. До денес никој од српската влада не се дистанцирал од оваа иницијатива.
„Неактивност и молк на владата за петицијата на осудениот воен злосторник за помилување на еден убиец зборува само за себе и е јасна порака“, вели за Дојче веле Наташа Говедарица, директорка на германската хуманитарна организација Цивилна мировна служба во Белград. „Државниот апарат, кој никогаш не е исчистен од луѓето на Милошевиќ, до денес е убеден дека Ѓинѓиќ мораше да биде убиен. На ваков апарат му одговара општество во кое т.н. капетан Драган знае кој е херој, а кој е злосторник, кој заслужува слобода, а кој затвор.“
Средба со министерката за правда
И медиумите во Србија му даваат простор на Васиљковиќ по неговото враќање од затвор. Хрватска, по истекот на казната, го депортираше. Хрватскиот суд кој го осуди, можеше да докаже дека „капетан Драган“, меѓу другото, е одговорен за мачења, злоупотреба и убиство на затвореници во хрватската војна. На тоа весници, радио и ТВ станици во Србија, кои редовно му даваат простор, никогаш не укажуваат.
Во мај 2021 година Васиљковиќ им изјави на новинарите дека не верува оти има непријатели во српската влада. За ТВ Пинк, телевизија блиска до владата, изјави дека нема контакти со српски државни функционери, освен со министерката за правда Маја Поповиќ, со која се сретнал. За што разговарале двајцата, осудениот воен злосторник не прецизираше, но истакна: „Таа е мојот контакт со српската држава“.
Првиот осуден српски државен службеник
Веднаш по почетокот на војната во поранешна Југославија во 1991 година, Звездан Јовановиќ се приклучил на српските единици на доброволци. Се смета дека припаѓал на парамилитарната вооружена група на Франко Симатовиќ „Френки“, од која подоцна се разви специјалната полициска единица ЈСО. Симатовиќ во јуни 2020 година беше прв српски државен службеник осуден во Ден Хаг за злосторства против човештвото и повреда на законите на војување, на казна од 12 години затвор.
„Френки бојс“ на Симатовиќ и други парамилитарни групи беа расформирани по мировниот договор од Дејтон во 1995 година. Јовановиќ се приклучил кон ЈСО, раководена од Милорад Улемек. Со него и со ЈСО тој учествувал и во Косовската војна во 1999 година, но никогаш не е утврдено каде бил ангажиран и што правел за време на војната во Косово.
Што прави државата?
Белградскиот адвокат Михаило Павловиќ за ДВ вели дека за членство во фондацијата „Капетан Драган“, според српскиот закон, не постои причина за кривична одговорност, ниту за забрана на активноста. Но, собирањето потписи на Васиљковиќ во повеќе српски градови можело да биде спречено: според уставот, слободата на собирање може да биде ограничена ако е потребно за заштита на јавното здравје, моралот или државната безбедност.
„Во овој специјален случај, според мое мислење, може да се запре собирањето потписи“, вели Павловиќ. Наместо тоа, Васиљковиќ неодамна одржа дури и прес конференција во просториите на Новинарското здружение на Србија. Прашањата на новинари за ставот на српската влада за оваа активност останаа неодговорени.
Но, постојат укажувања за позицијата на Белград. Вицепретседателот на српската владејачка партија Српска напредна странка, Александар Шапиќ изјави дека Драган Васиљковиќ „има право да го искаже своето мислење“, но тој не ја поддржува позицијата на осудениот воен злосторник во однос на убиецот на Зоран Ѓинѓиќ. Но, Шапиќ го поддржува „зашто го бранел српскиот народ“ и жали што Васиљковиќ морал толку долго да остане во затвор.
„Ваков став на претставник на српската владејачка партија не придонесува ниту за траен мир во постојугословенскиот простор, ни пак ги подобрува односите меѓу народите и општествата кои живеат овде“, коментира Наташа Говедарица.