1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија - фактор на стабилност или на нестабилност?

Ивица Петровиќ
23 август 2017

Повлекување на персоналот од амбасадата на Србија во Скопје е драматичен потег кој ќе влијае негативно на односите на двете земји. Реакцијата на српските власти е пресилна и непотребна, оценуваат белградски аналитичари

https://p.dw.com/p/2ifvB
Symbolbild Flaggen von Mazedonien und Serbien
Фотографија: Colourbox/A. Mijatovic

Повлекувањето на српските дипломати од Македонија во српската јавност се толкува како одговор на два потега на македонската власт: засилено прислушкување и следење на српски дипломати и поддршка на Македонија за членство на Косово во Унеско. Во моментов не е важно која причина претежнува, се констатира во неофицијалните теории пренесени во српските медиуми.

Кога станува збор за српските власти, целата ситуација и нивното објаснување практично се сведоа на една реченица: „Таквата одлука уследи по сознанијата на нашите надлежни органи за офанзивно дејствување против органи и институции на Србија .“ За сѐ да остане на ниво на шпионска мистерија, се потруди и српскиот  министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, кој предупреди дека на властите во Македонија нема да им биде лесно кога ќе дознаат „дека ние знаеме сѐ, што решиле, што работат и што ќе работат“. Дилемата - што се крие зад овој потег не ја реши ниту гостувањето на српскиот претседател Александар Вучиќ на државната телевизија, зашто таму само повтори дека „Србија знае сѐ што правела Македонија.“

Еден вид придружна програма се медиумите блиски до власта, кои своите страници ги преплавија со сензационалистички наслови како „Заев ѝ објави војна на Србија“, „Братко Заев ни заби нож во грбот“, „Македонците го прислушкуваат дури и Вучиќ“. Медиумите ја бележат изјавата на лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоиљковиќ, дека „српскиот персонал и амбасадата на Србија имаат третман и ранг на иранска амбасада“, а Иран, додава тој, „во Македонија е означен како спонзор на тероризмот.“

Праќаа агенти од БИА, а сега изненадени и навредени од контрамерките

Безбедносните аналитичари сметаат дека двете споменати сценарија можат да бидат повод за ваква реакција на Србија и дека е можно да се случило во истиот момент и поклопување на двата случаја, прислушкување и Унеско. Доколку причина е прислушкување, истражувачот од Белградскиот центар за безбедносни политики, БЦБП, Бојан Елек за ДВ вели дека тоа не е ништо необично, имајќи ја во вид ситуацијата во која службеник на српската Безбедносно-информативна агенција, БИА, се најде во македонското Собрание во текот на безредијата по тамошните избори: „Тоа би можела да биде причина за македонската служба да воведе контраразузнавачки мерки кон персоналот на српската амбасада во Скопје. И тоа можеби би било необично, ако односите се регуларни. Но, по присуството на службеник на БИА во тие настани, а уште не знаеме во каков капацитет, некои контрамерки на македонските служби делуваат логично.“ 

Serbien | Aleksandar Vucic
Српскиот претседател Александар Вучиќ не понуди поконкретно објаснувањеФотографија: imago/Pixsell

Покажување мускули

Српските власти, од другастрана, наведуваат дека тие мерки ги преминуваат границите на вообичаени акивности на тајните служби и дека се насочени против самата Србија и нејзините институции. Меѓутоа, Александар Попов, директор на Центарот за регионализам, смета дека сѐ што се случува, е прилично ирационално. „Кога станува збор за членство на Косово во Унеско, тој став произлегува од признавањето на Косово, кое го изврши претходната власт на ВМРО ДПМНЕ, а со која Српската напредна партија, СНС, имаше блиски односи. Исто така, низ други земји го признаа Косово, како и неговото членство во Унеско, па против нив не се применувани вакви мерки. А до заострување на односите дојде откако се случи промена на власта во Македонија, зашто таа очигледно не му е по волја на официјален Белград“, истакнува Попов.

Јавноста во Србија на некој начин е навикната на драматичните и спектакуларни потези на српските власти; во правилни временски интервали јавноста се подигнува на нозе со најнови завери против власта и претседателот Александар Вучиќ, во кои наводно покрај држави од соседството, учествува и странски фактор. Оттаму, и овој потег може да се смета како уште една веќе видена претстава. Бидејќи и сега, како и во слични прилики, уследија прилично „тенки“ соопштенија, остана само да се нагаѓа за причините за сегашната криза во српско-македонските односи. Бојан Елек во секој случај ова го смета за „потег на очајник“. Тоа е секако претерана мерка, оценува Елек, додавајќи дека ова според него е само креирање атмосфера на страв и паника: „А потоа ние, како фактор на мир и стабилност во регионот, произведуваме некои кризи кои потоа ги решаваме.“

Mazedonien Serbien Vucic bei Gruevski
Александар Вучиќ и македонскиот екс-премиер Никола Груевски Фотографија: DW/P. Stojanovski

Кому да се верува - на таблоидите или на политичарите?

Токму официјалната титула на шампион на мирот и стабилноста во регионот е нешто што сегашната власт најчесто инсистира. Александар Попов затоа свртува внимание дека Србија со вакви и слични потези сѐ повеќе доаѓа во ситуација да станува фактор на нестабилност во регионот. „Мерките кон Македонија се прилично остри и невообичаени, тие сериозно го доведуваат во прашање кредибилитетот на Србија како гарант на стабилност во регионот“, истакнува Попов.

Декларативно, но и врз основа на некои потези, Србија навистина ги придвижи од мртва точка односите во регионот, често беше многу воздржана кога се случуваа некои недоразбирања со соседните земји. Но, Попов вели дека некој друг ешалон на политичари тоа на некој начин го поништи со своите изјави кои доведуваа само до заострување на односите. Тука секако треба да се потенцира и медиумското делување на одделни таблоиди, многу блиски до власта, кои за македонскиот премиер Зоран Заев, на пример, тврдат дека е „опколен од мафијаши и платен да ја напаѓа Србија и да прави хаос“. Според Александар Попов, сега се поставува прашање - кому да се верува, на таблоидите или на српските политичари кога зборуваат за Македонија? „За жал, кај нас таблоидите најчесто го зборуваат она што го мисли владејачката гарнитура“, вели Попов: „Таблоидите тука служат и за оправдување на потезите на власта кон Македонија“.

Техника за зачувување на власта

Своја оценка на настаните на релација Белград-Скопје ја изнесе и поранешниот министер за надворешни работи, Вук Јеремиќ, кој на својот Твитер-профил потегот на српските власти го оцени за „дипломатски дилетантизам и шарлатанство, својствено на банана-држави“.

Бојан Елек се сложува со оваа оценка, додава дека „оваа медиумска драма беше непотребна, сѐ можело да се реши по други канали, без оглед дали станува збор за прислушкување или членство на Косово во Унеско.“ Во поглед на стабилноста на регионот и улогата на Србија, која е помалку фактор на стабилност, а повеќе фактор на нестабилност, Елек вели дека „Србија има голем капацитет да прави неволји во регионот и таа тој капацитет обилно го користи за внатрешни политички потреби, поточно за одржување на власта. Тоа бара константно производство на кризи, создавање на чувство на загрозеност од соседите и - тогаш носителите на власта се појавуваат како спасители кои го решаваат проблемот“.