1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија: Нереален ултиматум до Вучиќ

Ивица Петровиќ
14 март 2019

Опозицискиот Сојуз за Србија и постави ултиматум на власта: Заминување на режимот и слободни избори на сите нивоа. ДВ анализира дали тој рискантен потег е знак на силата или немоќта на опозицијата?

https://p.dw.com/p/3F0GP
Serbien Proteste in Belgrad
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Babic

Опозицискиот Сојуз за Србија (СЗС) му даде ултиматум на режимот на Александар Вучиќ и постави рок од 30 дена за негово исполнување.
„Бараме итни оставки на претседателот на Србија Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ и претседателката на Народното собрание Маја Гојковиќ. Бараме избори на сите нивоа кои ќе се одржат по 6 до 9 месеци во кои медиумите ќе бидат слободни и ќе бидат исполнети останатите барања на опозицијата за фер и чесни избори“, се наведува во прогласот на опозицијата. Доколку тие барања не се исполнат, СЗС најавува голем народен протест во Белград на 13 април, на кој ќе бидат повикани граѓаните на цела Србија.
Иако во прв момент делуваше дека веста е препишана од некој сатиричен портал, во СЗС навистина ова го мислат сериозно. По повеќемесечни протести во околу 90 српски градови, челниците на СЗС очигледно се најдоа пред пресвртница и сега најверојатно се обидуваат да извршат нов притисок врз власта.

(Не)Реални очекувања

А колку власта се вознемири поради тој ултиматум сведочи и целосното отсуство на реакција од владејачката коалиција. Според директорот на Центарот за практична политика, Драган Поповиќ, опозицијата треба да има реални очекувања.
„На ова гледам како на изнуден потег по серијата граѓански протести“, вели тој за ДВ. „Од друга страна, се работи за ризичен потег бидејќи поставува високи барања и ги подига очекувањата. Мислам дека никој реално не очекува дека челниците на режимот ќе поднесат оставки во рок од еден месец“.
И политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ смета дека власта секако нема намера да ги исполни барањата на опозицијата.
„На тој начин би си пукале себеси во колено и би влегле хендикепирани во изборната трка како некој кој признал дека нешто не е во ред. Притоа и би признале дека досегашните избори не биле регуларни“, вели Анѓелковиќ.
Власта засега рамнодушно ги игнорира барањата, а доколку притисокот се зголеми, ќе се обидат да го разводнат со некои други теми, прогнозира Поповиќ.

Belgien |  EU-Parlament | Opposition Serbien
Српските опозициски лидери Вук Јеремиќ и Драган ЃиласФотографија: M. Maksimovic

Опозиција без сила

Нејасно е кои се мотивите на опозицијата за ваквите барања, но легитимно е да се анализира дали СЗС има доволно политичка сила и поддршка кај народот за овие ултиматуми. Се работи за само една опозициска групација, која не успеа да ги капитализира повеќемесечните протести против власта со подобрување на својот рејтинг.
„Нивната цел не е самиот ултиматум, туку желбата да се наметнат како најсилен опозициски елемент и да ги истиснат останатите опозициски играчи“, смета Анѓелковиќ. Според проценките на Поповиќ, СЗС има поддршка на околу 10 до 15 проценти од гласачкото тело во Србија.
„Тие се далеку од тоа да можат зад себе да ја обединат целата енергија на граѓанските протести и да извршат толкав притисок за да ја загрозат власта на Вучиќ“, вели Поповиќ.
Двајцата аналитичари се согласни дека опозицијата со најавата на протестот на 13 април врз себе презела голем ризик, затоа што граѓаните не знаат што да очекуваат од него. „Мислам дека тој протест не треба да се најавува како некаков ден Д или нов 5 октомври. Тоа треба да биде јасна порака до власта, но без нереални очекувања“, вели Поповиќ.

Kampagne Serbien Die Zukunft Serbiens
Владата на претседателот Александар Вучиќ не делува потресена од барањата на опозицијатаФотографија: N1

Секогаш подготвени таблоиди

Во следните месеци секако треба да се очекува жестока реакција на медиумите блиски до власта. Челниците на СЗС веќе се прогласени за државни непријатели и најавата за големиот протест само ќе ги поттикне таблоидните теории дека се работи за радикализација на опозицискиот отпор со зелено светло од Западот. Тој наратив, дека Западот преку хаос на улиците сака да го урне Вучиќ е присутен од самиот почеток на граѓанските протести, а сега ќе биде само дополнително зајакнат.
Опозицијата веројатно ќе стори се што може за тој собир да биде сериозен, додека власта ќе ја засили својата кампања ширум Србија, прогнозира Анѓелковиќ.
„Ќе имаме политичка борба на два колосека и се надевам дека тоа нема да предизвика некои поголеми тензии во општеството, освен некои засилени вербални судири“, заклучува тој.