1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Зошто германската корона-апликација е подобра од другите?

Фабијан Шмит
16 јуни 2020

И Германија конечно изготви апликација за следење на ширењето на заразата од коронавирусот. Зошто беше потребно толку долго време и во што се разликува од останатите вакви апликации?

https://p.dw.com/p/3dpxa
Symbolbild I Corona-Warn-App
Фотографија: Imago/A. Hettrich

Воведување на апликацијата за предупредување во случај на зараза од коронавирусот за смартфони во Германија траеше малку подолго отколку во другите земји. Кина и Јужна Кореа на пример, уште во март започнаа да користат соодветни апликации. Европските држави, како Франција, тоа го направија на почетокот на јуни.

Ова се најважните прашања и одговори за новата германска апликација:

Зошто прашањето на заштита на податоци е подобро решено отколку во другите земји?

За разлика од Кина, каде што апликацијата за предупредувањето бележи комплетен профил на движењето на корисникот и го испраќа до компјутерите во повеќе државни служби, германската апликација воопшто не ги лоцира корисниците. Таа не открива каде се наоѓа некој бидејќи ниту една служба не смее да ги лоцира корисниците. Германската апликација само препознава кои други корисници се во моментот во близина. Тоа функционира со вклучување на блутут опцијата, со помош на која телефонските уреди може да разменуваат податоци со оној кој им е во непосредна близина. 

Würzburg | Frau mit Mundschutz guckt auf Ihr Handy
Фотографија: picture-alliance/HMB Media/H. Becker

Притоа телефоните меѓусебно кусо ги разменуваат идентификациските броеви. Податоците за овие контакти се чуваат само на телефонот на одреден корисник. Тие се шифрирани па дури ни сопственикот на телефонот не може да ги види. Собраните податоци по две недели автоматски се бришат.

Повеќе:

-Борба за најдобра корона-апликација

-И довербата е фактор во битката против Ковид-19

-Коронавирус: Моделот Јужна Кореја функционира

Покрај тоа податоци има и на верификациските и серверите на апликацијата. Но, тие се анонимни и се користат за испраќање на кодови за верификација и броеви на трансакција за да може апликацијата да функционира безбедно. За да се зголеми довербата во апликацијата и да се осигура транспарентност, програмерите унапред го објавува изворниот код на апликацијата.

Како функционира процедурата за предупредување некој кога ќе се зарази?

Кога една лабораторија ќе утврди дека некој се заразил, нему заедно со резултатот од тестот му се испраќа посебно генериран QR-код којшто треба да го скенира со паметниот телефон. Дури од тој момент може да се активира испраќањето на предупредувањата. При тоа, телефонот испраќа анонимни податоци за контакт со лицето на централниот сервер. 

Потоа серверот автоматски во рок од 15 минути им испраќа предупредување во вид на „пуш“ порака на сите оние за кои е докажано дека во последните 14 дена имале контакт со заразеното лице. Дозволата за испраќање на пораки со предупредување од страна на лабораторијата со помош на QR-код е потребна за да се осигура дека никој не може да предизвика лажен аларм.

Оние кои ќе добијат такво предупредување добиваат и препораки како да се однесуваат: на пример, да одат да се тестираат и да се стават во карантин.

Кој ќе може да ја користи апликацијата?

Програмерите од Дојче телеком и САП веќе ја претставија апликацијата. Од денска  треба да биде и достапна за даунлодирање и користење.

Апликацијата нема да може да ја инсталираат сите корисници на смартфони: таа ќе функционира на андроид со оперативниот систем 6 и на ИОС со оперативен систем 13.5. Освен тоа на телефоните мора да се вклучени и Google Play услугите.

Но, оваа софтверска компонента не е инсталирана на телефоните од марката Хуавеи. Првата верзија на апликацијата на почеток ќе биде достапна само на германски и англиски јазик, додека за останатите јазици, како турски, ќе следи подоцна.

Кои се слабостите?

Не сите лаборатории за тестирање на САРС – КоВ – 2, како ни сите здравствени служби не се опремени со соодветна дигитална инфраструктура потребна за испраќање на резултатите од тестираните во системот и генерирање на QR-кодови.

Затоа пациентите кои ќе бидат тестирани во вакви лаборатории и нема да може да добијат QR-код ќе мора своите податоци да ги испраќаат во кол центар кој заеднички го креираат Дојче Телеком и САП. Овој кол- центар може да управува со 1000 повици дневно. При тоа пациентите ќе мора да одговорат на прашања со кои ќе може да се утврди дали тие се навистина тестирани. Сепак не смее да се извлекуваат заклучоци за пациентите низ тие прашања и одговори. Во оваа компликувана процедура постои ризик дека пациентите ќе предизвикаат лажен аларм или ненамерно ќе си ги откријат своите лични податоци.

Symbolbild I Corona-Warn-App
Фотографија: picture -alliance/F. Hoermann

Поединечни решенија на европските земји

Голема слабост на сите овие апликации за предупредување на зараза од коронавирусот – вклучително и германската – е тоа што секое е од нив е поединечно национално решение. Тие воопшто не се компатибилни во целиот свет, па дури ни во рамките на Европската унија – таму постојат најмалку седум различни решенија кои не се меѓусебно поврзани ниту се компатибилни. Така патниците кои сакаат да се заштитат себе си и останатите преку користење на ваква апликација имаат само можност истовремено да инсталираат неколку вакви апликации.

Дополнителен проблем е тоа што за германската и француската апликација предупредувањето може да се испрати само ако одредениот национален институт за тестирање ја потврди заразата. Ако на пример еден германски институт ја потврди инфекцијата по враќањето на некое лице од Франција, не може да се испрати предупредување преку француската апликација. Иако речиси сите европски решенија се базираат на размена на податоци преку блутут, со што ги задоволуваат минимални стандарди за заштита на податоци, во Франција податоците се чуваат на централен сервер. 

Како технологијата за надзор се користи во корона-кризата

Не се сите апликации толку безбедни ниту сигурни дека не може да дојде до пропуст. Така на пример преку австриската апликација е полесно испраќање на лажни пријави за зараза бидејќи не мора да се докажува постоење на позитивен резултат. Слично е и во Велика Британија каде има механизам со кој може да се ресетираат лажни аларми. Предвидено е апликациите за Германија, Австрија и Швајцарија во догледно време да се поврзат меѓусебно бидејќи користат единствен стандард којшто го развија Епл и Гугл.

Може ли апликацијата да преизвика побрзо празнење на батеријата на мобилниот телефон?

За програмерите тоа е голем проблем. Токму затоа ја конфигурираа апликацијата така за да не биде постојано вклучена за да бара други паметни телефони, туку да се активира накратно во одредени интервали. На тој начин може да се избегне корисниците да ја деинсталираат апликацијата поради тоа што брзо би им ја празнела батеријата на мобилниот.

Целта на експертите е околу 60% од населението да ја инсталира апликацијата. Министерот за здравство Шпан е повнимателен и во изјавата за Рајнише пост истакнува дека би бил задоволен ако ја инсталираат и неколку милиони корисници.