1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пандемијата ја отежна борбата против трговците со луѓе

ДТЗ
20 јули 2022

„Енергично истражувајте, гонете и осудувајте трговци со луѓе“, се вели во извештајот, во кој се бараат построги и подолги затворски казни.

https://p.dw.com/p/4EPEX
Symbolbild Menschenhandel
Фотографија: picture-alliance/dpa/J.-P. Strobel

Пандемијата ја отежна борбата против трговците со луѓе, особено со деца во Северна Македонија. Американскиот Стејт департмент во најновиот извештај за трговијата со луѓе во светот, кој се однесува за состојбите во 2021 година, изнесува низа забелешки за полицијата и обвинителството коишто постапуваат во однос на ваквите случаи. Во него се нотира дека Владата не ги исполнува до крај минималните стандарди за сузбивање на трговијата со луѓе, но дека прават значајни напори во таа насока. Се препорачуваат построги истраги и казни за трговците со луѓе, како и да не се заобиколуваат официјални лица за кои има сомнежи за соучество.

„Енергично истражувајте, гонете и осудувајте трговци со луѓе“, се вели во извештајот, во кој се бараат построги и подолги затворски казни. 

Второ ниво 

Северна Македонија се наоѓа на второ ниво заедно со осумдесетина земји од светот, меѓу кои се и Албанија, Хрватска, Грција, Унгарија. Најголеми напори за справување со трговијата со луѓе се забележуваат во САД, Канада, Франција, САД, и Финска. 

Што се однесува до Северна Македонија, во извештајот се заклучува дека македонските власти презеле напори за судска разрешница на повеќе случаи и развиле пристап што е ориентиран кон посттрауматска заштита на жртвите и децата од трговијата со луѓе. Но, стандардите во повеќе клучни области не се исполнети. Па така се забележува дека е намален бројот на обвиненија против трговци со луѓе, додека полицијата и натаму се соочува со недостиг од доволно финансии и опрема за да спроведе проактивни истраги. 

„Владата ги намали напорите за спроведување на законот. Истражен е еден случај со тројца осомничени, во споредба со шест случаи со 13 осомничени во 2020 година. Владата гонеше двајца обвинети во два случаи за трговија со деца за секс, во споредба со ниту еден во 2020 година. Судовите осудија еден трговец со луѓе во отсуство за трговија со деца, што е назначително намалување во споредба со девет трговци со луѓе осудени за трговија со деца и двајца за сексуална трговија со деца и принудна работа. Судијата го осуди трговецот со 12 години затвор, во споредба со судиите кои изрекоа казни од четири до седум години затвор на 11 трговци со луѓе во 2020 година. Апелационите судови потврдија две пресуди и укинаа една пресуда, во споредба со потврдени три пресуди во 2020 година“, се вели во извештајот. 

Symbolbild Häusliche Gewalt
Лани биле идентификувани 48 жртви, во споредба со седум жртви во 2020 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/M. Gambarini

Според Стејт департментот, надлежните работеле со ограничен капацитет поради пандемијата, која што предизвикала недостиг на персонал. Исто така и Јавното обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, немало доволно ресурси, персонал и дигитален систем на менаџирање за да се справи со сите случаи што се во негова надлежност.  

„Владата ги реактивира мобилните тимови, кои секоја година ги идентификуваат повеќето од потенцијални жртви, но, не додели средства за тие тимови. Локалната и граничната полиција не ги проверувале доволно показателите за трговија со луѓе“, се додава во извештајот. Како резултат на тоа, се стравува дека се депортирани и неидентификувани жртви на трговија со луѓе без да им се даде потребна заштита. 

Сексуална трговија и принудна работа

Лани биле идентификувани 48 жртви, во споредба со седум жртви во 2020 година - 40 биле жртви на принудна работа, две на сексуална трговија, две биле жртви на сексуална трговија и принудна работа, а четворица биле жртви на принудна
труд преку принуден брак. Од нив, 36 биле мажи, шест биле жени, пет биле девојчиња, а едно момче; 39 биле жртви од
Тајван и еден од Русија. Жени и девојки кои се жртви на трговијата со луѓе, биле присилени на сексуални услуги и принудна работа во ресторани, барови и ноќни клубови во земјава. Дел од овие жени и девојки биле транспортирани и во земјите на Западна Европа, каде се присилени на физичка работа и сексуални услуги. Дел од трговците, кои се најчесто роднини или блиски познаници на семејствата, ги експлоатираат децата преку нивно присилување да питачат, но и да даваат сексуални услуги преку принудни бракови.

Во 2021 година, во шелтер центри биле сместени четири жртви и три потенцијални жртви (пет жртви во 2020 година), а во транзитниот центар биле сместени 39 странски жртви (ниту една во 2020 година). 

Кршење на детските права 

Трговијата со луѓе, особено трговијата со деца е еден од најсериозните облици на кршење на човековите права и слободи и како таква остава трајни последици врз жртвите, особено кај децата и нивниот натамошен психофизички развој и социјализација. Според полициските сознанија, во досегашниот период како жртви на присилни детски бракови се идентификувани деца од сиромашни семејства, каде родителите се со ниско или без образование или потекнуваат од семејства со асоцијално поведение. Овие и вакви случаи оперативно се откриваат од Мобилните тимови или од страна на припадниците на Националната единица, како и по добиени пријави од граѓани.

Според МВР, во изминатите пет години, идентификувани се 11 случаи на присилни бракови, од кои 10 се девојчиња на возраст од 15 – 17 години. Најчесто станува збор за домашни жртви (8) и во два случаи за странски деца жртви експлоатирани во рамки на државата, а во два  случаи домашна жртва е експлоатирана во странство (Белгија и Босна и Херцеговина). Жртвите биле продавани за 700 до 2.000 евра.