1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Столтенберг: Вратата за НАТО е сеуште отворена

БГ/ртр18 мај 2016

Генералниот секретар на НАТО денеска ја предупреди Македонија да не дозволи политичката криза да ги уништи нејзините надежи за приклучување кон воената алијанса. Столтенберг бара повлекување на амнестијата

https://p.dw.com/p/1Iq3i
Фотографија: Reuters/F. Lenoir

Во првата јавна изјава во врска со политичката криза во Македонија, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг го повика претседателот Ѓорге Иванов да ја повлече амнестијата за повеќе од 50 политичари вмешани во скандалот со прислушкувањето.

„Вратата во НАТО е сѐ уште отворена, но од суштинско значење е лидерите на земјата да ги решат проблемите со владеењето на правото, вклучително и повлекување на претседателската амнестија“, изјави Столтенберг на прес-конференција.

„Важно е да постојат минимум услови за нормален демократски политички живот“, дополни генералниот секретар на НАТО, пренесува Ројтерс.

Уставниот суд во Македонија денеска привремено ги суспендираше подготовките за избори на 5 јуни додека да реши дали распуштањето на парламентот во април годинава било во согласност со Уставот.

Европската Комисија, која исто така изрази загриженост за владеењето на правото и демократијата во Македонија, го поздрави потегот.

Македонија е кандидат за членство во НАТО и во ЕУ. Западот, според Ројтерс, смета дека најдобар начин за обезбедување на стабилноста во сиромашната балканска земја е нејзиното членство во двете организации.

Сепак, останува да се реши и спорот за името со Грција која долго го блокира пристапувањето на Македонија и кон НАТО и во ЕУ.