Дали Германците наскоро ќе мора да се „смрзнуваат”?
11 јули 2022Многу потстанари во Германија деновиве добија писма што нема да ги радуваат. Сопствениците на станови и управителите на зградите го зголемуваат месечниот паушал за греење поради драматичниот пораст на цената на енергенсите. Сто проценти плус најавува градежна компанија од Берлин за околу 31 илјада станови во нејзина надлежност кои се греат на гас или нафта. Притоа нема информација ни дали таквото зголемување ќе биде доволно. Високите цени на енергијата ќе дојдат до израз временски одложено, бидејќи пресметката на паушалот и фактички настанатите трошоци се случува на крајот на годината.
ГдВ, здружение на кое му припаѓаат околу три илјади компании за домување од Германија, пресмета дека секое домаќинство следната година ќе треба да планира до 3800 евра повеќе за греење.
Загрозен социјалниот мир
Се работи за сосема нормални луѓе со приходи „со кои не може да се компензира толкавиот пораст на цените со просто откажување од втор или трет одмор”, предупредува Здружението за домување од Саксонија. „Зборуваме за семејна егзистенција, тоа политиката мора конечно да го сфати”. На луѓето не им тежат само растечките цени на енергенсите. Инфлацијата се одразува речиси на сѐ. Канцеларот Олаф Шолц појасни дека ниту една држава нема да може да ја спречи претстојната лавина на трошоци. „Нема да може да ги субвенционираме сите цени“, нагласи канцеларот. Министерот за економија, пак, веќе со недели граѓаните ги подготвува за штедење на енергија.
Ладен туш и топла облека
Најголемиот концерн за недвижности во Германија, „Воновија”, планира во становите кои се греат на гас навечер температурата на парното греење да ја намали на 17 степени. Тоа би ја намалило потрошувачката за осум проценти, велат од таму и додаваат дека преку ден ќе се грее како и вообичаено. Снабдувањето со топла вода не е засегнато од оваа мерка. Нема ограничувања за туширање или капење.
Различна е ситуацијата во Диполдисвалде, во покраината Саксонија, каде едно ѐдружение за домување неодамна ги извести потстанарите дека во иднина топла вода ќе само рано наутро, напладне и навечер, а парното греење до септември ќе биде исклучено. „Како што беше најавено на собирот на членови, мора да штедиме за зимата."
„Народот е чекор пред политиката во Берлин“
Откако на социјалните мрежи се појави фотографија од дописот, кој предизвика жива дебата, министерката за градежништво, Клара Гејвиц, побрза да ги оцени ограничувањата како противправни. Сојзиот на потстанари во Герм,анија посочи дека недостиг на топла вода е основа за намалување на киријата.
Но, здружението не се откажува од идејата и посочува дека потстанарит, како што вели член на Управниот одбор, покажале големо разбирање. Се вели дека им е драго што поттикнале дебата, иако компанијата е предмет на навреди. „Народот е чекор пред политиката во Берлин“, се вели од Управниот одбор за агенцијата ДПА.
Загриженост за Северен тек
Дали политиката навистина не може да држи чекор со драматичниот развој? Во Министерството за економија клима-уредите се исклучени со недели, наесен помалку ќе се грее. Тоа би можело да се направи и во министерствата на покраините и во институциите, изјави министерот Роберт Хабек во петокот (8.07) во Бундесратот.
Факт е дека зависноста од руски гас во Берлин предолго беше потценувана. Поголемиот дел од гасот тече низ гасоводот Северен тек 1, кој гасот преку Балтичко Море го транспортира диркетно во Германија. Во 2021 година уделот на испораки на руски гас беше 55%, а сега, според Министерството за економија, е 35%.
Само поправка или стоп на испораката?
Русија значително ја намали испораката и тоа го образложи со недостиг на турбина за гас од Сименс Енерџи, заглавена на поправка во Канада поради санкциите против Русија. Канада сега даде дозвола за извоз на турбината - во Германија, на предлог на германската влада. „Ја поздравуваме одлуката на нашите канадски пријатели и сојузници“, изјави вчера (10.07) портпарол на владата во Берлин. Сега во Берлин може да се донесе одлука гасната турбина да се транспортира во Русија.
Тоа штогасоводот Северен тек 1 од изутринава е исклучен заради инспекција отвора сомнежи дали Русите по инспекцијата, предвидена да трае 10 до 14 дена, ќе ја отворат повторно славината за гас или не?
„Ако турбината стаса по поправката, тоа ќе дозволи зголемување на капацитетите“, се вели од Кремљ и се тврди дека Русија не го користи гасот како средство за политички притисок.
Подготовки за најлошото
Но, токму од тоа се плаши германската влада, која ја обвини Русија за „економски напад“ поради намалената испорака на гас. Во Берлин се надеваат на најдоброто, но во исто време се подготвуваат за најлошото. Се носи законска регулатива за да се ублажат последиците од недостигот на енергија и ефектите од нејзиното поскапување.
Законот за енергетска безбедност предвидува дека во иднина наместо гас за производство на електрична енергија ќе се користат повеќе термоцентрали, така што гасот може да се користи за греење. Досега беше препорачуваано да се согорува што е можно помалку јаглен во интерес на заштитата на климата.
- повеќе: Снабдување со гас: Германија прогласи „тревога“
Девет милијарди евра за Унипер?
Од друга страна, се олеснува давањето државна помош за погодените енергетски компании. Пример е Унипер - од средината на јуни снабдувачот со енергија, кој речиси целосно зависи од руските испораки на гас, објави дека добива само 40 отсто од договорно загарантираните количества гас од руски Гаспром и дека морал да набави заменски количества на светскиот пазар по значително повисоки цени.
Ова ја става компанијата во финансиски несигурна позиција, поради што сега Унипер побара финансиска помош од државата. Се разговара за девет милијарди евра кои би ѝ биле доделени според примерот на државното учество во авионскиот превозник Луфтханза во екот на корона-кризата. Кога авиосообраќајот се нормализираше, владата можеше повторно да ги продаде акциите, па дури и да оствари профит.
Се наѕира ли тешка економска криза?
Речиси секојдневно се зголемува бројот на снабдувачи на енергија кои се финансиски загрозени. Колку може да биде голем финансискиот заштитен пакет за системски важни компании без да се преоптоварува државата? Прашањето е особено важно поради фактот што големите индустриски производители веќе тешко можат да си ги платат сметките за гас.
„Нашата земја веројатно се движи кон најтешката економска криза од основањето на Сојузна Република Германија“, предупреди лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц во Бундестагот. Во земјата е регистрирана највисока стапка на инфлација во последните 30 години, а за првпат по децении трговскиот биланс стана негативен, што значи дека Германија увезува повеќе стоки отколку што извезува. Според Мерц, на германските компании им се заканува губење на конкурентноста на меѓународно ниво.
Конјунктурен пад од 12%
На крајот на јуни Институтот за економски истражувања „Прогнос“ спроведе студија за последиците во сценарио на целосно запирање на снабдувањето со руски гас. Во овој случај Германија би морала да се задоволи со испораките од други земји и со количествата на гас складирани досега.
Според студијата, по првите четири недели од прекинот на испораката веќе нема да има доволно гас за сите. Со оглед на тоа што, според законот, примарно се снабдуваат приватните домаќинства, социјалните установи и добавувачите на парно греење, прекинот првенствено ќе влијае на индустријата. Најмногу ќе бидат погодени секторите како што се преработка на челик, суровото железо, хемикалиите и стаклото, каде се очекува пад на производството од околу 50 проценти.
Но, погодена би била практично целата економија. Според „Прогнос“, проценките се дека при целосен прекин на снабдувањето со руски гас, германското економско производство би можело да забележи пад од 12,7% до крајот на годината. За споредба: како последица на локдаунот поради короната во пролетта 2020 година, брутодомашниот производ во вториот квартал се намали за историски 9,7 проценти на годишно ниво.