1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Страв од корона-вирусот – што мора да знаеме

Александер Фројнд
28 јануари 2020

Каде има заразени лица? Како се пренесува вирусот и кои заштитини мерки имаат смисла? Ова се фактите за корона-вирусот:

https://p.dw.com/p/3Wtw1
China, Wuhan: Patienten mit SARS-ähnlichen Virus infiziert
Фотографија: Getty Images/AFP/STR

Колку бргу се пренесува новиот вид заболување на белите дробови?

Изненадувачки брзо: бројот расте речи секој час. До 28 јануари се потврдени над 4.500 заразени лица. Претставник на хонгкогшките здравствени власти кој сакаше да остане анонимен, за германската агенција ДПА излезе со црни прогнози дека бројот на нерегистрирани инфицирани лица во моментов е околу 25.000 лица. 106 лица веќе починаа како последица на вирусното заболување. Најпогодени се постарите лица, а починатите претходно имале некакво сериозно хронично заболување. Потврдени заразени случаи има и во Тајланд, Јапонија, Јужна Кореја, Тајван, САД, Канада, Франција, Германија. Азиските соседи и повеќе аеродроми во други земји низ светот во меѓувреме воведоа здравствени контроли за треска и други заштитни мерки при влез во државите. Општата нервоза доведе и до пад на акциите на азиските берзи.

Japan Warnung Coronavirus
Загрижени соседи: Во многу земји се врши детална контрола на патниците кои доаѓаат од Кина (фото: аеродромот Ханеда во Токио, Јапонија)Фотографија: Reuters/Kim Kyung-Hoon

Како се пренесува вирусот?

Кинеските здравствени власти во меѓувреме потврдија дека вирусот се пренесува и од човек на човек. Клучно прашање е колку лесно се пренесува и дали потоа мутира и се прилагодува. Потврдено е дека вирусот првпат е регистриран на затворениот рибен пазар во Вухан, каде што се продаваат и диви животни. Најверојатно вирусот се пренел преку директен контакт од животно на човек (зооноза), или како и многу други микроби – едноставно преку воздух. Исто така зооноза е можна и преку храна, при конзумирање на месо или други животински производи ако истите не се добро термички обработени или приготвени во нечисти услови – тогаш тие исто така претставуваат извор на инфекција.

China mysteriöse Lungenkrankheit - Coronavirus
Корона-вирус под микроскопФотографија: picture-alliance/dpa/Center for Disease Control

Што се знае досега за вирусот?

Експертите по генетика го изолираа новиот корона-вирус во 2019 под кодот nCoV. Тој досега не бил дијагностициран кај луѓето. Корона-вирусите се познати уште од 1960 година. Името е изведено од испакната протеинска структура во облик на круна на пликот на вирусот. Во суштина корона-вирусот не е нешто невообичаено. Често овие инфекции се безопасни и поминуваат како со симптоми на грип како треска, кашлица и затнатост. Исто така може да се појават болки во желудникот и дијареја. Но, корона-вирусите се незгодни и крајно разновидни – тие им припаѓаат на РНА вирусите кои се подложни на голема генетска варијабилност. Тоа значи: многу им е лесно да мутираат и да заразат различни видови. Како резултат на тоа тие предизвикуваат и потешки белодробни заболувања, гушење и пневмонија, кои може да доведат до смрт.

Повеќе:

Фотографија на денот: Корона-вирусот стигна во Германија

Кинезите и корона-вирусот: Кому да се верува?

Стравот од корона-вирусот го претвори Вухан во град на духови

Во 2002 и 2003 година, на пример, агресивниот корона вирус САРС (SARS-CoV) предизвика епидемија. Тогаш во светот заболеа повеќе од 8000 лица од кои околу 800 починаа. Погодени беа триесет земји. Во 2012 година беше откриен корона вирусот МЕРС (Middle East Respiratory Syndrome- MERS-CoV­) кој се прошири на Арапскиот Полуостров.

China Temperaturmessung in Wuhan
Фотографија: Getty Images/AFP/H. Retamal

Што е поопасно – САРС или новиот корона-вирус?

Загрижувачка е изјавата на кинеските здравствени власти од 26 јануари дека новиот корона-вирус може да се пренесе и во времето на инкубација – значи уште пред да се појават симптомите. Кај САРС во 2003 тоа беше поинаку. Тогаш вирусот се пренесуваше дури откако ќе се појават првите симптоми. Од друга страна, САРС беше многу поопасен отколку новиот корона-вирус. Речиси десет проценти од заболените со САРС тогаш починаа. Во сегашната епидемија смртноста кај заразените е помала од три проценти. И скоро сите имаа некакви други болести. Многу е можно добар дел од пациените во Вухан, поради начинот на кој се развива болеста, да не отишле навреме на лекар, со што бројот на смртни случаи веројатно би бил и помал. Професорот Марк Харис, виролог од универзитетот во Лидс, проценува дека со оглед на големиот број непријавени случаи смртноста е околу 0,1 процент, што е исто како и кај сезонскиот грип.

Кои мерки имаат смисла?

Комитет за ургентни случаи на СЗО се занимава со прашањето дали треба да се прогласи меѓународна вонредна здравствена состојба. Тука спаѓаат мерки за карантин, заострени гранични контроли, формирање посебни центри за третман на заболените, или пак ограничувања во меѓународниот сообраќај. Досега СЗО нема преземено таков чекор. Во Кина и на аеродромите на повеќе азиски држави, во САД и Италија уште сега се воведени контроли на телесната температура на патниците. 

И натаму важат општите правила за хигиена и однесување, односно да се избегнува близок контакт со луѓе со акутни респираторни инфекции и живи или мртви домашни и диви животни, редовно миење на рацете, особено по директен контакт со заразени лица и нивната околина.

За експертите сѐ уште не постои опасност од глобално ширење на болеста. Посебни мерки во Германија не биле нужни, вели Јонас Шмит-Ханазит од институтот Бернард Нохт. „Во моментов опасноста е навистина многу мала", вели вирологот во интервју за ДВ. „Важно е да има постојан мониторинг на ситуацијата, не само од страна на СЗО, туку и од институтот Роберт Кох и Европскиот центар за превенција и контрола на болести.”