Стравот од Кина ја турка ЕУ кон единство
27 март 2019Кинескиот претседател Ши Џинпинг би сакал одвоено да преговара со секоја европска влада. Сигурно на тој начин би можел да добие подобри услови за својата земја. Наместо тоа, Ши во Франција го дочека тројка: освен францускиот претседател Емануел Макрон, таму беше и германската канцеларка Ангела Меркел, а им се приклучи и претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер. Пораката беше следната: ЕУ настапува заеднички кога се работи за трговските прашања.
Но, тоа за жал не важи за целата Унија. Ши, имено, во Франција стигна од Италија. А владата во Рим го дочека кинескиот претседател со сите почести и прифати да учествува во гигантскиот инфраструктурен проект „Нов пат на свилата“. Италија така стана првата голема западна индустриска сила која тргна по тој пат.
За италијанските фирми тука ќе има корист, но користа ќе биде далеку поголема за кинеските фирми. Зад тоа стои долгорочна стратегија, а зад неа државниот врв во Пекинг: Кина сака да создаде уште еден мост на почвата на Европа така што ќе вложи пари во пристаништата Ѓенова и Трст.
Расте недовербата
Се повеќе влади со негодување гледаат на кинеските инвестиции во нивните земји, тоа не се однесува само на западните земји. Загриженост предизвикуваат не само огромната финансиска зависност и тоа што со продажбата на фирми на Кинезите се губи технолошката предност. Доколку кинескиот телекомуникациски гигант Хуавеи учествува во изградбата на новите мрежи на мобилна телефонија 5Г, експертите за безбедност предупредуваат дека Кина би можела да го искористи тоа и за шпионажа. Затоа, на пример, САД, Австралија и Нов Зеланд го исклучија Хуавеи како кандидат за развој на мрежите за супербрз интернет.
Ангела Меркел ја критикуваше Италија на Самитот на ЕУ минатата недела со изјава дека „би било подобро да се делува заеднички“. Но Германија и самата со години беше премногу наивна кога се работи за кинеските намери. И Германија молчешкум го прифаќаше фактот дека Кинезите и не помислуваат на Европејците да им го отворат пазарот до таа мерка во која на кинеските фирми им е отворен европскиот пазар.
Причината за молкот во Берлин е јасна: за извозната велесила Германија кинескиот пазар е толку важен, што на секој начин се избегнуваат остри зборови кои можеби би довеле до проблеми. Но расположението се промени- па и во Германија. Клучниот аларм се вклучи веројатно во 2016 година, тогаш кога Кинезите ја презедоа германската фабрика за индустриски роботи „Кука“. Од друга страна, незамисливо е некои странци во Кина да купат фирма од толку голема технолошка и стратешка важност. Оттогаш- не само германската влада, туку и Европската комисија- размислуваат како Европа да се заштити од таква „распродажба“ и каква улога притоа треба да игра политиката.
Кина тежнее кон хегемонија
Во сето тоа не се работи само за уривање на мостовите кон Кина или во целост да се отфрли иницијативата „Нов пат на свилата“. Тука пред се работи за чесни услови и еднаков пристап кон пазарите.
Кога Доналд Трамп влезе во Белата Куќа и најави дека „Америка е на прво место“, Берлин и Париз беа пресреќни затоа што Кина се понуди како спасител на мултилатерализмот. Но на Пекинг не му е до мултилатерализам, туку побрзо до билатерализам и, на крајот на краиштата, до сопствен хегемонизам.
Интересно е што токму тој, толку омразен Трамп, покажа дека Кинезите и тоа како можат да се наведат на попуштање. Ниту една држава на ЕУ поединечно ја нема таа тежина и не може да создаде толкав притисок врз Кина, но ЕУ како целина- може. Таа мора да делува како единствен блок. Затоа заедничкиот настап на Макрон, Меркел и Јункер кон Ши беше вистинската порака.